Регион

Како воените злосторници во Србија станаа херои?

Воените злосторници кои ги отслужија своите казни, станаа активни учесници во политичкиот живот во Србија, благодарение на Владата и на медиумите, кои, промовирајќи ги како херои, решија да го заборават она што тие го направија.

Марија Ристиќ, Белград

Небојша Павковиќ, лево, и Владимир Лазаревиќ, десно, во 2011 година присуствуваа на воена вежба во Пирот, Србија. Фото: Бета

Никогаш повторно никој нема да се срами од овие луѓе”, изјави министерот за одбрана на Србија, Александар Вулин, на состанокот со поранешните старешини на Третата армија на Војската на Југославија (ВЈ).

„Помина времето кога граѓаните требаше да се срамат од оние, кои тогаш ја бранеа државата и народот”, додаде тој.

Оваа средба немаше да биде невообичаена, доколку меѓу старешините, на кои Вулин им се обрати, немаше и лица осудени за воени злосторства.

Во првите редови беа Владимир Лазаревиќ, поранешен командант на Приштинскиот корпус на ВЈ, и Никола Шаиновиќ, поранешен заменик премиер на СР Југославија.

Да потсетиме, Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) го осуди Лазаревиќ на 14, а Шаиновиќ на 18 години затвор, за водење на воена кампања во Косово, која резултираше со 11.000 убиени косовски Албанци и околу 700.000 протерани во соседна Албанија, Црна Гора и во Македонија .

Освен претставниците на српската влада, меѓу оние кои се гордост ги нарекуваат „наши херои”, се и функционери во кабинетот на претседателот, Александар Вучиќ.

Така, генералниот секретар на претседателот на Србија, Никола Селаковиќ, на истата средба, изјави дека „Србија има обврска да ја цени професионалноста” на припадниците на Третата армија на ВЈ.

Ова не е прв пат, Вулин и Селаковиќ да ја покажуваат својата наклоност кон воените злосторници.

Во 2015 година, тие, на Лазаревиќ, кога се врати во Србија по издржувањето на казната, му подготвија херојски пречек.

Меѓутоа, поддршката за воените злосторници не доаѓа само од министрите и другите функционери, туку и од медиумите.

И покрај обврската за почитување на етичкиот кодекс на својата професија, медиумите во Србија ретко го спомнуваат воено минато на хашките осуденици. Иако многу од нив, во последните неколку години, се појавуваа на телевизија или во печатените медиуми,ретко кој од нив се осврна на нивното минато. Наместо тоа, тие беа претставувани како аналитичари, поранешни генерали или советници.

Ако сте биле во можност да ги погледнете и прочитате вестите кои се однесуваа на средбата на старешините, тогаш не сте можеле да слушнете или прочитате за нивните срамни постапки за време на војната во Косово.

Дури и јавниот емитер, РТС, не спомна кои се овие луѓе, на кои Вулин и Селаковиќ со гордост им оддадоа почит.

Но, затоа, оние кои се противат на негирањето на минатото и на враќањето на воените злосторници во јавниот живот, како што се активистите на Младинската иницијатива за човекови права, се соочуваат со закани, малтретирање, па дури и физичко насилство.

Под слоганите, „Воените злосторници не се наши херои“ и „Воените злосторници да замолчат, за да се проговори за жртвите“, активистите на Младинската иницијатива за човекови права, се обидеа да го спречат јавниот настап и говор на поранешниот полковник на ЈНА, Веселин Шљиванчанин и на поранешен претседател на Парламентот на Република Српска, Момчило Краишник, кои пред Хашкиот трибунал беа осудени за воени злосторства.

Активистите, пак, се соочија со закани и со физички напади, а оние што ги нападнаа никогаш не беа пронајдени.

Додека Србија чекори по патот кон ЕУ, тврдејќи дека го почитува владеењето на правото и ги исполнува критериумите за членство, во однос на гонењето на воените злосторства и справувањето со минатото, нема напредок.

Локалните судења на предметите на воени злосторства, се заглавени во правен вакуум, што се должи на фактот дека главниот обвинител за воени злосторства, не беше назначен една и пол година.

Бројот на одржани судења е најмал од самото формирање на Обвинителството за воени злосторства на Србија во 2003 година, а веќе три години нема подигнато обвинение за злосторствата во Косово.

Она што загрижува е што овој тренд се повторува и во другите земји од поранешна Југославија.

Така, во Босна и Херцеговина, Фикрет Абдиќ, кој за воени злосторства беше осуден на 15 години затвор, денес е градоначалник, а носители на јавни функции се и лица кои се соочуваат со наводи дека извршиле воени злосторства. БИРН, во 2016 година, објави истражување за нивното политичко влијание.

Меѓународната заедница вложи големи напори во формирањето на Хашкиот трибунал, кој треба да се затвори кон крајот од оваа година. Сепак, тој не успеа да го реши прашањето со рехабилитацијата на воените злосторници и нивната реинтеграција во општеството.

Имајќи предвид дека делата извршени од страна на воените злосторници, како што се Владимир Лазаревиќ и Никола Шаиновиќ, во јавноста „се замаскирани“, а тие се претставени како херои, јасно е дека постојат сериозни проблеми.

Како што вели главниот обвинител на Хашкиот трибунал, Серж Брамерц, во својот последен извештај доставен до ООН, националистите во поранешна Југославија и натаму веруваат во својата невиност и жртва.

„Пораката на негирањето и ревизијата е гласна и јасна“, рече Брамерц. „Ги признаваме нашите жртви, но не и вашите. Нашите воени злосторници се наши херои“.