Регион

Караџиќ започна со презентација на својата жалба, злосторствата ги нарече „мит“

Радоша Милутиновиќ, Белград

Радован Караџиќ во судницата на ММКТ во понеделникот. Фото: ЕПА/ЕФЕ/Ив Херман/Пул

Радован Караџиќ вчера пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ) во Хаг изјави дека пресудата и казната од 40 години затвор треба да се поништат и да се наложи повторно судење поради „погрешно утврдените факти“.

Караџиќ рече дека заклучокот во пресудата, оти тој бил протагонист во заеднички злосторнички потфат, со цел трајно и насилно отстранување на муслиманите и на Хрватите од големи делови на Босна и Херцеговина, за да се постигне српска доминација, бил погрешен.

„Како трајно да ги отстраните, ако по војната се воспоставува состојба каква што била пред војната … Трајното протерување е мит“, рече Караџиќ пред судот, првиот ден од презентацијата на жалбата, од планираните два дена.

„Нема начин да биде точно она што го пишува во обвинението“, рече Караџиќ.

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), во март 2016 година, го прогласи Караџиќ за виновен за геноцид во Сребреница, за прогон на муслиманите и на Хрватите низ Босна и Херцеговина, за тероризирање на цивилите во Сараево и за земање на мировници на ООН како заложници.

Караџиќ се огради од српските доброволци и паравоени сили, кои, според пресудата, вршеле злосторства низ цела БиХ.

„Ние ги апсевме и ги судевме“, рече Караџиќ.

Тој го отфрли заклучокот од пресудата дека првата стратешка цел на војната на босанските Срби била одвојување од другите два народа.

Тој тврдеше дека „нема докази за обвиненијата за постоење на намера да се спроведе етничко чистење“.

„Не требаше да се раздвојат народите, туку државните единици … хомогенизација на територијата, а не преместување на народите“, посочи Караџиќ.

Караџиќ ја цитираше изјавата на мировниот посредник, Сајрус Венс, дека „Караџиќ сака да ја избегне војната по секоја цена“.

Негирајќи ја пресудата за тероризирање на населението во Сараево, Караџиќ истакна дека „во Сараево, за 1.400 дена улични битки и војна“, имало помалку жртви отколку што би имало доколку градот навистина бил подложен на терор.

Тој нагласи дека „многу малку цивили“ биле убиени за време на опсадата на Сараево.

„Србите само се бранеа, а муслиманите поттикнуваа инциденти и ги обвинуваа Србите, за да добијат странска интервенција“, нагласи Караџиќ.

Адвокатот на Караџиќ, Питер Робинсон, изјави дека правото на неговиот клиент на фер судење било повредено.

„Тоа беше гломазно меѓусудење базирано на претпоставката дека Караџиќ е виновен, наместо на претпоставката дека е невин“, рече Робинсон.

Заклучоците од пресудата за вината на Караџиќ за геноцид во Сребреница извршен во јули 1995 година, Робинсон ги нарече „нефункционални, лабави и неточни“.

Одбраната на Караџиќ истакна дека тој не знаел за убиствата на илјадниците муслимански затвореници, по падот на Сребреница во рацете на силите на босанските Срби.

„Сребреница е најдокументирано злосторство во 20-от век … Ниту еден од тие документи не потврдува дека Радован Караџиќ го наредил стрелањето“, изјави Робинсон.

„Радован Караџиќ беше осуден за злосторството – геноцид, кое тој не го извршил“, додаде тој.

Според Робинсон, заклучокот за вината на Караџиќ за геноцид во Сребреница, судиите го донеле врз основа на „своја интерпретација на пресретнат шифриран разговор“, кој Караџиќ го водел преку телефон.

Караџиќ, овој разговор, од 13 јули 1995 година – два дена по падот на Сребреница – го водел со претставникот за овој град, Мирослав Дероњиќ, кој го информирал дека во близина на Братунац веќе има околу 2.000 муслимански затвореници и дека „се очекуваат уште повеќе“.

Според транскриптите од тој разговор, за кој не постои аудио снимка, Караџиќ рекол дека „сета стоки мора да биде ставена во складишта утре пред дванаесет часот… не во складишта таму, туку на друго место“.

Судскиот совет во пресудата заклучи дека Караџиќ наложил илјадниците затвореници да бидат префрлени во Зворник, каде што Војската на Република Српска (ВРС) во наредните денови ги стрелала.

Робинсон нагласи дека за ова нема други докази. Одбраната, како втора можна интерпретација на зборовите на Караџиќ, наведе дека тој се залагал за пренесување на затворениците во воен затвор.

Во вторник, обвинителството ќе ја презентира својата жалба на пресудата на Караџиќ.

Тоа ќе побара од судиите на ММКТ да му ја зголемат казната на Караџиќ на доживотен затвор и да го осудат по второто обвинение за геноцид над муслиманите и Хрватите, извршен во 1992 година во седум други општини во БиХ.

Со првостепената пресуда, Караџиќ беше ослободен од обвиненијата за геноцид во овие општини.