Регион

Кинески државјанин уапсен поради пеење на ултранационалистички песни

Фото: Твитер профил на „Бранитељски портал“

Кинескиот државјанин, Се Јат Лунг, кој моментално живее во Хрватска, беше уапсен, откако на социјалните мрежи беше објавена видео-снимка, на која се гледа како Лунг пее ултранационалистички песни во едно кафуле во Имотски, каде го гледал финалето на Европското првенство во ракомет меѓу Хрватска и Шпанија.

Хрватските медиуми објавија дека снимката била објавена во неделата, но оти во меѓувреме била избришана од социјалните мрежи. На снимката Лунг ги величи усташите.

„Полицијата синоќа доби дојава дека песни со непримерна содржина се пеат во угостителски објект во Имотски“, изјави за медиумите портпаролот на сплитската полиција.

Тој не го именуваше, но додаде дека „се работи за странски државјанин, кој пеел песни со неприфатливи пораки и содржина што поттикнуваат омраза и нетолеранција“.

Полицијата соопшти дека овој странец утрово бил приведен во полициска станица, поради нарушување на јавниот ред и мир, и дека по кривичната истрага ќе биде изведен пред општинскиот суд во Макарска.

Се Јат Лунг (43) ѝ е добро познат на хрватската јавност. Тој минатиот февруари се појави на суд, затоа што го извикувал усташкиот поздрав „За дом спремни“ во Имотски.

Весникот, „Слободна Далмација“, објави дека Лунг потекнува од Хонг Конг и оти живее во Имотски со својот 16-годишен пријател Ник Чанг, кој, наводно, ја дели фасцинантноста на својот пријател со усташкото движење и има истетовирано „За дом спремни“ на раката.

На прашањето на новинарот, зошто ги обожува усташите, Лунг одговара: „Бидејќи се восхитувам како една мала земја може да биде толку храбра. Во Втора светска војна, тие сакаа независност. Тоа е сонот на луѓето од Хонг Конг. Ние ја мразиме Кина. Ја мразиме како Србија. И ние сакаме независност“.

Сепак, тој вели дека не е расист.

„Јас не ги мразам луѓето поради бојата на кожата или верата. Јас сум десничар. Го кажувам тоа гордо. ‘Right winger’“, изјави тој за „Слободанка Далмација“.

Член 325 од хрватскиот кривичен закон вели дека секој оној што „ќе повика на насилство или омраза, насочени против група лица или член на група поради нивната расна, верска, национална или етничка припадност, ќе се казни со затвор до три години, а организаторите на овие групи, со казна до 6 години затвор”.

Во овој член стои дека оној кој „јавно одобрува, негира или значително го намалува кривичното дело геноцид, злосторството агресија, злосторствата против човештвото или воените злосторства”, може да се соочи со казна до три години затвор.

Сепак, ретко кој е гонет во согласност со овој член од законот за извикување на поздравот „За дом спремни” или за јавно истакнување на усташките симболи. Овие лица, во такви случаи, обично се гонат за прекршок и се казнуваат со парична казна.

Наследството на усташкото движење и на Независната Држава Хрватска (НДХ) е контроверзно прашање во хрватското општество. Употребата на поздравот, „За дом спремни“, исто така, предизвика жестока политичка дебата.

Хрватски совет за справување со последиците од недемократскиот режим на хрватската влада во февруари 2018 година соопшти дека властите треба да дозволат употреба на поздравот, „За дом спремнии”, само „во исклучителни ситуации” и под строги услови, како во случајот со поранешните членови на Хрватскиот совет за одбрана.