Колеги, замислете дека Катја ве гледа

Коментар на Тамара Чаусидис

Велат дека Катја, девојчето што замина во смрт во прегратката на мајка ѝ Ивана, била многу врзана за неа. И не е тешко да се поверува. Двете биле постојано упатени една на друга, соочени со насилство, од кое, како што се покажа и на судењето, ниту Катја не била поштедена. Зашто, што е, ако не насилство, да оставиш мајка и дете на автопат среде ноќ?

Тоа девојче тропало на вратите на соседите, во обид да ја спаси мајка си. Денес таа сè уште е дел од истата насилна приказна, само што, овојпат, насилството е во насловите, коментарите на социјалните мрежи и во страсната подготвеност на дигиталната толпа бргу да дојде до пресуда.

Во постојаната трка по внимание, медиумите лесно забораваат дека сè што е кажано во судница, автоматски не заслужува да стане вест.

Во постојаната трка по внимание, медиумите лесно забораваат дека сè што е кажано во судница, автоматски не заслужува да стане вест

Особено не тогаш кога однапред е јасно дека одредена информација ќе го сврти фокусот кон жртвата наместо кон суштината: семејното насилство, институционалните пропусти и неуспехот на заштитните механизми.

Одеднаш, наместо да се прашуваме што направиле или не направиле институциите, јавноста почнува да прашува каква била мајката Ивана, што правела, со кого била, дали „имало причина“ за тепањето. Сериозно?

Во обид оваа трагедија, од која здивот застанува, некако да ја направиме поподнослива за себе, почнуваме да копаме по нивните животи, во потрага по олеснување на сопствената совест.

Секој детаљ го третираме како важен: секоја изјава, секое сведоштво, секој интимен фрагмент од нивните животи. Се лажеме дека така изразуваме сочувство, а всушност ѝ овозможуваме на јавноста да склопи пресуда што ќе ѝ помогне да воспостави дистанца и полесно да заборави. Како што ги заборави и сите претходни жртви на фемицид.

Не можам да ја заборавам реченицата што ја кажа човек од Кочани, претставувајќи се како професор, по повод свирепото убиство на 46-годишната Танкица: „Докиснало му на човеко.“ Во таа реченица беше содржан целиот наратив на чаршијата околу смртта на оваа жена, убиена пред сопствениот дом, со повеќе од 40 убоди од нож, само пред три години.

Информациите за наводната „врска на Ивана“ се истиот тој наратив, истиот рефлекс на чаршијата, забрзан и мултиплициран во наслови, коментари и споделувања.

Оваа потреба да се најде некаков „карактерен дефект“ кај жртвата е длабоко вознемирувачка. Како еден интимен детаљ од приватниот живот одеднаш магично го менува односот кон насилството? Како да постои околност што би можела ретроактивно да го направи тепањето разбирливо, а трагедијата помалку трагична?

Дополнителен проблем е што дел од медиумите дозволуваат нивните социјални профили да станат платформа за таквиот наратив, практично давајќи простор за јавен линч, морални пресуди и секундарна виктимизација, сѐ во трка по поголем досег, повеќе реакции и поголема видливост.

РЕПОРТАЖА
Анатомија на убиството во Кочани

Не можеме да бидеме слепи пред фактот дека медиумите имаат огромна одговорност. Тие не се само преносители на информации, тие се креатори на рамката низ која јавноста гледа на одреден настан. Кога од секоја изјава се прави посебна вест, кога најинтимните делови од нечиј живот се вадат во наслов, медиумите не информираат, туку ја режираат јавната перцепција на трагедијата.

Со тоа тие стануваат дел од просторот, во кој непочитувањето на жртвите продолжува во насловите и во коментарите.

И затоа ќе си дозволам да сугерирам: колеги, замислете дека Катја ве гледа.

Што би видело тоа дете во вестите што се нижат како на лента од секој искажан збор на судењето? Обид од секој детаљ од животот на нејзината мајка да се направи мамка за внимание. Наслови што произведуваат морални пресуди кај луѓе што не биле ни во тој дом, ни во тој страв, ни во таа безизлезност?

Ако и по една ваква трагедија, сè уште повеќе нè интересира со кого била таа отколку зошто никој не ја заштитил, тогаш проблемот не е само во системот што дозволил да се случи тоа.

Проблемот е и во нас, кои одлучуваме што ќе стане вест. И зошто.