ММЕ, кој прв ќе лета?

„Информација за моменталниот статус на административните и оперативните капацитети и предложените мерки за зајакнување на административните и оперативните капацитети на Државниот инспекторат за транспорт“. Ова била трета точка на дневниот ред на 120-та седница на Владата, одржана на 12.2.2019 година. Се одржа точно еден ден пред страотната автобуска несреќа, во која животот го изгубија 14 луѓе.

Не знам каква е судбината на ваквите информации. Дали само се „даваат на знаење“ и завршуваат во темнината на некоја фиока, или произведуваат одредени активности за решавање на посочените проблеми. Во соопштението објавено по оваа владина седница, немаше ништо поврзано за оваа информација.

Токму Државниот инспекторат за транспорт е надлежен за дел од прашањата што излегоа на површина по несреќата кај Ласкарци. Но, и самото листање на документите на овој Инспекторат, исто така може да ве однесе во „тежок судар“ со реалноста. Ако го прочитате документот објавен на неговата веб-страница (dti. gov.mk) под наслов „Стратешки план за развој 2018/2020“ од 6.12.2017 година, не само што нема да ви текне да користите јавен превоз, туку и автобуските станици ќе ги заобиколувате во радиус од еден километар.

Во таа стратегија се вели дека Инспекторатот има недостиг од кадровски и други клучни ресурси за работа; дека поради зголемен обем на канцелариска работа со документација, сe намалува присуството на инспектори на терен, односно инспекциските надзори во патниот сообраќај се во тренд на целосно опаѓање; дека секое возило има ограничување на месечните трошоци за гориво, односно во просек може да помине 30 километри во еден работен ден.

Таман човек ќе помисли дека и таа дневна километража гарантира некаков минимум инспекциски опсег, во заседа ве чека графикон, кој открива со каков грандиозен возен парк располагал Инспекторатот: вкупно 18 автомобили! Се лажете ако мислите дека таа бројка е наменета за подрачјето на главниот град. Со тие 18 возила треба да се покријат инспекциските активности на целата територија на државата. За Скопје се наменети 3 возила, а за „остатокот“ од државата 15.

Поделете ја оваа со бројката на поголемите општини (сообраќајно пофреквентни) и ќе видите колку општини треба да се покријат со едно возило. Но, тоа не е сѐ. Од тие 18 возила, дури 17 се набавени во минатиот век. Три се купени во 1995 година, 11 во 1996 (едно од нив веќе е надвор од употреба), едно било набавено во 1997 и две во 1998. „Најновото“ возило е купено во 2001 година, и практично е генерациски врсник на сега уништениот автобус на „Дурмо турс“.

Но, следи клучниот дел од приказната. Имено, по донесувањето на регулативата со долго име – „Закон за работното време, задолжителните одмори на мобилните работници и возачите во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај“, Инспекторатот во 2012 година добил лаптопи и преносни печатачи, токму поради воведениот инспекциски надзор на дигиталните тахографи. Но, таа опрема останала неискористена поради „несоодветноста на возилата, недостиг од картички за симнување на податоците од тахографите, и пред сѐ, некомплетната база со податоци која не му дозволува на софтверот да утврди казни кои би произлегле од утврдено прекршување на Законот“.

Нека објасни некој зошто државната МЕПСО и ред други може да се луксузираат со илјадници евра за скап мебел и нови возила, а овој Инспекторат, како и други институции, да немаат основни ресурси за работа

За појаснување – тахографи се инструменти за автоматско снимање на брзината и времето на патување на возилото, како и видот и времетраењето на активноста на возачот. Поради наведените причини, дигиталните тахографи не функционирале од 2012 до декември 2017, кога е објавена стратегијата. Нема потврда дали се користеле минатата година.

Од Инспекторатот се жалат и на неможноста за користење на ИТ-алатки поради ниското ниво на информатичка писменост на инспекторите, недостиг од процедури за изготвување и размена на компјутерски податоци и недостиг од интернет-врска со подружниците!

Како вишна врз шлагот е презентирана информацијата дека „договорот за користење на обезбедените мобилни телефони овозможува неограничена комуникација меѓу персоналот на Инспекторатот, но има горна граница од само едно (1) евро за надворешна комуникација, а тука се вклучени органите со кои инспекторите имаат постојани врски – полицијата, Царината, Централниот регистар, Македонија пат…“

Значи, ако од овие 18 крнтии на четири тркала со лимитирано гориво, и од инспектори со телефонски лимит од едно евро за разговор со полицијата која им дава асистенција, ако од тие ресурси зависи моќта и фреквентноста на инспекцискиот надзор, тогаш Македонија е на вистинскиот пат да стане или веќе станала „елдорадо“ за јавен превоз без реална контрола.

Не е загуба ако бидат разрешени неколку раскалашени функционери. Загуба е ако губиме човечки животи поради сплет од системски пропусти предизвикани од дисбаланси и во приоритетите и во распределбата на буџетските средства, со интерни лимити од едно евро

Па, има ли во земјава некакви приоритети? Дали е приоритет безбедноста на граѓаните или безбедноста на раскалашените директорски задници во фотелји од телешка кожа? Нека објасни некој зошто државната МЕПСО и ред други може да се луксузираат со илјадници евра за скап мебел и нови возила, а овој Инспекторат, како и други институции, да немаат основни ресурси за работа. И уште кога ќе слушнам како од МЕПСО се правдаат дека мебелот им бил стар 20 години, добивам желба да ги катапултирам до Њујорк, за да го видат мебелот во зградата на ОН.

Патем, се сеќавате ли колку бевме фрапирани од сопчето (канцеларијата), во која во 2015 година комесарот Хан седна на разговори со македонската лидерска четворка? Сѐ додека не ја видовме и скромната канцеларијата на Могерини.

Но, и тоа не помогна, барем не кај некои директори кои изгубија секаква ориентација во трошењето државни пари за ентериерни луксузирања. Ако страдаат од некакви комплекси, нека ги лечат со свои, а не со буџетски пари. Бидејќи, сѐ додека има лакоми личности во власта и лабава контрола и санкција врз нив, за други ќе остануваат само трошки од државниот буџет. А најлошо е кога трошките остануваат за најсуштинските потреби – здравјето и безбедноста. И тоа мора темелно да се смени.

Оние што досега се луксузираа на државна сметка, токму тие отсега треба да добијат лимит за такви трошоци од едно евро, а досега набавените возила и мебел да се распределат таму каде што навистина се потребни. Ако некому тоа не му се допаѓа, нека си замине, пред, без никакво двоумење да биде разрешен од функцијата. Не е загуба ако бидат разрешени неколку раскалашени функционери. Загуба е ако губиме човечки животи поради сплет од системски пропусти предизвикани од дисбаланси и во приоритетите и во распределбата на буџетските средства, со интерни лимити од едно евро. А знаеме дека животот нема цена.