Регион

Косово бара признавање од Белград и суд што ќе им суди на Србите

Лидерите на преговарачкиот тим на Косово, Шпенд Ахмети (лево) и Фатмир Лимај (десно), со претседателот на Собранието, Кадри Весели. Фото: Собрание на Косово

Новиот официјален тим на Приштина, задолжен за преговори со Белград во Брисел, се согласи со т.н. „Платформа за дијалог“, која се однесува на преговорите за конечен и правно обврзувачки договор за нормализирање на односите со Србија, во која е вклучено и барањето, Белград да го признае Косово.

Преговарачката платформа, во која БИРН имаше увид, денеска му беше доставена на претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели, а наскоро ќе биде ставен и пред пратениците на гласање.

Првиот принцип околу кој се усогласиле преговарачите, вели дека главна цел на Косово е Србија да го признае и да даде четири правно обврзувачки ветувања, меѓу кои и отфрлање на приговорите на Белград, Косово да стане членка на ООН.

Во документот се наведува дека Приштина сака „да се запрат сите активности кои го попречуваат Косово на патот кон неговото меѓународно признавање како независна и суверена држава; да се почитува територијалниот суверенитет и интегритет на Република Косово; да се запрат сите приговори или поттикнувања на трети страни да вложат приговори, на барањата на Република Косово за членство во меѓународните организации, вклучувајќи ги и ООН, Советот на Европа, ОБСЕ и нивните агенции; и да се стави крај на сите форми на мешање во внатрешните работи или во меѓународните односи на Република Косово“.

Платформата нагласува дека конечниот договор со Белград, мора да содржи договор за формирање на нов трибунал, кој ќе „спроведе истраги, ќе ги процесира и ќе донесе пресуди за воените злосторства што Србија ги изврши во Косово, во 1998 и 1999 година“.

Предлогот за формирање на нов суд пред кој ќе им се суди на Србите, доаѓа среде  подготовките за подигање на првите обвиненија пред Специјализираните совети на Косово, со седиште во Хаг, односно пред т.н. специјален суд, основан да им суди на поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и на други герилци, за воени злосторства во Косово.

Во платформата се додава оти прашањата, како што се оние кои се однесуваат на лицата исчезнати во војната, на воените жртви на сексуално насилство и на репарациите за воените штети, исто така, треба да бидат дел од преговорите со Србија.

Платформата вклучува уште еден принцип, во кој се вели дека територијата на Косово нема да се менува.

Претседателот на Косово, Хашим Тачи, минатата година предизвика контроверзи кога посочи дека може да дојде до „корекција на границата“ со Србија, во контекст на конечниот договор за нормализирање на односите.

Ова прашање предизвика сериозен јаз меѓу Тачи и премиерот, Рамуш Харадинај, кој жестоко се противи на каква било промена на границите, како што е размената на територии со Србија.

Откако платформата му беше доставена на Весели, лидерот на преговарачкиот тим, Фатмир Лимај, ги повика пратениците да го усвојат.

„Принципите се оние кои гарантираат мир во овој дел од регионот. Секому треба да му биде јасно дека Косово оди во Брисел за да добие признание, ништо друго“, изјави Лимај за медиумите.

Според платформата, финалниот договор помеѓу Приштина и Белград ќе стапи на сила само откако, „а) Србија ќе го признае Косово, б), откако ќе се одржи референдум за договорот со Косово и в) откако парламентите на двете земји ќе ја ратификуваат спогодбата“.

Србија соопшти дека никогаш нема да ја признае својата поранешна покраина како независна држава.

Разговорите меѓу претставниците на Белград и на Приштина во Брисел, започнаа во 2013 година, а позитивниот исход од овие разговори се смета за клучен за желбата на двете земји да станат членки на ЕУ.

Преговорите моментално се прекинати, поради спорот околу воведувањето на даноци за  стоките од Србија, од страна на Косово.