Регион

Експлоатираните собирачи на отпад на Косово

Отпадот за рециклирање е на прво место на листата на производи за извоз на Косово. Тоа е индустрија што тежи 40 милиони евра изградена врз плеќите на експлоатираните малцинства и деца

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Дванаесетгодишната Ресмије е премногу ниска за да стигне до контејнерот, па се качува отстрана и скока во него.

Ги кине вреќите со отпадоци и гнила храна, и извлекува сѐ што може да има некаква вредност: пластични шишиња, лименки од безалкохолни пијалаци, електрични кабли. Ги става во дрвена количка што ја турка нејзиниот вујко.

Тие двајца се тука уште од зори, чепкајќи низ ѓубрето на другите луѓе низ улиците на Косовско Поле (Fushe Kosova), град што се наоѓа јужно од Приштина, познат како центар на косовската индустрија за рециклирање.

„Можам да заработам шест до седум евра на ден”, вели Ресмије, со гордост. Таа има црна коса, нееднакво истрижена во должина над рамењата и носи розово-сива блуза на која пишува „Ја сакам модата”.

За илјадниците неформални работници во растечката трговија со материјали за рециклирање на Косово, неколку евра е сѐ што можат да очекуваат за целодневна работа што се состои од пребарување низ контејнерите за отпадоци или депониите.

Тие го продаваат металот, пластиката, најлонот и хартијата што ја наоѓаат во ѓубрето на посредници во маалските собирни пунктови, каде што отпадот се сортира пред да бидат препродаден на извозните компании. Косово нема програма за рециклирање.

Сѐ она што е најдено во кантите за ѓубре се пренаменува во производи кои се продаваат ширум светот: синтетички ткаенини за облека, пластични ремени за транспорт на кутии, челични прачки кои се користат за зајакнување на бетонот, се само неколку од овие производи. Има голема побарувачка за сѐ: од полиетилен до леано железо и челична легура.

Според податоците на царинската управа добиени од Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН) отпадниот материјал за рециклирање е број еден извозен производ на Косово, вреден во просек повеќе од 40 милиони евра годишно.

Тоа е индустрија изградена врз плеќите на очајните и сиромашни заедници – особено маргинализираните малцинства составени од Роми, Ашкалии и Египќани (РАЕ).

Дискриминацијата, неписменоста, невработеноста и ограничената социјална сигурност значат дека собирачите на отпадоци немаат друг избор освен да ја вршат оваа валкана и опасна работа.

Слично како Ресмије, многу од нив се деца кои се принудени да се отпишат од училиште.

Елизабет Гавинг, раководителка на „Партнерство за идеи“, организација за заштита на малцинските права со седиште во Приштина, ја опишува трговијата со отпадоци како еден маѓепсан круг што претставува стапица за многу генерации.

„Необразованите родители пребаруваат по контејнери за отпадоци за да заработат за живот, а нивните деца исто така остануваат необразовани, и ги чека истата судбина”, вели таа.

Хиљми Јашари, независен омбудсман на Косово, вели дека страдањата на децата-собирачи на старо железо претставуваат сериозен предизвик за човековите права.

„Тие живеат во неприфатливи физички, социјални и психолошки услови”, изјави тој за БИРН. „Тие не одат на училиште и често се предмет на различни форми на насилство, злоупотреба и експлоатација”.

Тој додава: „Косовските власти треба да сторат повеќе за да се справат со овој проблем”.

 

Ризик на работното место

Додека полека зазорува над трошните куќи во ромското маало во центарот на Косовско Поле (Fushe Kosova), сите тргаат за на работа.

Мажи, жени, момчиња и девојчиња излегуваат по улиците држејќи празни вреќи. Некои туркаат колички или разнишани двоколки. Неколкумина возат велосипеди со приколки или мини трактори.

Одат на места каде што знаат дека ќе имаат добар улов. Кантите во близина на големите станбени блокови во Приштина, која се наоѓа на шест километри северно оттаму, се најдобри. Бакар, алуминиум и батерии се секогаш добредојдени.

Вахиде Дибрани, мајка на три деца, вози трактор со сопругот додека нејзиниот осумгодишен син останал дома со своите помлади браќа и сестри. Некои денови се подобри од другите. Денешниот плен се состои од влажни килими и пластична кукла.

„Полните една од овие големи торби и добивате пет-шест евра”, вели таа. „Што можете да направите со толку?”

Мини трактор носи полни вреќи со материјал за рециклирање од Приштина што ќе биде продаден на еден од собирните пунктови. Фотографија од Арбен Лапаштица

Дибрани има модринка на главата од неодамнешната несреќа. Додека посегнувала преку контејнерот да фати шишиња и најлон хулахопки, таа паднала право во него, вели таа. Работата си носи таков ризик.

Мустафа Бајрами, човек во педесеттите години со побелена брада, кој собира отпад веќе 30 години, ја покажува лузната на десната рака.

Ја добил додека претурал по ѓубрето барајќи лименки. Парче стакло длабоко му се зарило во месото под палецот. Тој го врзал прстот со партали и раната му зараснала неправилно.

Што се однесува до несреќите, ова се мали повреди.

Минатата година, Елбасан Исуфи, 24-годишен собирач на отпад, починал откако бил удрен од булдожер додека нелегално се движел низ една депонија во источно Косово, објавија локалните медиуми.

Во Косовско Поле (Fushe Kosova), седумгодишно Ромче по име Дритон Јашари, било искасано до смрт од куче во 2014 година, додека собирал лименки.

Од другата страна на границата во Албанија, веб порталите известуваат за слични трагедии.

Во јули, Дашамир Јахја (22) и Дриљон Љамај (27) настрадале откако врз нив паднал ѕид додека собирале старо железо во една поранешна фабрика за суперфосфат во северозападниот дел на албанскиот град Љач.

Една година претходно, булдожер го смачкал 17-годишниот Ардит Ѓоклај во депонијата Шара во Тирана.

Постои и ризик од болести.

„Ако работите цел ден во ѓубре, нема шанси да останете здрави”, вели Дритон Ковачи, собирач на отпад од Подуево (Podujeva/Besiana), град во североисточниот дел на Косово.

Еднаш месечно, Ковачи зема слободен ден од барањето облека и мебел во отпадот за да оди во болница за трансфузија на крв за лекување од жолтица, вели тој.

Повеќето собирачи на отпад работат долги часови без ракавици, маски или заштитна опрема, а фаќаат буквално сè, од користени пелени и ‘рѓосано железо, до гнило месо.

Диље Руста, општ лекар кој се грижи за јавното здравје во централниот косовски град Глоговац (Drenas), вели дека собирачите на отпад ризикуваат да добијат инфекции, како гастроентеритис, тифусна треска, салмонела и колера.

„Околу кантите за отпадоци секогаш има инсекти кои се хранат со отпад и шират инфекции во околината”, вели таа. „Исто така, таму ги положуваат и своите ларви”.

Експертите велат дека на опасност не се изложени само собирачите. Нивните семејства се исто така под ризик, особено во сиромашните заедници каде што во многу живеалишта нема вода за пиење.

„Околу една третина од ромските жени децата ги раѓаат во своите домови”, вели Гавинг од „Партнерство за идеи“. „Значи, можете да замислите еден маж кој штотуку излегол од контејнер за ѓубре и неговата сопруга која се породува во истата просторија, во една мала куќа каде што сè се случува во истиот простор. Не е изненадувачки што може да дојде инфекција”.

Министерството за труд и социјална помош не одговори на барањата за интервју ниту на е-маил прашањата за условите за работа на собирачите на отпад.

Човек држи в рака опасен медицински отпад во депонија во близина на градот Гнилане, во источниот дел на Косово. Фотографија од Арбен Лапаштица

Превртливи оператори

На една празна парцела опколена со ѕид во срцето на ромското маало во Косовско Поле (Fushe Kosova), собирачите на отпад го продаваат својот дневен плен во евра и центи.

Продавачот ги притиска копчињата на дигитронот со големи розови копчиња и ги запишува сумите во бележник. Друг маж управува со машината за гмечење на пластични шишиња.

Собирните пунктови како овој немаат лиценца за работа и затоа се незаконски.

Според косовскиот Закон за отпад, казните за раководење објекти за управување со отпад без дозвола вклучуваат парични казни до 500.000 евра.

Сите што се вклучени во бизнисот одбија да коментираат, но уличните собирачи велат дека еден килограм железо обично достигнува 16 центи, додека за истата количина пластика се добиваат 12 центи. Лименките се откупуваат за четири центи за килограм.

Собирачите на отпад велат дека нелиценцираните собирни пунктови околу Косовско Поле (Fushe Kosova) се единствените во земјата што се управувани од оператори кои припаѓаат на малцинските групи.

Ромите, Ашкалиите и Египќаните сочинуваат два проценти од населението на Косово или околу 36.000 лица, според податоците од пописот спроведен во 2011 година

Ромско дете оди на работа во Косовско Поле. Фотографија од Арбен Лапаштица

Истражувањето на маргинализираните ромски заедници спроведено минатата година од Програмата за развој на ОН (УНДП) покажа дека 78 отсто од Ромите немаат формално вработување, образование или обука, за споредба со само 47 проценти од оние кои не се Роми. Бројката беше повисока за младите Ромки – 88 проценти.

Во меѓувреме, само 10 отсто од Ромите на возраст над 16 години имале пристап до здравствено осигурување.

Според податоците од мај, околу 2.600 ромски семејства добивале социјална помош од 60 до 180 евра месечно, во зависност од големината на семејството, покажуваат бројките од Министерството за труд и социјална помош.

Сето тоа значи дека многу ромски семејства имаат мала или никаква сигурност, што значи дека нивната неформална работа во бизнисот со отпад им е единственото средство за преживување, велат активистите за човекови права.

Децата често им помагаат, иако за деца под 15 години не е дозволено да работат.

„Неуспехот на нашите институции да преземат соодветни мерки за запирање на континуираната практика за искористување на детскиот труд за собирање отпад е директно кршење на правото на децата да не бидат експлоатирани, нивното право на образование, нивното право на социјална заштита, како и други права и слободи”, вели Рина Кика, адвокат за човекови права од Приштина.

Мачејќи се секој ден за истиот собирен пункт, без договори или безбедност на работното место, собирачите на отпад од сите возрасни групи се оставени на милост и немилост на превртливите оператори.

„Тие ги менуваат цените секој ден”, вели Егзон, тинејџер од приштинската населба Дарданија, кој претура низ контејнерите уште кога го отпишале од училиште на возраст од осум години. Носи бејзбол капа и Најк патики, и одби да го каже своето цело име.

Дваесет и три компании се лиценцирани за собирање и третман на отпадот во Косово, велат информациите од Министерството за животна средина.

Портпаролот на министерството изјави за БИРН дека се идентификувани 58 нелегални собирни пункта во земјата и против тие што управуваат со нив се покренати прекршочни пријави.

Мажи ги сортираат пластичните шишиња на собирниот пункт во Косовско Поле (Fushe Kosova). Фотографија од Арбен Лапаштица

Бизнис што цвета

Без оглед како се собира, голем дел од отпадот завршува кај извозните компании кои сакаат да заработат од просперитетната меѓународна трговија со рециклирани материјали – особено метали.

„Извозот на сирови необработени метали и минерални производи е главен извоз од Косово, кој опфаќал 55 отсто од вкупниот извоз во 2017 година”, изјави за БИРН за време на интервјуто во Приштина Зеф Дедај, раководител на одделот за трговска политика во Министерството за трговија и индустрија.

Дедај признал дека дел од извезениот материјал доаѓа од нерегистрираните собирни пунктови кои соработуваат со индивидуални улични собирачи.

„Сме виделе како дворовите се користат за собирање старо железо”, вели тој.

Царинските податоци добиени од БИРН преку барањето за слобода на информации укажаа на обемот на косовската индустрија за отпадоци.

Помеѓу 2010 и 2017 година, земјата извезла речиси 820.000 тони отпаден материјал, главно метал и пластика, што во просек е помалку од 43 милиони евра годишно.

Најголеми корисници на отпадот од Косово се Албанија, Македонија, Италија, Индија и Турција.

Царинските податоци не ги вклучуваат имињата на компаниите-извозници поради правилата за чување на трговска тајна, но  истрагата од 2015 година спроведена од страна на „Препортер“, публикација на Косовскиот центар за истражувачко новинарство, идентификуваше повеќе од 60 фирми кои се вклучени во извозот на отпад во странство.

Најголемата е компанијата наречена „Ндерими“, која сама извезла старо железо во вредност од околу 22 милиони евра помеѓу 2010 и 2015 година, според податоците на царината цитирани од страна на „Препортер“.

„Ндерими“ не одговори на барањата на БИРН за интервју, иако портпаролот потврди во телефонскиот разговор дека компанијата купува отпадоци од индивидуалните собирачи и собирни пунктови.

Според веб-страницата на „Ндерими“, компанијата продава остатоци на „Курум Интернешнл, турски произведувач на челик и производи од железо за градежната индустрија со седиште во Албанија. „Курум“ не одговори на прашањата ниту на барањата за интервју во врска со користењето на отпадот од Косово.

Низ целиот Балкан, експертите велат дека најсиромашните од сиромашните се занимаваат со трговија со отпадоци, заради лабавите регулативи и широко распространетата експлоатација поттикната од сиромаштија.

Во Македонија една неодамнешна студија на невладината организација „Македонија без отпад“ процени дека околу 5.000 неформални собирачи на пластика, хартија и други материјали собрале околу 80 проценти од целиот рециклиран отпад.

Но, Косово ги надмина сите, снабдувајќи го со отпадоци меѓународниот пазар за рециклирање.

Минатата година Косово извезе шест пати повеќе отпад од соседна Албанија, 108.000 тони наспроти речиси 18.000 тони, покажуваат податоците од албанската царина.

Момче собира фрлени компјутерски кабли. Фотографија од Арбен Лапаштица

Живот на депонија

Но не сите кои собираат отпадоци на Косово припаѓаат на маргинализираните малцинства.

Околу една третина од луѓето во Косово живеат под границата на сиромаштија, кои преживуваат со помалку од едно евро и 72 центи дневно, според статистиката на Владата за 2016 година (достапно на албански јазик). Некои од нив, собираат отпадоци за да преживеат.

Околу 10 минути од градот Гнилане (Gjilan) во источно Косово, десетина лица пребаруваат една депонија голема како два фудбалски терени.

Тоа се етнички Албанци од соседните села, вели Абдула Хаџиу, директор на јавното претпријатие кое управува со локацијата, Косовското претпријатие за управување со депонии.

Булдожер собира ѓубре во депонијата во Гнилане, во источниот дел на Косово. Фотографија од Арбен Лапаштица

Додека воздухот трепери над морето ѓубре под пладневното сонце, се шири непријатна смрдеа. На некои места, оџаци се издигаа од нечистотијата. Инсталирани се за да овозможат излез на метанот од под ѓубрето на површината и ги спречуваат експлозиите.

Сите собирачи на отпадоци на депонијата беа мажи или момчиња кои влегле преку дупките во жичаната ограда, игнорирајќи ги знаците на кои се вели дека влезот е забранет. Едно попладне, БИРН изброи околу 80 луѓе кои ја чешлаа депонијата.

Додека камионите пристигнуваа за да го испразнат својот товар, собирачите се бореле тие да бидат први што ќе го пребараат новото ѓубре. Од далечина, некои момчиња изгледаа толку мали што нивните силуети речиси се губеа во сјајот од сончевата светлина на стаклото и металот.

Хаџиу вели дека постојано се обидувал да го спречи влегувањето на собирачите, барајќи помош од полицијата, Министерството за животна средина и локалните власти, но без успех.

„Бидејќи другите институции не делуваат, ние мора да продолжиме со нашите операции и покрај опасностите [по луѓето] во депонијата во Гнилане (Gjilan)”, вели тој.

Полицијата во Гнилане изјави за БИРН дека имале 11 пријави за нелегална активност во депонијата, при што пет се процесирани како кривични.

 

Исмет Хашани, поручник во полицијата во Гнилане (Gjilan), вели дека локалните полицајци идентификувале „собирни пунктови за различни видови отпад” на 200 метри од депонијата и поднеле извештај за тоа до општинските власти „бидејќи работеле без валидни документи”.

„Во врска со истата фабрика за отпад, единиците од полициската станица во Гнилане (Gjilan)добила многу поплаки од луѓето што живеат во областа поради лошиот мирис од отпадот и непријатниот поглед”, вели тој.

Надвор од главната порта на депонијата, БИРН забележа како собирачи на отпад напорно работат во импровизирана зона за сортирање. Другите јаделе или дремеле под церади.

„Нема такво нешто како лесна работа, но оваа е најлошата”, вели Салиху (54), додека го дели денешниот плен во купови: пластични шишиња, хартиени чинии, искинати ткаенини.

Како и сите нелегални работници на депонијата, тој одби да го каже своето полно име. Некои се плашеа од вознемирување од полицијата. Други се загрижени заради стигмата.

„Ќе излезам на кафе со пријателите, но не им кажувам каде работам”, вели еден тинејџер.

Зелен камион стигна до зоната за сортирање, а мажите почнаа внимателно да ги товарат вреќите со материјали за рециклирање. Добија пари и камионот си отиде.

Сортирани: Пакети од рециклирани материјали чекаат да бидат собрани од зоната за сортирање во депонијата во Гнилане (Gjilan). Фотографија од Арбен Лапаштица

Многу собирачи на отпадоци велат дека сонуваат да се преселат во странство за да започнат нови животи далеку од неподносливата смрдеа на депонијата. Но, за да емигрираат потребни се пари, а со ситните пари што ги заработуваат од собирање отпад едвај имаат за храна.

„Токму недостатокот на основна социјална помош ги принудува овие луѓе секој ден да одат на депонии и да си ги доведуваат во опасност своите животи во обид да ги задоволат своите основни потреби”, вели адвокатот Кика.

„Верувам дека дозволувањето да се собира отпадот неконтролирано, без надзор, без никакви превентивни мерки за обезбедување на сигурни услови за оние кои го собираат отпадот, претставува континуирано кршење на човековите права и неуспех да се заштитат и обезбедат човековите права на луѓето што собираат остатоци од депониите”.

Гавинг од „Партнерство за идеи“, вели дека луѓето кои работат во секторот отпад треба да добијат исти права и заштита како и секој друг кој обезбедува јавна услуга од суштинско значење.

„Факт е дека неформалните рециклирачи на отпад се оние кои ни служат нам како граѓани, бидејќи на Косово нема рециклирање, така што тие се оние кои го обновуваат отпадот што може да се рециклира и да се претвори во нешта за повеќекратно користење”, вели таа.

Леонида Молиќај е новинарка во Косовскиот центар за истражувачко новинарство. Уредник Тимоти Ларџ. Оваа статија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од Фондацијата ЕРСТЕ и Фондациите Отворено општество, во соработка со Балканската мрежа за истражувачко новинарство.