А за што се бориме?

За време на велигденските празници, украинскиот претседател Володимир Зеленски уште еднаш го покани својот колега и непријател, рускиот претседател Владимир Путин, да разговараат, со цел да се постигне мир во неговата земја. Судејќи според реакциите на социјалните мрежи и воопшто во медиумите, се чини дека поголемиот дел од македонската јавност смета дека разговорите и преговорите се единствениот разумен начин да се запре украинското крвопролевање.

За волја на вистината, изгледа парадоксално едно општество, кое е поделено по речиси сите прашања, почнувајќи од изборот за песната за Евросонг, па сѐ до споменатата руско-украинска војна, и во кое практично не постои речиси никаква традиција разликите да се решаваат со размена на аргументирани мислења, одеднаш да се заложува за културата на дијалог.

Тоа, конечно, се потврдува и во фактот дека истата таа овдешна јавност, што се залага за мир во Украина преку разговори и преговори, е сѐ погласна во предлозите да се прекинат разговорите со Бугарија.

Постои една легенда која вели дека во почетокот на Втората светска војна, тогашниот британски секретар за војна Ентони Идн го прашал Винстон Черчил зошто не го зголеми воениот буџет за сметка на средствата што се издвојуваат за уметност и култура. Черчил наводно одговорил: „А за што тогаш се бориме?“

Се разбира дека прашањето на македонско-бугарскиот дијалог е доволно сложено за да може да се реши толку едноставно: со еднострано прекинување на разговорите или само со начелна одлука дека треба да се разговара. Да, дијалогот е средство во политичкото комуницирање и еден од поважните елементи на демократската политичка култура. Без дијалог не може ниту да постои демократска политичка култура. Дијалогот подразбира внимателно да се сослуша другиот, да се покаже уважување кон него и неговите ставови и тие рамноправно да се прифатат.

Но, секогаш има едно „но“. Во политиката на надмоќ не се разговара, туку се преговара, а тука постои огромна разлика. Разговараат еднакви на себе, а преговараат моќните, помалку моќните и немоќните. Во преговорите, моќните наметнуваат решенија, а немоќните се прилагодуваат. Кој не го сфаќа тоа, тогаш е губитник, а уште ако припаѓа на послабата страна, тогаш е и страдалник.

Натаму, се разговара за ставови и аргументи, а не за принципи. Можете ли да замислите дијалог меѓу фундаментален нацист и Евреин? До каков компромис ќе дојдат тие? На која половина од патот ќе се најдат? Или дијалог меѓу некој ортодоксен скинхед и припадник на ЛГБТ заедницата? На крајот на краиштата, никој не преговараше со Ал Каеда, на пример. И така натаму. Значи, за некои работи, не само што е залудно да се разговара, туку и не смее да се разговара.

Во таа смисла, прашањето на легитимноста на македонско-бугарските разговори добива на тежина. Дали треба да се продолжи со разговорите и како да се прави тоа?

Да бидеме искрени, колку и што, надвор од создадените стереотипи, ние навистина знаеме за Бугарија, за нивната култура, за обичаите и традицијата… Колку навистина ги познаваме? И што е подеднакво важно: колку тие, надвор од нивните врежани стереотипи, нѐ познаваат нас?

Современите писатели што ги знаеме, можеме да ги изброиме на прстите на едната рака. И тоа, станува збор за имиња што доаѓаат кај нас главно преку Запад, односно кои веќе успеале надвор, па ние сме слушнале за нив. Колку ја познаваме нивната современа ликовна уметност? Колку бугарска рок-музика можете да слушнете на нашите радиостаници? Што се случува со бугарската филмска индустрија?

Во политичката историја постои еден термин што се нарекува „пинг-понг дипломатија“ и се однесува на зближувањето на САД и Кина, откога администрацијата на Ричард Никсон ја испраќа во Кина американската пинг-понг репрезентација. Се смета дека овој потег придонел кинеската јавност да сфати дека на Американците, сепак, не им растат рогови, а богами и Американците да разберат дека Кинезите не се чудовишта со опашки.

Во таа смисла постои нешто што се нарекува „културна дипломатија“. Културната дипломатија се потпира на два клучни поима: културна разноликост и културен дијалог. И се реализира токму преку заеднички иницијативи и проекти. Колку такви заеднички иницијативи и проекти имаат Македонија и Бугарија? Веројатно нешто и постои во филмските копродукции и преку ликовните колонии, но ништо од тоа не е доволно видливо за да можат барем за милиметар да се помрднат стереотипните мислења што владеат во двете земји.

Во политиката на надмоќ не се разговара, туку се преговара, а тука постои огромна разлика. Разговараат еднакви на себе, а преговараат моќните, помалку моќните и немоќните. Во преговорите, моќните наметнуваат решенија, а немоќните се прилагодуваат. Кој не го сфаќа тоа, тогаш е губитник

Хрватскиот режисер Рајко Грлиќ, со право забележува дека на политиката ѝ требаат непријатели, а наспроти тоа, на културата ѝ требаат пријатели. Значи, ако бугарскиот премиер навистина го овозможи почетокот на преговарачкиот процес за Македонија и Албанија, тогаш е нужно да се размислува токму во насока на создавање пријатели, а не непријатели.

Постои една легенда која вели дека во почетокот на Втората светска војна, тогашниот британски секретар за војна Ентони Идн го прашал Винстон Черчил зошто не го зголеми воениот буџет за сметка на средствата што се издвојуваат за уметност и култура. Черчил наводно одговорил: „А за што тогаш се бориме?“. Не знам колку е точна анегдотата, меѓутоа пораката е повеќе од прецизна: културата и уметноста се неопходни и во најтешките времиња. Всушност, најмногу тогаш. И најмногу за создавање на културата на дијалогот.

Деновиве, во времето на економската криза, на која не ѝ се гледа крајот, сведоци сме на низа цинични изјави од домашните, па и од светските политичари од типот на препораки луѓето помалку да се греат или помалку да возат или помалку да трошат бензин… за да можат полесно да ја преживеат кризата. Ако смеам да ги парафразирам, тогаш ќе препорачам да се троши многу повеќе култура, така најлесно се поминува секоја криза.