Коренот на нашите голготи

Со Бугарите навистина сме биле браќа. Браќа по глупост. Браќа по инает. Браќа по традицијата, надворешно-политичките проблеми да ги користиме за внатрешна употреба. И браќа по намера од лошо да направиме уште полошо.

Доказ за тоа е клубот „Ванчо Михајлов ВМРО“, кој ни ја киднапира цела седмица. Ајде да се вратиме на местото на кавгата и да се позанимаваме со фактите. 

Дали Иван Михаjлов бил соработник на нацистите? Да. Дали клубот што го носи неговото име може да биде мост меѓу „европска“ Бугарија и Македонија? Не, бидејќи Ванчо Михајлов го негира постоењето на македонскиот народ.

Можеби истата битолска епизода ќе се случеше дури и ако немало грешки и пропусти од наша страна. Ама, ако има, за да тргнеме напред, прво треба да си се соочиме со нив, да разговараме и да утврдиме „шчо требит да праиме за однапред“

Дали бугарската страна ѝ даде легитимитет на таа негова теза (централно испишана во клубот), со тоа што на свеченото отворање дојдоа бугарската потпретседателка, бугарскиот премиер, шефицата на дипломатијата и бројни претставници на власта и опозицијата? Да. И не само што дадоа легитимитет, туку и манифестираа нескршливо единство по тоа прашање.

Не постои Македонец, кој во изминатите денови не изрази револт од тој чин, доминантно опишан како „врвна бугарска провокација“. Но, бидејќи во секоја приказна има најмалку две страни, сега да ги оставиме настрана Бугарите, да се погледнеме во огледалото и да се прашаме „шчо напраифме“ за ова да не се случи.

Одговорот е непријатен за нас. Ние му дадовме легитимитет на Ванчо Михајлов, уште кога е издадена дозволата за регистрирање здружение со тоа име. И сега се лутиме што тоа осамна и како име на клуб. Во што е разликата? Во тоа што нема разлика.

Објаснувањата дека сме немале регистар на историски личности со кој може да се утврди статусот спорна/неспорна личност, не говори добро за нас. Говори дека сме склони постојано да наоѓаме некакви оправдувања во системски лавиринти и пропусти. Говори дека сме мрзливи и неодговорни, и секогаш кога ќе се најдеме во тесно, виновен ни е некој друг, а не ние самите.

Сега и да направиме некаков регистар, враќање назад нема, освен по цена на нов билатерален спор. Случајот со здружението „Радко“ (псевдонимот на Ванчо Михајлов), покажа дека Судот во Стразбур смета дека „именувањето на Здружението според поединец што негативно се третира кај мнозинството од популацијата, не би можело самото по себе да се смета за обвинувачко или во сегашноста само по себе да претставува идна закана за јавниот ред“.

Со иста ваква аргументација, Судот пресудувал и во полза на здруженијата на Македонци во Бугарија. Затоа, подобро е претставниците на власта да не се натпреваруваат кој ќе даде поостра осуда за настанот во Битола, бидејќи од 2019 година е легализирана употребата на името Ванчо Михајлов во нашиот општествено-политички живот, а на „Радко“ уште порано.

Истото се однесува и за опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Притоа не мислам на двете восочни фигури на Михајлов, изработени и поставени во музеи, во мандатот на нивните влади, бидејќи е вообичаено во музејски поставки да гледаме и херои и антихерои. Во тој контекст, најжално е што се потрошени толку пари за восочниот Радко Дејанов, колку што никогаш немаат добиено како помош Македонците во Бугарија, над чии нарушени човекови права ламентираме.

Во случајот со ВМРО-ДПМНЕ, проблемот е што партијата посредно му дала легитимитет на Ванчо Михајлов и на неговите политики уште пред 27 години. Еве како. На 6 и на 7 април 1991 година, во Прилеп се одржа првиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ. Ништо спорно. Четири години подоцна, на 6 и на 7 мај во 1995, во Кичево се одржа – не вториот, туку десеттиот конгрес.

За тие што не се упатени како од втор се преминало директно на десеттиот конгрес, да потсетам дека ВМРО-ДПМНЕ тогаш се повика на континуитетот на историското ВМРО и одлучи да ги брои конгресите врз основа на тој историски континуитет.

Така, во денешниот збир од 17 партиски конгреси на ВМРО-ДПМНЕ (последниот одржан лани во декември), влегува првиот конгрес на историското ВМРО од 1893 година, ама и оние од 1925 до 1934 година, кога токму Ванчо Михајлов е на чело на партијата.

Нивна партиска работа е дали ќе ја коригираат нумерацијата на конгресите, но бугарските партии со предзнак ВМРО токму овој аспект го користат за да укажат на лицемерие кон делото на Михајлов.

Од моментот кога без поделби ќе го понесеме крстот на жртвување на парцијалните во име на заедничките интереси, никој ништо нема да ни може

Можеби истата битолска епизода ќе се случеше дури и ако немало грешки и пропусти од наша страна. Ама, ако има, за да тргнеме напред, прво треба да си се соочиме со нив, да разговараме и да утврдиме „шчо требит да праиме за однапред“ и повеќе внимание да посветуваме на она што го правиме ние, а не другите.

Мртвиот Михајлов не може да произведе дејство, но неговите пораки – да. Во иднина ќе треба да се цени дали активностите на тој клуб се во духот на Договорот, на заемно почитување и на европските вредности кои Бугарија постојано ги повторува. Практично, клубот ќе биде на испит. 

Во Битола на увид имавме и една важна лекција, која во целата врева остана незабележана и ненаучена – дека нема успех со внатрешни поделби. Меѓу гостите од Бугарија беа присутни лути противници од власта и опозицијата, ама тие кавги ги оставија настрана заради националниот интерес. Захариева, која до завчера протестираше поради апсењето на Борисов, насмеана од уво до уво, рамо до рамо со властите прошета низ Битола.

Кај нас, пример на единство досега не сме виделе. И не само Бугарија, секоја земја ќе нè третира и уважува според тоа што го рефлектираме. Ако видат дека земјава станала поле за бесконечен кавгаџиски натпревар меѓу партиите, секогаш ќе бидеме лесен залак. Ако сакаме да бидеме одлучувачки фактор на масата, а не да бидеме мени на масата, формулата за успех секогаш е во единството.

За жал, тоа е единственото нешто што не „завладеало“ во оваа земја, иако знаеме дека недостигот од единство е во коренот на сите наши голготи. Од моментот кога без поделби ќе го понесеме крстот на жртвување на парцијалните во име на заедничките интереси, никој ништо нема да ни може. Кој не верува, нека проба.