Вести

Скриениот имот го чинеше Груевски 7 години затвор

Првостепена пресуда за „Плацови на Водно“

Поранешниот премиер Никола Груевски денеска доби седум години затвор во случајот познат како „Плацови на Водно“. Покрај него, затворски казни добија и обвинетите Сашо Мијалков, една година и три месеци, и бизнисменот Орце Камчев – една година. 

Груевски есента 2018 избега од Македонија и оттогаш е азилант во Унгарија.

Поранешниот шеф на тајната полиција, Мијалков и Камчев, во овој судски процес беа во притвор околу десет месеци, период што ќе им се пресмета во казната. Тие се осудени зашто му помагале на Груевски да го купи имотот со нелегално стекнатите пари од касата на ВМРО-ДПМНЕ.

Според првостепената пресуда, Груевски зел 1,3 милион евра од донациите што ги дале симпатизерите и членовите на партијата.

Другите обвинети добија условни казни затвор откако во драматичен пресврт на последните рочишта сведочеа во корист на обвинението и признаа дека му помагале на Груевски да го крие нелегално стекнатиот имот.

Кумот на Груевски од првиот брак, Ристо Новачевски доби пет, додека соработникот на Камчев, Ненад Јосифовиќ две години условна казна затвор што ќе се активира само ако во тој период направат некое друго кривично дело.

Мајката на Орце Камчев, Ратка е слободна, бидејќи за неа застаре обвинението.

Оваа затворска казна е вкупно трета за поранешниот премиер Никола Груевски. Претходно беше осуден за купувањето на владиниот мерцедес, за што доби две години и за случајот наречен „Шамари во Општина Центар“, за што доби година и половина. 

„Плацови на Водно“ е редок институционален обид да се докаже дека поранешен висок функционер, во случајов експремиер, нелегално стекнал голем имот и умешно го криел со години.

Судскиот процес е познат како „Плацови на Водно“, меѓутоа обвинителството докажа дека Груевски не застанал на атрактивното градежно земјиште на падините од скопската планина, туку имал и друг скриен имот. Според денешната пресуда, експремиерот бил вистинскиот сопственик на уште една, нешто помала градежна парцела на Водно, земјиште во Крушево и на уште два стана во зградата каде што живееше на улицата Бихаќка во Скопје.

Откако „бомбите“ во 2015 фрлија сомнеж дека огромното земјиште на Водно е всушност на Груевски, плацот го зел Камчев, а за возврат преку разни перипетии, му отстапил на експремиерот три стана со вкупна површина од 750 квадрати во луксузниот објект „Панорама“.

Ниту еден квадрат од плацовите и становите не е на име на Никола Груевски, меѓутоа мрежата на фирми и лица од доверба, во која е „заглавен“ имотот, не е ниту нова, ниту непозната за јавноста.

Со денешната пресуда ќе се конфискува имотот во вкупна вредност од 1,5 милион евра, од кој денес сите „креваат раце“.

Судијата Илија Трпков, при изрекувањето на казната, овој случај го окарактеризира како „криминал на белите јаки“ и потенцираше дека со пресудата се упатува порака дека правдата ќе се спроведува неселективно и ќе се конфискува сѐ што е нелегално стекнато.