Годинава, со мало задоцнување, стаса, ама, сепак, стаса сезоната на – загадувањето. Ете, покрај останатите сезонски изненадувања, како што е снегот во јануари, летните дождови во август, стаса редот да се изненадиме од рекордите што ги постигнуваме во декемвриските загадувања на воздухот. Разликата е само во тоа што снегот и дождот се, сепак, природни феномени, а загадувањето е прилично резултат на човековата интервенција во природниот простор.
Она што мене ми е најинтересно околу загадувањето, всушност, е перцепцијата што се креира во јавноста околу овој проблем. Живееме во време кога речиси сите вести и информации што ги примаме преку медиумите се полни со патос и драматика. Кај нас дури и временската прогноза е драматична. „Се запали црвениот аларм“, „Убаво време само уште два дена“, „Видете какво време нѐ очекува од четврток“… се само дел од не толку богатиот асортиман на најавите на презентерите на временската прогноза.
Наспроти ова, имам чувство дека информациите за загаденоста веќе се пренесуваат како своевидна рутина, како презентерот на вестите да чита некое соопштение на некоја политичка партија, која се занимава со откривање дупки во водата. Просто не можам да го избегнам впечатокот што го носи монотонијата на неговиот исказ. Како да вели: „Ах, повторно тоа загадување“.
Од друга страна, се чини дека покрај пробивањето на Мојсие на Црвено Море, аерозагадувањето на Скопје (и на Македонија) е најголемата тајна на човештвото. Како, по ѓаволите, се загадува земја, која наводно не е индустриски развиена.
Одговорот, се разбира, ниту е мистериозен, а не е ни сокриен. Го кажуваат на истите тие информативни емисии. На пример, вчера беше објавено дека избил пожар во ТЕЦ „Осломеј“ кај Кичево. Една од можните причини за пожарот, како што се наведува во извештаите, е употребата на јаглен од лош квалитет. Во принцип, дури и поквалитетните јаглени ја загадуваат животната средина (затоа јагленот и се исфрла од употреба во земјите на Европската Унија), а оние што жаргонски ги нарекуваат „кал“ се ултимативни трујачи.
Се чини дека, покрај пробивањето на Мојсие на Црвено Море, аерозагадувањето на Скопје (и на Македонија) е најголемата тајна на човештвото. Како, по ѓаволите, се загадува земја, која наводно не е индустриски развиена
Едно истражување на Европската Унија покажува дека 16 термоелектрани од просторите на Западен Балкан го загадуваат воздухот повеќе од 250 термоелектрани во Европската Унија.
Македонија е зависна од јагленот. Главниот капацитет за производство на струја, РЕК „Битола“ работи – на јаглен. Каква стратегија направи Македонија за замена на јагленот? Таква што истражува нови копови за јаглен и што интензивно бара нови пазари од каде што ќе увезе нови неопходни количества јаглен.
Ако на ова се додаде фактот дека поради енергетската криза вложените напори се во насока сите постоечки капацитети за производство на струја да бидат во функција, тогаш не ни останува ништо друго, туку да ги дишеме јагленот и калта што ги претвораме во струја.
Натаму, за да можат скопјани оваа зима да се греат со помала употреба на струја, дрва и јаглен, топланите, наместо гас, користат мазут. Во моментов од Министерството за животна средина и просторно планирање издадена им е дозвола за десетдневно користење мазут со можност таа да се обнови. И веќе има најави дека ќе се обнови.
Некои новинарски истражувања веќе покажаа дека овдешните снабдувачи на мазут на јавните институции, всушност, им продаваат отпадна нафта. Тука не влегуваат само топланите, туку и училиштата, болниците, јавните институции, министерствата… И не мора да спомнуваме дека и самиот мазут е еден од битните фактори на загадување, а камоли отпадната нафта.
Ако сакаме да набројуваме, ќе ги споменеме металната индустрија (редовно загадената Гази Баба), хемиската индустрија (нерасчистениот отпад на ОХИС), каменоломите и практично сите погони што се занимаваат со некакво конкретно производство.
Се разбира, тука е и нерешеното прашање на греењето на домаќинствата. Јас навистина не знам со кој процент е Македонија покриена со парно греење, ама знам дека огромното мнозинство се грее на дрва, јаглен, нафта… Во времето кога дрвото и пелетите се енормно поскапени, во печките најбуквално се фрла сѐ и сешто, најмногу индустриско (лакирано) дрво, пластики, хартии, амбалажи…
Па, следат проблемите со дивите, а богами и со „питомите“ депонии чие решавање во Македонија е проект еднаков на качување на човекот на Месечината. Потоа хроничниот недостиг и перманентното намалување на зелените површини и парковите во градските средини. Белите дробови на градот се задушени еднакво, како и нашите.
Едно истражување на Европската Унија покажува дека 16 термоелектрани од просторите на Западен Балкан го загадуваат воздухот повеќе од 250 термоелектрани во Европската Унија
На изненадување на многумина, според некои истражувања, сообраќајот, ако не се лажам, влегува во загадувањето со некои шест проценти, иако и овој проблем не треба да се потцени. Еве, еден пријател неодамна купуваше нов автомобил и тогаш разбравме дека Македонија е единствената земја во регионот што не дава субвенции за хибридни возила. Во таква ситуација, дилемата дали да купиш нов хибриден автомобил или да купиш евтин европски отпад навистина е предизвикувачка, при што треба да се знае дека „отпадот“ за нас всушност е возило од висок стандард.
Каква стратегија има нашата држава во врска со овој проблем, освен што на тротоарите и на коловозите црта наводни велосипедски патеки? И што наплаќа еден куп еколошки такси, кои редовно завршуваат во буџетот за покривање други потреби, се разбира неврзани за еколошките проблеми.
Мислам дека стратегијата е јасна: викање како советници врачеви од племето Мапуче од островот Мока да привикуваат со нивните ритуали снег и ветер. Истражувањата јасно покажаа дека секогаш кога сме имале снежна и ветровита зима, загадувањето било драстично намалено. Сепак, подобро е да се изненадиме од снег во јануари, отколку од отров цела зима.
А обновливи извори на енергија… Знаете ли колку мрсни тендери ќе отпаднат така? Колку работни места ќе се укинат на тој начин? Колку кабасти објекти ќе мора да се санираат? Колку гласачи на избори ќе се изгубат?
Тоа во некој друг милениум. А дотогаш за воздухот погрижете се сами.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија