Јас сум дефинитивно против абортусот. Да се убие некој пред да се роди е само знак на немање трпение.
Ова е парафраза на еден цинизам од пред три, можеби четири децении, на еден италијански новинар, чие име, за жал, го заборавив, а искажан во една од бројните дебати во неговата земја за правото на абортус.
Се разбира дека одлуката на Врховниот суд на САД, „најдемократската“ земја на светот, со која практично се забранува правото на абортусот беше доволна причина да се потсетам на оваа изјава на италијанскиот колега. Особено во светлото, или, ако сакате, и во сенката на сѐ почестите масовни убиства во училиштата и трговските центри во таа земја. Или во светлото на војната во Украина или, впрочем, на непрекинатите војни што се водат со децении на Земјината топка.
Денес во САД правото да се купи огнено оружје се смета за демократска придобивка, да не кажеме некаква „слободарска“ традиција, а правото на жената да реши дали сака да роди деца, дали смее да си го планира семејството и воопшто да реши што е за неа најдобро, се смета за некаков вид злосторство
Замислете, навистина, целосна либерализација на правото на прекин на бременост. Нема така човештвото да исчезне. Повеќе мислам дека ќе исчезне топовското месо за продолжување на воените и терористичките игри, толку популарни во современото човештво.
Изгледа парадоксално, ама анализите, во кои се докажува токму тесната врска меѓу забраната на абортусот и зголемувањето на контролата на слободното поседување оружје, изгледаат прилично рационално. Имено, според нив, станува збор за некој вид трампа меѓу републиканската и демократската страна во американската висока политика: ние ќе ги поддржиме мерките за контрола на вооружувањето на граѓаните, ако вие ја поддржите политиката на ограничување на прекинот на бременоста.
Изгледа дури и фасцинантно што денес во САД правото да се купи огнено оружје се смета за демократска придобивка, да не кажеме некаква „слободарска“ традиција, а правото на жената да реши дали сака да роди деца, дали смее да си го планира семејството и воопшто да реши што е за неа најдобро, се смета за некаков вид злосторство.
Само за потсетување, амандманот на американскиот Устав, со кој секој полнолетен граѓанин има право да носи пиштол или што и да е со извесен калибар, е донесен пред отприлика два и пол века. Истиот овој Врховен суд пред безмалку половина век донесе одлука дека жените имаат право на приватност, што во превод значи и право на абортус. Сега ова право им е одземено.
Меѓутоа, одлуката на Врховниот суд на САД без досегашен преседан, протолкувана како наследство на конзервативната политика на Доналд Трамп (компонирањето на Врховниот суд со мнозинство членови со конзервативни, па и ултра конзервативни гледишта), има многу поголема тежина од задирањето во неприкосновените, цивилизациските и веќе освоените права на жените. Иако, се разбира, и ова деградирање на женските изборни права е доволен аларм да се запали црвеното светло во главите на граѓанскиот сектор и на сите оние што сфаќаат што значи за едно општество одлуката на најмоќната земја на светот.
Имено, според некои американски аналитичари, оваа одлука на највисокиот американски правосуден орган е само почеток на деградирањето на стекнатите и освоените човекови права. Со оглед на фактот дека американските врховни судии се избираат доживотно, а се чини дека повеќето од нив не се при крајот на својот животен пат, според американските познавачи на состојбите, промената на оваа одлука не се очекува во догледно време. А какво време ќе биде она недогледно, тоа, јасно, не го знае никој сега.
И, се разбира, американскиот удар на човековите права не може (и не смее) да се гледа како американско внатрешно прашање. Познато е дека ако Америка кивне, целиот свет боледува. Оваа одлука им дава силен ветер во грб на конзервативно-клерикалните политички кругови во светот, а особено во Европа, кои и онака се во подем во последните децении.
Вакви и слични закони постојат и во земјите-членки на Европската Унија (на пример, во Полска), така што сега дополнителната ригорозна контрола на правото на раѓање ќе си најде свое „дебело“ оправдување и во пракса на земјата што себеси се претставува како „предводник на слободниот свет“.
И каква врска има сето ова со нас? Секаква! И ние до пред некоја година, ако не се лажам, од 2013 до 2019 година) имавме прилично ригорозен и конзервативен закон што го регулираше правото на прекинот на бременост. Едноставно е, не гледам никаква причина вакво или слично законско решение да не се актуализира повторно и да ни се врати во применлива пракса.
И тогаш, таа 2013 година, законот за прекин на бременоста помина, што би се рекло, „под жито“, односно во сенката на тогашните вандалски напади на бараките на Општина Центар. Денес може да помине во сенката на нашите, би рекол, ненадминливи недоразбирања со Бугарија.
Дали правниот статус на жената е поприоритетен наспроти правниот статус на фетусот? Или, со други зборови, дали на жената која, од низа причини, носи несакан плод, треба да ѝ се дозволи да биде негова мајка? И зошто? За да ги убиваме отпосле?
Индикативно е дека, без оглед на важноста на прашањето за отворање преговори со ЕУ и за разлика од повеќето земји во Европа и во опкружувањето, ниту една од големите политички партии во Република Северна Македонија не најде време или мотив да се изјасни по ова прашање. Без оглед дали е про или контра. Ниту СДСМ, ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту ДУИ, ниту кој било друг.
Овдешната социјалдемократска опција одамна кокетира со конзервативниот дел од тукашната политичка сцена. „Народната“ опција на ВМРО-ДПМНЕ е опсесивно зафатена со вонредни избори, а на „зелената“ ДУИ, ваквите прашања воопшто не ѝ се во фокусот.
Претпоставувам дека ќе се изјаснат тогаш кога ќе ги добијат резултатите од рејтинзите на јавното мислење и можностите за прибирање повеќе гласови на следните избори, какви и да бидат тие.
Можеби се во право некои мои драги пријателки, кои, познавајќи го мојот дефицит во афинитетот за феминизмот и таканаречените „женски“ прашања, ме советуваа да не се занимавам со оваа тема. Демек, да ги оставам „женските“ прашања на жените.
Точно е дека ништо или многу малку знам околу повеќето аспекти за абортусот, но во моја одбрана можам да кажам дека и Врховниот суд на САД има мнозинство мажи, па, сепак, му е дозволено да носи вакви, би рекол судбински и судбоносни одлуки. (Иако абортусот, за разлика од оружјето, не е уставна материја во САД, како и кај нас. Еве, еден предлог, ако и кога ќе се отвора нашиот Устав, да кажеме за менување на преамбулата, нека се стави и абортусот како уставна категорија. Ама нема!).
На крајот на краиштата, прашањето е прилично едноставно: Дали правниот статус на жената е поприоритетен наспроти правниот статус на фетусот? Или, со други зборови, дали на жената, која, од низа причини, носи несакан плод, треба да ѝ се дозволи да биде негова мајка? И зошто? За да ги убиваме отпосле?
Прашањата се дефинитивно едноставни. Одговорите се дефинитивно сложени.