Пред некои десетина години, мислам дека беше во 2010 година, скопски „Вечер“, на насловната страница објави вест со наднаслов „Србин спаси сезона во Шарм ел Шеик, а Рада ги брка од Собрание“ и наслов „Пијан паднал врз ајкула и ја утепал“. Сето тоа илустрирано со голема фотографија од египетското летувалиште и со фотографија на отворената челуст на убиена ајкула.
За тие што не знаат, станува збор за една од првите вести на тогаш младиот сатиричен портал „Њуз.нет“, во која се вели дека извесен Драган Стевиќ, во сериозно алкохолизирана состојба, шетајќи на карпа крај морето, паднал во морето, и тоа со глава директно во ајкулата и така ја усмртил.
Ако е за утеха, не е само „Вечер“ тој што наседна на овој штос на белградските сатиричари. Веста, како сериозна, беше пренесена речиси на сите континенти, а измислениот Драган Стевиќ од некој австралиски медиум беше прогласен и за личност на годината.
Многу години подоцна, Виктор Марковиќ од „Њуз.нет“ ќе посведочи дека за ваквиот „интернационален успех“ на оваа вест, најголем придонес дале – токму македонските медиуми! Имено, со ништо не предизвикана, тогашната Македонска информативна агенција МИА ја пренела веста на својот меѓународен сервис, односно на англиски јазик. Светските медиуми се повеле по погрешната премиса дека ако една државна агенција ја лиферува веста, тоа сигурно значи дека веста е проверена.
Следното што го очекувам е вест дека Димитар Апасиев и Владимир Путин заедно отвориле клуб на Левица во Долно Гаштани
Марковиќ додава дека, без оглед на тоа што македонските медиуми наседнале на штосот, никако не му е јасно кој интерес го имала македонската државна агенција со објавувањето на веста за некој пијан Србин што убил некоја ајкула во Египет.
Тогашниот главен уредник на „Вечер“ Драган Павловиќ Латас подоцна ќе се правда дека знаел дека е шега во прашање и решил да ја пушти токму како шега! Иако такво нешто (за разлика од „Њуз.нет“) никаде не е назначено. Плус во целата приказна, како своевидна мирудија е додадена Радмила Шекеринска, која во тоа време имаше собраниски полемики со претставникот на Србите во Собранието Иван Стоилковиќ (инаку коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ). Без оглед на тоа, веста нагло исчезна од интернет-страниците на весникот.
Не сакам да кажам дека ова беше една од пресвртните точки во македонското новинарство, точка од која тоа повеќе никогаш не се врати во нормала, ама факт е дека токму во тој период почнаа да се гушат сериозните медиуми (телевизијата А1, неделникот „Глобус“, печатените изданија на Велија Рамковски итн.), а државната власт да ги форсира токму таблоидните и жолти весници и телевизии.
Имаше, велам, и пострашни случаи на лиферување лажни вести од овој. Случаи што, не само што не беа бенигни, туку беа опасни и сериозно токсични за македонскиот медиумски простор. Се сеќавате, на пример, на оној случај со наводниот Македонец некаде од Егејска Македонија, кој смртно настрадал од прекумерна полициска сила. Таа вест ја објави Јавниот сервис, беспоговорно верувајќи му на „авторитетот“ на Тодор Петров и без никаква проверка. Подоцна се востанови дека, не само што никој не е убиен, туку човек со такво име и презиме воопшто не постои. Но, штетата беше направена!
Сепак, случајот со Србинот и ајкулата останува како своевиден меѓник, некој вид медиумска комета што има обичај во разни форми да се појавува на одредени временски интервали.
Таа комета деновиве повторно блесна на македонското медиумско небо. Во форма на – Раде Шербеџија! Имено, медиумите објавија дека Раде Шербеџија се појавил на отворањето на клубот на Левица во Ѓорче Петров. Според некои медиуми, дури и го отворил клубот. Овие вести беа илустрирани со фотографија на која се наоѓа лидерот на Левица Димитар Апасиев, потоа некој активист на партијата, како и човек што навистина наликува на Шербеџија, не само по физикусот, туку и по стилот на облекување (шешир, шал…).
Веста беше преземена од очигледно „најмеродавниот“ извор на информации за нашите медиуми – социјалната мрежа Фејсбук. Поточно од фејсбук-профилот на Апасиев. Фактот дека Левица не лиферуваше никакво соопштение со овој податок, дека никој и никаде претходно не разбра дека дошол Шербеџија во Скопје, дека немаше никаква јавна и официјална изјава… тоа за нашите медиуми се вистински дребулии. Не е важно ни дека само мала проверка на интернет ќе покажеше дека Шербеџија во тој момент е во Загреб. Но, сето тоа не е важно. Важно е само дека „неприкосновениот авторитет“ Димитар Апасиев на својот фб-профил објавил нешто и тоа секако е од, што би се рекло, исклучителен јавен интерес. Слично како што претходно нешто објави Тодор Петров, и тоа беше земено за беспоговорно точно.
Јасно, несудениот Раде Шербеџија е исто така активист на Левица, кој навистина има извесни сличности со славниот актер. Можеме сега тука да дискутираме дали Апасиев со „умисла“ ги довел во заблуда медиумите или, што е поверојатно, направил само мала шега на сметка на сличностите на својот партиски колега со познатиот актер, но начинот на кој се „закачија“ медиумите, не остава простор за никаква дискусија.
Случајот со Србинот и ајкулата останува како своевиден меѓник, некој вид медиумска комета што има обичај во разни форми да се појавува на одредени временски интервали
Впрочем, како што тоа се случи и со ајкулата на Латас, вестите за Шербеџија, откога се откри „насамарувањето“, нагло исчезнаа од интернет-страниците на медиумите што ги објавија.
Ако е потребно, ќе потсетиме дека Раде Шербеџија е почесен граѓанин на Скопје, дека е, меѓу другото, и македонски државјанин, дека е главна улога во најуспешниот македонски филм, дека во Скопје има дузина блиски пријатели… Па, зар некој навистина мислеше дека човек од негов калибар ќе можеше незабележано да допатува во земјата и тоа баш на отворањето на клубот на Левица во Ѓорче Петров? Не, се разбира. Никој не мислеше ништо, затоа што мислењето е процес што е исклучен од македонскиот медиумски простор.
Истовремено со овие „медиумски дострели“, власта најавува враќање на државните кампањи во македонските приватни медиуми. Од каде ми е ова познато? Што мислите кон кои медиуми владата ќе ги насочи нашите пари за нивните кампањи? Кон оние што се најкредибилни? Кон оние што во својата програма имаат драмски, уметнички, образовни… содржини? Не, се разбира. Според важечкиот модус на популизмот во македонската дневна политика, буџетските пари ќе отидат во најгледаните телевизии, оние што форсираат евтини турски серии, разни ријалити шоуа, „стројници“ и слични производи што, најблаго речено, го навредуваат просечниот вкус. И каде ќе завршат тие пари? Онаму каде што секогаш завршувале – во џебовите на газдите.
Ако ви се чини дека е претерување, верувајте дека не е: следното што го очекувам е вест дека Димитар Апасиев и Владимир Путин заедно отвориле клуб на Левица во Долно Гаштани.
Не знам дали историјата се повторува како фарса. Знам само дека ние никако да излеземе од нашата историја.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија