Прва официјална посета, симпатичен „излет“ од протоколот заради самослик, потпишани десетици важни договори, искрени насмевки, срдечни ракувања, визии за иднината и пораки за пријателство… Она што го украде потенцијалниот автентичен дух на oваа историска средба (барем, кога станува збор за двајца атипични политичари), е сатницата и протоколот со сета нивна машинерија за вкалапување на настанот според „план и програма“.
И сѐ ќе изгледаше премногу формално, да не беше самосликот и неколкуте ТВ-инсерти од влегувањето на Ципрас во кабинетот на Заев, каде што го пречекаа знамињата на двете земји, со поглед кон премиерската работна маса и телефонот, кој веројатно чува дел од тајните за тешкиот пат до конечното решение на спорот. Експресијата во тие неколку секунди беше своевидна куса реминисценција на многуте поминати сцили и харибди за да се стигне до успешен договор.
Но, она што од заднина ѝ даде посебен дух на посетата, беше гестот на Перистера (Бети) Базијана, сопругата на Ципрас (од аспект на нивната семејна хармонија тотално ирелевантно е потенцирањето дали е венчана или невенчана сопруга), која положи цвеќе на гробот на Јоргос (Георгиос) Зорба, човекот кој беше инспирација за роман на грчкиот писател Никос Казанѕакис.
Почивалиштето на Зорба, заведено на парцела 17, алеја 3, гроб 23, со години беше третирано само како гроб, но не и како приказна што на интересен начин ги спојува двете земји. Откако по неколкумесечно истражување, грчки новинари во 1996 година радосно објавија дека „го откриле гробот на Гркот Зорба во Скопје“, композиторот Микис Теодоракис набргу ја посети македонската престолнина за да го претстави своето музичко дело „Гркот Зорба“ во Македонскиот народен театар, на концерт, на кој присуствуваше и тогашниот претседател Киро Глигоров.
Оттогаш до денес, на темата „Зорба“ не се случи ништо, ниту во неа беше виден замаец за подотворање барем на културните коридори меѓу двете земји. Таков впечаток со години добивав и од одговорите од надлежни институции на ова прашање.
Ако пред 80-тина година не било „страшно“ да се биде грчки и македонски пријател, погубно е во 21 век да слушаме реторика од двете страни на границата што сѐ уште оперира со навреди од типот „Клети Грци“ и „Цигани скопјани“
Бил млад вдовец, кога во 1922 година од Солун пристигнал во Скопје со неговата 10-годишна ќерка. Негов дом бил градскиот хотел „Ловец“, но и бројните кафеани, особено „Маргер“, каде што се веселел со пријателите. Последните денови од животот, главно поминат во раководење со ископ на руда и шкрилец, ги дотрошил во долги разговори и преписки со пријателот Казанѕакис, раскажувајќи му за атмосферата во градот и за сопствениот живот.
Починал од срцев удар во 1941 година, неколку месеци откако неговата ќерка се омажила за трговецот Јован Јада и само неколку дена откако Казанѕакис на хартија ги запишал првите импресии за „животот и состојбата на Алексис Зорба“ („Βίος και Πολιτεία του Αλέξη Ζορμπά“) дело, кое ќе биде објавено во 1946 година. Не случајно ги наведувам овие детали. Бидејќи, ако пред 80-тина година не било „страшно“ да се биде грчки и македонски пријател, погубно е во 21 век да слушаме реторика од двете страни на границата што сѐ уште оперира со навреди од типот „Клети Грци“ и „Цигани скопјани“.
Нема совршен договор. Полошо од несовршен договор – е да нема никаков договор. А најсовршен договор е единствено оној што ќе го склучиме со самите себе
Зорба не го дочекал објавувањето на делото на Казанѕакис, но и писателот кој почина во 1957 година не дочека да го види својот јунак на филмско патно. Режисерот Михалис Какојанис, во неговата кариера создаде многу филмови, но никогаш не го повтори успехот со филмот „Гркот Зорба“ од 1964 година. Филмот собра неколку „Оскари“ и ги забетонира сеќавањата на славната актерска екипа: Ентони Квин, Алан Вејтс, Ирена Папас, Лила Кедрова. Музиката за филмот, која беше дело на Теодоракис, стана неформална грчка „химна“.
Патем, Зорба не стана помалку Грк затоа што животот го поминал во Скопје, ниту стана повеќе Грк со сместување на неговата приказна на Крит. Локацијата не ја прави приказната, туку пораката. И самиот Зорба не бил свесен дека неговата животна приказна еден ден ќе се најде во наградувана книга, уште помалку дека и парцелата 17, алеја 3, гробот 23, може да стане место за инспирација за (со)животот.
Ако овој космополитски тип на веселник ни е под нивото на „модел“, веројатно одамна сме заборавиле дека најзначајното нешто е да ги сакаме луѓето и животот, и никого да не мразиме. Можеби и затоа низ нашите електоратски филтри, со години пропуштавме еден куп навидум сериозни лица, со навидум сериозни политички референци во нивните си-вија, а токму тие ни приредија купишта сериозни внатрешни и надворешни поделби, и уште посериозни импликации од нивните политички планови за нашите животи.
Тренирани од дрвото да не ја гледаат шумата, голем број граѓани и опозициски политичари таквиот однос денес го проектираат и кон Договорот од Преспа. Иако се негови современици, не се свесни за неговото вистинско значење и потенцијал. Го напаѓаат, му наоѓаат безброј мани, ветуваат ревизија и подобри решенија во некое неодредено идно време и врз база на нејасни чекори како би дошле до тоа.
Нема совршен договор. Полошо од несовршен договор – е да нема никаков договор. А најсовршен договор е единствено оној што ќе го склучиме со самите себе. Сакаме ли да живееме како луѓе денес и утре, или ќе се самозаробиме во зандани изѕидани од митови, оставајќи животот да ни помине во постојани рецензии на тоа што било, а не на тоа што треба да биде. Ако знаеме дека еден ден сите ќе завршиме во иста почва, прашањето е како ќе го поминеме животот додека чекориме по неа – со крената глава или пикната во песок.