Среде пандемија, среде сѐ поизразените дилеми околу вакцините и вакцинацијата, среде отворените прашања за пописот, па ако сакате и пред најнеизвесната инаугурација на еден американски претседател, главна тема на македонските медиуми е – разводот на еден некогашен директор на моќна државна агенција. Очигледно, директорот некогаш дебело го задолжил македонското општество, па сега, не само што неговиот развод е во фокусот на медиумскиот интерес, туку развојот на настаните се следи од ден во ден, да не кажеме од час во час.
Па, така ќе разбереме дека сопругата пиела дијазепами, што рекла мајка му на директорот, кога сопругата го вратила моминското презиме на социјалните мрежи, како директорот разбрал дека се разведува, кога побарал брачен советник, како ќе ја води битката за децата… и сите останати пикантерии што го придружуваат сеирот наречен „екс директорски брачни проблеми“.
Според теоријата, медиумите се слика на општеството, односно секое општество има медиуми какви што заслужува. Ако слободата на медиумите е одраз на слободата на поединецот и на колективот во едно општество, тогаш македонското општество ја има целата слобода – да го пика носот во туѓи работи и туѓи животи.
Но, еве, да се обидеме да бидеме реални, невообичаениот интерес за вршење директен пренос од еден развод може да се толкува и како „трка по кликови“, пресметана врз традиционално развиените ниски страсти кај медиумската публика, но ние сме, сепак, склони овој феномен да го поврземе со општата професионална мрзеливост што владее во македонскиот медиумски простор.
Веќе одамна доминантен извор на содржините на македонските медиуми се социјалните мрежи, па медиумската анатомија, да не кажеме расчеречување, на еден развод е токму типичен пример на веќе традиционалната медиумска закржлавеност. Ќе си ја објави својата мака некогашниот директор на сопствениот фејсбук-профил и таа со брзина на светлината ќе стане општонационална забава.
Ќе ја пренесе, значи, еден или повеќе медиуми, оваа објава, од нив по супер ефикасниот принцип на копирање ќе ја преземат останатите и еве ја онаа слава од пет минути за која зборуваше Ворхол. Славата очигледно му годи на директорот, па тој продолжува јавно да го споделува својот интимен дневник.
Лесно пополнетиот медиумски простор очигледно им годи на медиумите, па тие продолжуваат да ја шират славата на директорскиот развод. И сѐ така во духот на архетипските латиноамерикански сапуници, барем додека не се појави некој посвеж и поатрактивен развод.
Да ги оставиме луѓето да мислат со своите глави, да ги читаат, слушаат или гледаат содржините што сами ќе ги изберат, а оние што се склони ова да го критикуваат, имаат широко и отворено поле да се занимаваат со навистина важните теми на моментот и на општеството во кое живееме
Дали ваквата пракса влијае врз менталната хигиена на општеството? Дежурните морализатори, кои секогаш се појавуваат во вакви ситуации, ова прашање ќе го сфатат како реторичко и ќе се расфрлаат со термини од типот „нарушен систем на вредности“, „таблоидизација на јавниот простор“, „криза на моралот“ и слично. И, како што тоа обично се случува, нема да бидат во право.
Што значи воопшто „нарушен систем на вредности“? Тоа што некој се разведува, а медиумите го пренесуваат неговиот развод? Дали тоа значи дека „заведената публика“ сега масовно ќе почне да се разведува за да ги доживее своите „пет минути слава“? А за криза на моралот, убедени сме, потребна е една многу посериозна општествена непогода отколку што е тоа еден ординарен развод.
Всушност, овој пример единствено ја покажува тенденцијата на медиумите да се самомаргинализираат и самите да се протераат од полето на интерес на јавноста. Анатомијата на директоровиот развод во суштина најдобро ја побива теоријата дека медиумските содржини можат да ги обликуваат човековите мисли, вредности и ставови, односно дека имаат моќ да создадат примитивни поединци и зомбија, гладни за кич и шунд.
Претпоставувам дека некој во стариот Египет ги обвинувал папирусите за зголемување на кражбите по пирамидите. Платон бил загрижен за влијанието на театарските претстави врз младината, а денес тие антички драми (со содржини во распон од инцест до инфантицид) се школска лектира. Теодор Адорно има покренато цел критички поход, укажувајќи за опасностите од – џезот! Денес џезот е музика на таканаречената културна елита.
Рокенролот, стрипот, телевизијата, радиото, филмот… сите тие медиуми во одреден период се обвинувани за „нарушување на моралот“. Во таа смисла, денешен таргет се таблоидите. Иако и таблоидните содржини се сосема легитимни и се обраќаат на одреден тип публика.
Но, далеку сме од тоа да кажеме дека ваквата новинарска мрзеливост е безопасна или беневолентна. Напротив. Во општество, каде што, некаде на маргините, а некаде и на отворената сцена, се препознаваат сериозни траги на расизам, шовинизам, сексизам, системски историски ревизионизам…, често пресликани и во медиумите, сеопштото разглобување за еден развод е одличен тепих под кој ќе го скриеме ѓубрето од нашиот двор. Токму како во инфантилните фантазии дека кога ќе ги затвориме очите – ќе нè снема.
Овој медиумски случај, всушност, зборува за тоа колку сакаме да мислиме дека сите околу нас се празноглави, дека имаат карфиол на она место каде што анатомите обично пронаоѓаат мозок, дека мисловниот процес им е пластелински и дека медиумите со леснотија го обликуваат… Ете, тоа е оној вистински морален пад на вредностите, многу поголем од констатациите за „неморалните“ медиуми.
Суштината е во изборот и во информираноста. Значи, да ги оставиме луѓето да мислат со своите глави, да ги читаат, слушаат или гледаат содржините што сами ќе ги изберат, а оние што се склони ова да го критикуваат, имаат широко и отворено поле да се занимаваат со навистина важните теми на моментот и на општеството во кое живееме.