Апокалипсата почна вака. Првин на социјалните мрежи ја прочитав саботната застрашувачка вест дека следниот ден во попладневните часови речиси целиот главен град на државата ќе остане без вода поради „интервенција на главната водоводна цевка Ф1600 мм во Рашче“.
Во времето на „алтернативните вистини“, прва работа што ми паѓа на памет е проверка на информацијата. На официјалниот сајт на ЈП „Водовод и канализација“ нема никакво соопштение. Или јас не можам да го најдам. Но, го има на нивниот фејсбук-налог.
Информацијата ја пренесуваат сите таканаречени кредибилни медиуми. Некоја моја доверба во мојата професија ми вели дека колегите сигурно ја провериле информацијата. Не е можно баш сите да го препишале само фејсбук-соопштението. Оваа доверба подоцна ќе ме чини неколку шишиња купечка вода и нешто изгубени нерви.
Во пресрет на судниот ден
Но, да одиме по ред. По совладувањето на благата паника, се потсетив на некои од првите лекции од социјалистичкото образование, кое ме учеше како да постапувам во случај на напад на надворешниот и внатрешниот непријател, во случај на боеви отрови, атомски експлозии и, меѓу другото, немање – вода. Со оглед дека природните ресурси, извори, шуми и водникасти растенија и листови не се баш достапни во Скопје, поминав на проверка и обезбедување сопствени залихи.
Првин ја проверив пластичната туба од некои 40, а можеби и 50 литри, што стои во бањата токму за вакви случаи. Полна е до половина. Едната половина е потрошена во некоја слична ситуација. Водата во тубата сигурно стои десетина години и убеден сум дека во неа веќе се развиени некои посложени облици на живот. Добро, ќе ја дополнам подоцна. Време е за следниот чекор.
Да замислиме дека во одреден момент навистина ќе се прави некаков зафат на Рашче и градот навистина ќе остане без вода. Па, белки, би требало да се назначи барем отприлика колку би траел тој зафат, каде би биле лоцирани цистерни со вода за пиење, а каде со техничка вода…
Ги пронаоѓам сите пластични шишиња и канистери од испиената ракија од годинашната реколта. Не излезе многу, 14-15 литри. Мојата подобра половина вели дека тоа е техничка вода? Зошто? Затоа што мириса на ракија. Убаво ги преплакнувам садовите и повторно ги полнам. Уште не сме задоволни.
Одам до маркетот да купам флаширана вода. Нема! Поточно нема повеќелитарски пакувања. Има само мали шишиња. Успевам да стасам до три-четири од нив на општа нервоза на купувачите што влегоа по мене. Нервозна е и касиерката. Ми објаснува за некултурата на потрошувачите. Шишињата со вода уредно ги ставам во шпајзот до останатите залихи. Две завршуваат во фрижидерот. Не заборавив и да се истуширам. На скапа струја.
Онака напнат, ама, сепак, задоволен дека релативно подготвено ќе ја пречекам пропаста на светот, заспав со сон на благословен праведник. Ниту ЈП „Водовод и канализација“ не ми можат ништо. Сѐ до утринските часови, кога разбрав дека вода – ќе има! Наводно, неовластено лице или неовластени лица го злоупотребиле официјалниот фејсбук-налог на претпријатието за да шират паника меѓу скопјани.
Култ кон жедта
За мене клучниот збор во инаку не баш убедливото соопштение беше токму „паника“. Да, навистина, зошто се луѓето склони да прават паника кога ќе разберат дека ќе снема вода? Повеќето митолошки и религиски катаклизми се врзани за потоп, а не за немање вода за пиење. Дури и не се сеќавам дека Господ (од која вера и да е) казнил некој народ со одземање на водата. Поплави, громови, молњи, пожари, болести… се неговиот вообичаен санкционирачки арсенал, а не жедта.
Меѓутоа, македонскиот ментален склоп функционира некако поинаку. На пример, сега да објави Хидрометеоролошкиот завод дека нѐ очекуваат обилни дождови, никој нема да мрдне со малиот прст. Никој нема да ја чисти атмосферската канализација или одводните канали, иако и тоа како сме имале (и ќе имаме) маки со поплавите. Дождовите за нас се благослов и бериќет. И никому не пречи што и од мали врнежи скопските улици се преобразуваат во вистински езера. Наспроти тоа, едно (непроверено) соопштение за прекин на водоснабдувањето како по наредба го активира севкупното граѓанство да се подготви за „судниот ден“.
Луѓето од јавното претпријатие не успеваат да ја изменаџираат сопствената фејсбук-страница, така што навистина е оптимистички да се очекува дека ќе успеат да изменаџираат некоја посериозна криза со недостиг од вода.
Огромен корпус од македонската литература е посветен на суши, жед, суводолици, голи планини, пресушени реки, бунари и извори и на придружните маки што доаѓаат во овие услови, а релативно малку, да не кажеме воопшто не е обработена темата на поплавите и штетите од нив. Жедна е земјата, што би рекле старите. Или, ние имаме култ кон жедта, што би рекол јас.
Од друга страна, несреќното соопштение на ЈП „Водовод и канализација“ навистина беше несреќно. Еве, да замислиме дека во одреден момент навистина ќе се прави некаков зафат на Рашче и градот навистина ќе остане без вода. Па, белки, би требало да се назначи барем отприлика колку би траел тој зафат, каде би биле лоцирани цистерни со вода за пиење, а каде со техничка вода, како би се снабдувале со вода здравствените установи, домовите за стари лица, како би се доставувала вода на оние што не се во состојба самите да се снајдат… Ништо од тоа немаш во соопштението.
Како божем да се работи за некој влез од некоја помала зграда, а не за главниот град на државата, во кој, на дневна основа, се наоѓаат барем половина жители од оваа земја.
Суштински нема место за изненадување. Ете, луѓето од јавното претпријатие не успеваат да ја изменаџираат сопствената фејсбук-страница, така што навистина е оптимистички да се очекува дека ќе успеат да изменаџираат некоја посериозна криза со недостиг од вода.
Скопје, всушност, и нема некоја посериозна „водоводна“ историја. За прв водовод се смета ископаниот бунар под Кале во 1907 година, кој полнел резервоар од 250 кубици и ги снабдувал со вода само околните куќи. Првата каптажа на Рашче, со цевковод од фи 400 милиметри, е направена во 1936, а пуштена во употреба следната година.
Вистинскиот водовод, оној каков што денес го знаеме, е всушност изграден по катастрофалниот земјотрес. Каптажата „Рашче 1“ е изградена таа 1963, а главниот цевковод со профил фи 1600 милиметри е пуштен следната година. Во 1969 е пуштен во употреба и вториот цевковод со ист профил „Рашче 2“. Врз некој од овие цевководи требаше да се направи спорниот зафат.
Засега ја избегнавме апокалипсата. Подготвените залихи нека стојат за црните денови без вода.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија