Недовршената промена

Никој никому не може да му ја попречи волјата да се залага за промени, ни кога тоа се случува во рамките на една партија. Прашањето е дали таа волја ќе се потврди низ статутарно предвидени постапки или прекутрупа, дали е резултат на внатрешен порив или на надворешен притисок и дали е мотивирана од идеолошки или oд пазарџиски причини.

Секогаш кога целта ги оправдувала средствата, партиите се повикувале на автентична и мнозинска волја. А кога не им одговараат „средствата“, се повикуваат не легитимитетот на постапките. Во таков круг се врти и приказната меѓу двете крила во Алијанса за Албанците (АА). Мнозинството е уверено дека во Куманово пукнала „првата пушка“ за промени, другите се уверени дека тој правец ќе се одредува утре во хотел под скопско Кале.

Но, работата е практично завршена и може да се прокнижи како последица од недовршената работа во 2017 година. Тогаш кога ечеше „падна власта“, падна само Груевски. Неговиот децениски партнер Али Ахмети се трансформираше во спасител, гледано од аголот на социјалдемократите и нивните приврзаници, но не и од тогашната опозиција кај Албанците. Тие не ја дочекаа промената.

Во 2017 кога ечеше „падна власта“, падна само Груевски. Неговиот децениски партнер Али Ахмети се трансформираше во спасител, гледано од аголот на социјалдемократите и нивните приврзаници, но не и од тогашната опозиција кај Албанците. Тие не ја дочекаа промената.

Оттогаш до денес, СДСМ и ДУИ, во разни фази ги проиграа сите партии на Албанците што денес го сочинуваат Европскиот сојуз за промени. Ги проиграа без пардон и оние со кои стигнаа до мнозинство, и оние кои во клучни моменти им го спасија мнозинството. Нема партија што не беше „потрошена“ од ДУИ. Цехот од таа игра сега стигнува за наплата. Таравари со еден потег предизвика тектонски потрес на полигонот каде што беше планиран голем европски фронт, кој без учество на АА, ќе биде далеку од планираниот габарит.

Но, ДУИ комплетно го прегоре и СДСМ. Сакајќи да презентира пред електоратот дека во владата на Ковачевски само небото им е граница, го сведе СДСМ на анемичен партнер, кој само аминува сѐ што доаѓа од Мала Речица. Таа коалиција се претвори во патолошка симбиоза, поради невротичната стрвност на ДУИ да извлече корист од сѐ, но за себе, а не за јавниот интерес, не сфаќајќи дека во крајна линија тоа носи штета за двата партнера. Ако сте го девалвирале партнерот, не ќе може да се сметате дека истиот тој ќе ви донесе додадена вредност кога ќе дојдат изборите на ред.

Односот на взаемност, низ кој двете партии би се развивале и помагале заедно, се изгуби меѓу алчноста на ДУИ и инфериорноста на Ковачевски, што остана негов клучен белег во мандатот.

Вториот тектонски потрес на полигонот на европскиот фронт, со повеќе афтершокови, би бил предизвикан од номинирање на претседателски кандидат на Европскиот сојуз за промени, кој веќе најави такво нешто. Тоа ќе ја остави ДУИ на бришан простор – да се натпреварува со помалку атрактивна варијанта за Албанците – консензуално поддржан кандидат на СДСМ, или да кандидира свој. Овие аспекти никако не му носат добитничка варијанта на СДСМ.

Она што дополнително може да ги наруши и малкуте кохезивни нитки (од интерес) меѓу партнерите во европскиот фронт, е ако ДУИ се одлучи и за самостоен настап на парламентарните избори, за да си обезбеди поголем маневрски простор за коалицирање по изборите. Ако има заеднички листи со СДСМ, ДУИ не ќе може да ја објасни колку од заедничкиот изборен скор ѝ припаѓа на партијата од Мала Речица.

Без оглед какви предности ќе си обезбеди за себе, ДУИ веќе се преигра и самата себеси. Списокот е долг. Од судски забошотени и нерасчистени корупциски скандали, заложбите да го врати Груевски, аздисување на нејзини кадри, кое продолжува и во преодната влада, хистеричниот триумфализам со премиерот Албанец, до брзопотезната поддршка за расчитување со кадри на АА во извршната власт што не им се истомисленици, се дел од фактурата што ќе им стигне за изборите. А тоа е само врв на ледениот брег.

Нема партија што не беше „потрошена“ од ДУИ. Цехот од таа игра сега стигнува за наплата. Таравари со еден потег предизвика тектонски потрес на полигонот каде што беше планиран голем европски фронт

ДУИ, и покрај тоа што се самопрезентираше како партија мајка, матица, ни за 20 години не успеа да развие магнетизам на позитивни вредности како гравитациска сила што ќе ги привлече и другите. Напротив, со начинот на однесување доминантно ги одбиваше, а денес жали што се создале толку многу партии на Албанците. Фрагментирањето е резултат на дејствувањето на една затворена елита на ДУИ, самозадоволна од себе, втурната во бизниси и без контакт со реалноста.

ДУИ израсна во партија на формализам, која сака да говори за датуми и трофеи, најчесто етнички, но не и за суштински процеси во кои ќе се отстрануваат сите детектирани дефекти во институциите, а најмалку за оние со кои раководат нејзини кадри.

Ако со помош на клиентелистички контингент досега успеваа да си обезбедат ореол на безгрешност и со него да го маскираат егоизмот, волунтартизмот, манифестациите на семоќност и неказнивност, таа приказна полека, но сигурно оди кон својот крај.

Оние што се препорачуваат како решение за новите предизвици, ќе мора да покажат суштинска разлика и многу повеќе од етнички фолклор – да имаат граѓански пристап во решавање на проблемите, вистинска заложба за владеење на правото и за европски вредности. Замена на една каубојштина со друга, ниту било, ниту ќе биде решение.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија