Апсолутна демократија

„Јас го направив вистинскиот избор. Направете го и вие“. Вака некако изгледаше мотивациската порака што на денот на локалните избори, преку социјалните мрежи, ја лиферуваа бројни партиски функционери, членови, симпатизери, а богами и бројни партиски ботови.

Како што сега стојат работите, за македонското гласачко тело, вистинскиот избор беше – да не избира! За волја на вистината и неизбирањето, односно негласањето, сепак, е избор. Односно покажување политички став.

Апстиненција на промените

Јас, се разбира, го искористив своето право и гласав. Не дека имав некаков реален избор, а најмалку, пак, вистински, туку гласав затоа што во демократските општества, а Македонија е белки такво општество, изборите се единствената и затоа најмоќната алатка на граѓаните да ја изберат својата власт, да ги изберат оние на кои ќе им дадат шанса да ја водат земјата, општината, месната заедница или што и да е, сосема сеедно.

И да ги сменат ако не се задоволни со тоа што нивните избраници го чинеле или не го чинеле во времето на нивниот мандат. Таа алатка е почеток и крај на демократијата. Таа е демократски канон.

Гласав затоа што за оваа привилегија низ времето се бореле илјадници и илјадници луѓе, затоа што буквално пролевале крв за да им се овозможи токму правото на избор. Гласав и наспроти моето убедување дека нашиот изборен систем е лош и форсира партократија и послушништво наместо демократија.

Според резултатите на изборите, излегува дека во изминативе четири години скопјани немале комунални проблеми

Гласав, велам, наспроти сознанието дека нашите политички елити свесно и со умисла си поигруваат со слободната волја на граѓаните и нивното право на избор, создавајќи од тој ‘рбет на демократијата недолично политичко средство за кое можат да му се припишат низа недостојни квалификативи од типот: манипулативност, корупција, узурпација, опструкција, измама, ароганција, прикривање, деструкција… и уште куп слични термини што не се погодни за употреба во јавен простор.

Токму поради ова мое сомневање во квалитетот на нашиот изборен модел, можам да ја разберам потполовичната излезност на изборите. Имаат луѓето во недела и попаметни работи да работат отколку да излегуваат на избори за кои се убедени дека реално нема да променат ништо.

Меѓутоа, проблемот со апстиненцијата е токму тој – со неа дефинитивно не се менува ништо. Ако мислат апстинентите дека со неизлегување на избори пратиле некаква порака до политичките партии, дека изразиле недоверба во нивниот квалитет, тогаш еве една вест за нив – грдо и грдно се лажат! Ене ги партиските функционери и нивните симпатизери кај што слават, сите убедени во нивниот успех и заслепени од илузијата дека се возобљубени чеда на својот народ.

Апстиненцијата го промовира принципот дека сите се исти и дека затоа нема никаква смисла да се оди на избори. Но, еве уште една новост – не се сите исти. Некои се полоши. Некои се покорумпирани. Некои се понеспособни… Со локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ ја запечати својата доминација на сите нивоа на власта. Практично има апсолутна власт во целата држава и во сите нејзини пори. Тоа едноставно не е здраво за едно демократско општество.

Функционирање со разнебитена и безидејна опозиција неминовно води во апсолутизам. Јас знам дека голем број од моите сограѓани посакуваат „цврста рака“, им се восхитуваат на политичките ликови од калибарот на Путин, Орбан, Ердоган, па и Вучиќ. Но, тука има еден проблем, таму каде што има „цврста рака“, таму нема слобода.

Конечно, една од основните функции на изборите, па и на демократијата, меѓу другото е и сменливоста на власта. Прашање за милион гласови: дали оној што ги има сите лостови на власта, ќе дозволи да биде сменет?

Паралелни светови

Локалните избори, по дефиниција, би требало да се разликуваат од парламентарните. Фокусот на локалните избори се локалните, односно комуналните проблеми, додека парламентарната политика ги одредува магистралните патишта на државата. На пример, евроинтеграции, задолжувања, отворање рудници и слично. Но, се чини, дека кај нас е сосема сеедно дали изборите се локални или парламентарни. Тие се секогаш историски и секогаш се партиски, поточно против некоја партија.

Јас немам друго објаснување за убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје. Досегашната градоначалничка беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ. Досегашниот Совет на Град Скопје го контролираше ВМРО-ДПМНЕ. Според резултатите на изборите, излегува дека во изминативе четири години скопјани немале комунални проблеми или во тој период им биле решени, па сега уште додатно ги наградуваат носителите на локалната власт.

Имам чувство дека основниот проблем е во тоа дека македонските гласачи, мнозински и длабински, како да не ја разбираат основната идеја на демократијата… А тоа е – изборот!

Јас навистина немам друго објаснување, освен дека јас живеам во некој паралелен свет, сосема изместен од реалноста. Дека само мене ми се чини дека воздухот е загаден, дека сообраќајот е во хаос, дека нема зелени површини, дека паркингот не е среден, дека градот се задушува во ѓубре, дека јавниот превоз е очаен… Или се скопјани опиени со некоја чудна дрога од која се причинуваат розови слонови. Како да ги зафатила некоја чудна колективна халуцинација. Јас друго објаснување немам.

Или како да го коментирам убедливото водство на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани. По најголемата трагедија во новата македонска историја, предизвикана од немар, корупција, ароганција…? Тоа е исто како да го коментирам Мојсие и неговото пресечување на Црвено Море. Мистерија што никогаш нема да успеам да ја решам.

Имам чувство дека основниот проблем е во тоа дека македонските гласачи, мнозински и длабински, како да не ја разбираат основната идеја на демократијата. Како да не ја разбираат смислата на изборите. А тоа е – изборот!

Можам јас до сабајле да зборувам за рамноправноста, слободата, еднаквите шанси, заштитата на ранливите категории…, но бадијала. Повторно ќе ги гласаме (не избереме, туку гласаме) оние што и досега нѐ влечеа за нос. Или што би рекле моите колеги од белградски „Пешчаник“, ако ви е добро – тогаш ништо.

Нѐ очекува уште еден круг избори. Јас го направив вистинскиот избор. Го направивте ли и вие?

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија