На денот кога се одбележуваше 98-годишнината од раѓањето на Блаже Конески (19.12.), на т.н. агрегатори на вести, само десетина информации беа посветени на тој датум.
А сето тоа во време кога во нашето „смачкано племе“ интензивно трае натпреварот кој повеќе го брани или ќе го одбрани македонскиот јазик – дали ќе ги игнорираме ставовите на БАН како ништовни и небитни, дали ќе ја претвориме во прав и пепел соседската илузија за „српската машина за пишување“ на која тие го виделе раѓањето на нашиот мајчин јазик, но и изјавите на оние наши кои однатре ја глодаа истата коска, прогласувајќи го лингвистичкиот Џин за „џуџето од Небрегово…“
Лека полека, од јалови брзања и купи ден – помини, испуштаме да посветиме поголемо внимание на личности и датуми кои ги сметаме за „папочно“ поврзани со јазикот на кој денес говориме, информираме, твориме, плачеме, се смееме, (не)свесно го деформираме, и на кој, за жал, сѐ повеќе се караме, делиме, навредуваме…
Покрај вчерашната објава на Заев на Фејсбук, и вечерашново поетско читање во чест на Конески во Друштвото на писателите на Македонија, во јавниот простор во кој треба да битисуваат нашите одговорности кон највредното што го имаме (та нели јазикот е нашата татковина), сѐ остана покриено со светиниколски сарми во димензија „лапни-голтни“ за да не се изложуваме на вонредни напори.
Не е првпат да се проѕеваме над значајните датуми, оставајќи ги во сенка на други теми на „трпезата“: кокаини, судски процеси, контразакони, амандмани, ПМ-честички, дневни партиски пресметки…
Сѐ на сѐ, слика која укажува како изгледа реалноста во која јазикот сѐ помалку го користиме за да изразиме идеи и самосвест, а сѐ повеќе за да ги претставиме последиците од разни индивидуални и колективни непромислености.
„И така, чекор по чекор и збор по збор
ме доведе довде
над секнатиот бунар
на мојата душа“
И додека тој останува зад некаков непишан „игнор“, ние во нашето автентично јазично царство и натаму достоинствено го браниме јазикот, на кој одамна престанавме да разговараме.
Секој ден нешто „постираме“, објавуваме „статуси“, латиничариме по Фејсбуци и Инстаграми, кирилицата ја сметаме за демоде под „селфињата“, собираме „френдови“, се логираме на браузери, си пренесуваме кукис на хард-драјверите, даунлодираме и апдејтираме сѐ што ни треба, и најуредно се грижиме за софтверот и хардверот низ кои се процесира нашата неодговорност кон јазикот и македонското „ишју“.
Што би рекол тој на ова? Не знам…
„Сега сме сосем во шумот
на говор што се моли.
Сега е сокршен умот,
сега се душите голи “.
Не знам како би нѐ доживеал кога би нѐ сретнал денес. Тој, зад хоризонтот на онаа непроценлива јазична и граматичка ризница, а ние со послужавник на кој сме наредиле – не леб и сол – туку пинови, пасворди, мемориски картички, УСБ мемориски стикови…, и сѐ што треба за добредојде, за да може да комуницира и да нѐ „разбере“.
Би немал слушнато за смартфон, ајпед, не би знаел што е хаштаг, стриминг, лајк, твит, ретвит. Не би знаел што се клик бајтови, трендинг наслови, провајдери… Некои би го хејтале поради тоа.
Не би бил сигурен дали зборуваме на истиот јазик. Би се чудел колку убави зборови се заменети со емотикони, затоа што немаме време да ги пишуваме. Не би стигнал ни да нѐ праша – зошто? – со оглед дека постојано некаде брзаме, иако до никаде не сме стигнати, а многумина не се ни сигурни во која насока би сакале да одат, но за секој случај имаат џи-пи-ес.
Не знам што би рекол, но ми се допаѓа она што еднаш го запишал.
Ги нема – значи биле.
Тоа не е лоша тема!
И јас сум бил
штом ќе ме снема“.