Јавниот простор е затрупан од пораки за сочувство, но вистинското сочувство е изгубено под налетот на политичкото постројување пред и зад линијата на трагедијата во Тетово. Тоа постројување e претворено во клучен вербален мејнстрим, во кој преку децибелите на изречената критика треба да се препорача кој е најморално „овластен“ да зборува за етика и одговорност во оваа земја.
Во тој невкусен јавен ритуал нема никаква граница меѓу изјавите, погребите и тишината на тагувањето. Политичките посети на членови на ожалостените семејства наликуваат на искамчување препорака/ тестамент од нивните блиски за изборни цели, обезбедување теренско сведоштво за големината на болката и загриженоста што ги обзела партиските посетители.
Прашањето е дали граѓаните се свесни дека одговорноста и сериозноста подразбираат да не се западне во профаност по разните трагедии што се одиграа на овој простор
Така, не само што не се изразува почит, туку се создава една абнормална пракса за негување политички нарикачи и нарикачки манири, посилни од каква било елементарна култура. Koлку во таа жалост имало искреност, а колку потреба за политичко профитирање, ќе судат сите кои нештата ги анализираат надвор од нивната дневна површност.
Целиот трагичен настан беше можност за свесно или несвесно демонстрирање на фактот дека тековната визија за македонската иднина го заокружила своето обличје малку во стиропор, малку во пластика, со рамка на големата слика падната во пепел. Во секаква смисла. Нема тука ни армиран бетон, ни строги принципи, а камоли построги контроли. Сето тоа е прилично егзибиционистички настроено и кон надлежностите и кон обврските, па и кон политичката конкуренција.
Што правиме сега? Докажуваме постмортални квалитети, ситуации во кои нешто треба да умре за да почне посилно да живее (поука за иднината), во живот кој ќе стане целосна негација на смртта што му претходела и други дрн-дрн утехи. Се вртиме во круг бидејќи дури ни вакви случаи не предизвикуваат катарза, затоа што се затнати каналите на искрена комуникација и одговорност.
Можете да разбудите некого што спие, но не и некого што се прави дека спие. И досега сме имале бројни искуства со балсамирани навики, па оттаму и сомнежот дека и ова ќе заврши според стекнатата практика времето да ги покрие пропустите.
Деновиве разговарав со професор по градежништво, кој со право забележува: никој не бара мислење пред нешто да се случи. Сите прашуваат потоа, откако ќе се случи трагедија – пожар, поплава… Во право е. Сите што кружат околу модуларната болница со црни ленти на реверите, требало да кружат таму пред таа да се пушти во употреба. Сега нема поента. Освен за форензичарите, за жал. Сите други сега може да кружат околу другите модуларни болници, да воочат дали има евентуални недостатоци за да превенираат реприза на ужасот од тетовската.
Деновиве разговарав со професор по градежништво, кој со право забележува: никој не бара мислење пред нешто да се случи. Сите прашуваат потоа, откако ќе се случи трагедија
И не се само модуларните болници во прашање. Дали некој надлежен ја проверил состојбата и степенот на заштита на дрвените бараки во Скопје изградени по земјотресот? За две години и тие ќе „прослават“ шест децении, а не знаеме какво им е „здравјето“, дали се тестирани, колку пати се „стентирани“. А во такви бараки сѐ уште се сместени и детски градинки, и амбуланти, и општински власти сосе обемни архиви и документации…
Дали некој ја проверува пристапноста на противпожарните возила до зградите начичкани една до друга или една врз друга, а изградени во согласност со сите дупки во законите и плановите? Не верувам. Да се биде незаинтересиран, исто така е морална определба. Во многу случаи, тоа е и политичка определба, во чиј постамент е вградена културата на рамнодушност.
Во таквата политика, релативизирањето и подносливоста на грешките стануваат општоприфатливи. Плус, се ближат избори, па кој да мисли на споменатите „дребулии“. Ете, дури и вечно поларизираните пратеници преку ноќ постигнаа консензус за измени во Изборниот законик, ама опонентите не беа толку усогласени кога требаше да се потпише заемот за изградбата на модуларните болници.
Пред некој ден не постигнаа ни согласност да се стави на дневен ред предлогот на Левица за намалување на патните трошоци на пратениците. Само 19 гласале „за“. А зошто сите да гласаат „за“, ако со тој предлог надоместокот би им бил сведен до вредност на автобуски билет. Преведено од јазикот на суетата, во таков случај, пратениците би биле исти со граѓаните што ги избираат нив, а тоа им станува сѐ потешко откако фино ќе се разбашкарат во законодавниот дом.
Еднакви со избирачите остануваат само во ветувањата напишани во партиските програми. Во пракса сакаат да си бидат поеднакви од другите. Тоа е она „нормално“ лицемерие сo кое се навикнуваме да живееме и да мижиме пред енормни трошоци за несуштински потреби. А се помируваме со штедење материјал за болници или со одолжување на нивното градење.
Дали некој ја проверува пристапноста на противпожарните возила до зградите начичкани една до друга или една врз друга, а изградени во согласност со сите дупки во законите и плановите? Не верувам
Прашањето е дали граѓаните се свесни дека одговорноста и сериозноста подразбираат да не се западне во профаност по разните трагедии што се одиграа на овој простор и дека има многу латентни пожари, кои не се помалку опасни од тие што можат да проголтаат животи за четири минути, чиј чад не е видлив, ама гарантира живот во сеопшта магла.
Не е едноставно, а луѓето се веќе прилично изморени од ковиди и рестрикции, од стресови и бесови, од егзистенцијални и други проблеми, од несигурноста дали се вистински живи или случајно живи, што отсликува мртов амбиент за ресет. Обдукцијата на нашата реалност покажува дека за секој чекор напред е потребна самосвесна јавност, која ќе ги нема да ги спушта очекувањата од изборите и од елитите.
Токму заради избори и жестоко навивање за преферираните партиски елити, граѓаните со години си вадат очи меѓу себе. А замислете како би било кога една самосвесна јавност би им побарала на кандидатите конкретно да докажат дали навистина се луѓе од нов ков, за нови времиња, со нова реторика и со реални, а не со ретуширани програми? Еден нема да остане на јавната сцена ако ги стават на темелен систематски преглед. Илузиите, сепак, најбрзо горат.