Дури пред само седум години, во 2010 година, Обединетите нации го прогласија правото на чиста вода за пиење за суштинско човеково право. За потсетување, организацијата е формирана цели 65 години пред тоа, така што, не знам дали во меѓувреме испитуваа дали човекот можеби ќе се оспособи да живее без вода, или решаваа поважни проблеми, или чашата со вода што секогаш им е достапна до говорницата им го одвлекуваше вниманието, но факт е дека денес 900 милиони луѓе во светот сѐ уште немаат пристап до чиста и здрава вода за пиење, додека 2,5 милијарди луѓе немаат нормални услови за одржување на својата хигиена.
На овие 2,5 милијарди луѓе, деновиве им се приклучија и жителите на Аеродром. Затоа што, за разлика од ваквата несфатлива игнорантност на Светската организација, Скопје е град на солидарноста и со сѐ почестите рестрикции ние уште еднаш покажуваме дека имаме разбирање и знаеме да сочувствуваме со луѓето во светот и во Републикава кои немаат вода.
Иако во главниот град имаме водовод уште од далечната 1907 година, изграден за време на султанот Абдул Хамит Втори, иако по Виена, Скопје има пристап до најчиста вода за пиење, иако издашноста на Рашче 1 и Рашче 2 е огромни четири, а понекогаш дури и седум кубни метри во секунда, тоа не смее да биде причина и ние повремено да не се чувствуваме како оние кои ги немаат ваквите благодати на современата цивилизација.
Светскиот ден на водите е на 22 март, но зарем да чекаме до март за да се потсетиме колку ни е битно да имаме вода.
Скопје е град на солидарноста и со сѐ почестите рестрикции ние уште еднаш покажуваме дека имаме разбирање и знаеме да сочувствуваме со луѓето во светот и во Републикава кои немаат вода
Освен што се многу солидарни, одговорните во Скопскиот водовод се и многу културни. Така, тие овие, можеме слободно да ги наречеме – денови на жедта и намалената хигиена, редовно ги проследуваат со културни соопштенија во кои нивната човечност доаѓа до полн израз и во кои срдечно, од срце и со длабок наклон, им се заблагодаруваат на жителите оставени без вода за нивните толеранција и разбирање.
На тој начин, освен што заедно со Виена располагаме со најчиста вода, со австриската престолнина, ете, нѐ спојува и тоа што во ЈП „Водовод и канализација“ владее „бечка школа“ на однесување. Читате, на пример, како почнува нивното вчерашно соопштение и само стравот да не дехидрирате ве спечува да заиграте валцер од радост: „ЈП Водовод и канализација искрено им се извинува на сите граѓани кои имаа непријатности поради прекините во водоснабдувањето и жали за проблемите со кои се соочија. Компанијата изразува благодарност за трпението на граѓаните во минатиот период“.
Мислиш место вода, мед и млеко ќе потече од славините.
Можеби, на моменти, ќе ве фати нетрпение и некултура, па ќе почувствувате порив да фрлите по некоја пцовка кон „Водовод и канализација“ или, не дај боже, некоја клетва кон императорот-автор на карикатуралната инсталација од бетон и стиропор „Скопје 2014“ со милионите со кои можеше да се обнови водоводната инсталација, но тоа е, верувајте, само момент на слабост.
Прочитајте го уште еднаш соопштението. Бидете силни и достоинствени, тоа само пропагандата и странски служби насочени кон уривање на кредибилитетот на ЈП „Водовод и канализација“ се обидуваат да ви создадат перцепција дека некој сака да ве превесла жедни преку вода.
Ете и императорот-автор на инсталацијата рече дека не се кае за ништо, станувало збор за перцепција креирана од надвор. Можеби и вашите суви славини се само перцепција. Можеби не сте валкани и немиени, можеби тоа е само валкана кампања да се оцрнат Никола Груевски и неговиот скопски вазал – Коце Трајановски.
И не туку цитирајте разни документи од меѓународното хуманитарно право и правото на здрава животна средина, разни конвенции за пристап до безбедна и чиста вода за задоволување на човековите потреби, како онаа Женевската конвенција од 1949 година, на пример, или нејзиниот Протокол од 1977 година, кој вели, замислете, дека човек треба да има пристап до чиста вода, и во нормални и во воени услови, па дури и пред локални избори, кога потребата од вода е засилена, зашто партиите и верните симпатизери засилено почнуваат да се плукаат меѓу себе. Со тие документи можете слободно да си го избришете задникот, со оглед на тоа што немате вода да си го замиете.
Џабе вам ви пука филмот кога на „Водовод“ ќе му пукне цевка. Џабе ги студирате со какво „фи“ биле пукнатите цевки, кога имате власти на кои „фи“-то за крадење им се раширило до бескрај
Џабе вам ви пука филмот кога на „Водовод“ ќе му пукне цевка. Џабе ги студирате со какво „фи“ биле пукнатите цевки, кога имате власти на кои „фи“-то за крадење им се раширило до бескрај. Џабе роните солзи (а со нив и скапоцена вода од вашиот организам), кога градските власти на гладно (а богами и на жедно) срце ве задолжија во март за уште седум милиони евра да се дозаврши нивната велелепна барокна зграда. Едноставно, властите не се виновни за ништо. Барем не сегашниве. Пукаат цевките на Абдул Хамит Втори, жалете се кај него. Додуша, пукаат и оние пред и оние по земјотресот, ама за тоа се виновни Тито и Лазо.
Освен тоа, за кого да се градат водоводи – за овој неблагодарен народ со погрешна перцепција креирана од надвор? Па еве, земете го и примерот со споменатиот Абдул Хамит Втори. Веќе следната година откако човекот изгради водовод, младотурците му кренаа револуција и го соборија од власт. Проста, изманипулирана, неблагодарна раја.
Народот рекол жеден коњ матна вода не гледа. А кога парите ќе отидат на коњи, народот не гледа ни матна ни бистра вода, просто си останува жеден. За некого чашата можеби е полуполна, за друг полупразна, за вас е можеби празна. Сѐ е прашање на перцепција, што би рекол Груевски.