Da se pitam, ja bih betoniro travu
I ofarbo tamno braon svaku vodu plavu!
Nekako bih probusio tanki sloj ozona
A Zemlju bih zastitio kesom od najlona!
Рамбо Амадеус, Ивица Коневски, Златко Марин…
Македонија пропушти шанса на референдумот трајно да ги бетонира своите перспективи и да фрли некоја лопата бетон врз идентитетските темели на македонскиот народ, но тоа не значи дека багерите мируваа. Напротив, тие бетонираат нон стоп кога треба да се утврди темелната вредност на нашиот идентитет – коруптивна рибoнуклеинска киселина, која ни овозможува за малку пари да испорачаме глупоќа од нуклеарни размери и сива маса колку мозок на риба.
Притоа, оваа коруптивна багра редовно игра на картата на кусото паметење.
Па така, имате ситуација во која советници, кои во пижами ги собрале во општина да гласаат ДУП и да овозможат бетонски монструми, сега да се во први редови на уривањето тараби околу градежните парцели на чудовиштата што самите ги создале.
И истовремено, за парадоксот да биде целосен, имате градоначалник кој ги добил изборите на ветувања дека ќе го отепа чудовиштето, за сега да го нема на протестите затоа што е многу зафатен со потпишување дозволи за градба што му ги оставил во чеиз неговиот претходник.
За тие што не знаат, претходниот градоначалник Ивица Коневски ненајавено, на само неколку дена пред истекот на мандатот ја протурка точката за промена на ДУП-от на дневен ред во Советот со што ќе се изградат повеќекатници, а на местото на зеленилото покрај Вардар и кај Мајчин дом ќе има паркинзи и гаражи. Вчера, вмровските советници се сликани како протестираат.
Инаку, во малку понормални држави од оваа нашава, референдуми се прават баш за ДУП-ови, ГУП-ови и за други шутови што не можат да ги расчистат локалните трупови, а меѓудржавните договори не ги потпишува народот, тие ѝ се оставени на дипломатијата и на поголемите умови
Тогашниот советник Златко Марин, пак, кој преку социјалните мрежи ги повикуваше аеродромци јавно да го покажат револтот и да излезат на протест пред Општината, денес го нема на протестите, ги кани демонстрантите да им сварел кафе и да си евоцираат спомени од протестите.
А во општонародната глупоќа се крсти и Уставниот суд, кој, веројатно истрошен од тешката правно-референдумска битка со Левица и Тодор Петров, нема сили сега да влегува во ринг и со градежната мафија. При што, од високо, од прокиснатиот покрив на нивната грда барокна зграда, со ироничен потсмев гледаат како голоракиот народ долу се бори со багерите и со таму некои кутри градежни работници, а ги остава нивните уставни булдожери да ја рамнат парцелата Македонија на нула.
Има многу парадигма во случувањата околу спорното градилиште во Аеродром. Тоа ни се случува постојано и на национално ниво, за сите судбоносни прашања.
На пример, истовремено со опишаниот парадокс на монструмот од Аеродром, имаме ситуација во која партијата што две децении се удираше в гради дека ги удрила темелите за евроатлантска интеграција на Македонија и нејзината прозападна ориентација, денес мава со токмаци по тарабите околу градилиштето, во кое килаво, но, сепак, се гради евроатлантска Македонија.
Но, кажете ми искрено, што очекувате вие од земја во која фирма што се вика Бетон се занимавала со товарење чартери со гласачи за избори? Зар не е логично ова што денес ни се случува, што ни истураат бетон врз главите и живи што нè бетонираат? Ги примаме ли тие ајвани до нас на тарабите? Ги примаме. Ги фрливме ли во дупките што се ископаа поради нивните ДУП-ови? Не ги фрливме. Е па, ондак, кркај си бетон Македонче, јер бетон, бетон, само бетон, бетон вама треба. Во право е Рамбо, да се прашувам јас, би ви ги исекол сите шуми и за украс би ви поставил тракторски гуми.
Инаку, во малку понормални држави од оваа нашава, референдуми се прават баш за ДУП-ови, ГУП-ови и за други шутови што не можат да ги расчистат локалните трупови, а меѓудржавните договори не ги потпишува народот, тие ѝ се оставени на дипломатијата и на поголемите умови. Да се разбереме, не дека кај нас немаше ниту на тие референдуми да гласаме со интелигенција и визионерство на мозок на риба, ама барем штетите ќе беа попоправливи. (Сетете се на пример дека ние скопјаните решивме сами во Скопје да нема трамвај. На референдум. Најдемократски.)
А во општонародната глупоќа се крсти и Уставниот суд, кој, веројатно истрошен од тешката правно-референдумска битка со Левица и Тодор Петров, нема сили сега да влегува во ринг и со градежната мафија
Дваесет илјади аеродромци што гласаа на изборите против бетонски чудовишта во нивната земја се измамени. Да видиме сега дали пратениците ќе отидат чекор подалеку, па ќе успеат и оние 600.000 што гласаа за влез во ЕУ и НАТО преку Преспанскиот договор да бидат измамени.
Притоа, иако звучи така, евроатлантска Македонија не е оксиморон. Тоа е единствената можна Македонија. Секоја друга ќе се распадне како деветкатница од карти. Секоја друга ќе биде урната како опасна дивоградба на континентот, зашто едноставно ќе ја нема ниту во деталниот урбанистички план за Балканот, а ниту во генералниот урбанистички план на Европа. И тоа по наш избор, а не по избор на некакви советници.
Инаку, фактите и сите досегашни искуства го велат следново – ако денес не ги натераме пратениците во Собранието да го изгласаат урбанистичкиот план за изградба на евроатлантска Македонија, утре џабе ќе протестираме околу големата дупка што денес гордо си ја нарекуваме ФИРОМ.