Груевски не може да се споредува со Мохамед Али, туку единствено со скандалозниот потег на Мајк Тајсон, кога тој му го одгриза увото на противникот Холифилд. На ист начин и Груевски сака да го одгризе „Големото уво“, за да го снема како доказ за сè што се правело со години во државниот ринг.
Според детектираниот недозволен допинг и спорните техники што ги користи во неговата политичка битка, Груевски ни симболично не може да се идентификува со учинокот на ниту еден боксер од светски ранг, особено не со Мохамед Али.
Не поради тоа што Груевски е боксер аматер од „мува категорија“ туку заради стекнатата аура на неспортско однесување.
Колку за споредба, двократниот светски шампион во тешка категорија, Мохамед Али, бил познат по коректниот речник кон своите противници. Се шегувал, но не ги понижувал, не ги навредувал, не користел „ниски удари“. И кога ги нокаутирал, им подавал рака. „Стани, бори се“, го повикувал неговиот противник Сони Листон да застане на нозе, по победата во 1965 година. Фотографијата од таа сцена е прогласена за една од најголемите спортски фотографии за сите времиња.
Годинава, двата пара боксерски ракавици од тој меч беа продадени на аукција во Њујорк за 956.000 долари. Отприлика, колку што чини мерцедес и пол на нашиот боксер аматер.
Груевски единствено може да се идентификува со скандалозниот потег на Мајк Тајсон, кога тој целосно ја загуби контролата над здравиот разум и спортскиот дух, и му одгриза парче уво на противникот Ивандер Холифилд, по што доби забрана за работа поврзана со бокс.
Со премиерски речник во кој доминираат боксови, тупаници и нокаути, Груевски е на добар пат да ја оживее таа сцена од мечот во 1997 година. Тој неодоливо сака да одгризе уво. „Големото уво“. За да го снема како доказ за сѐ што се правело со години во државниот ринг, за да нема сведоштва за тоа кој избоксувал нелегално прислушување на илјадници граѓани, новинари, политички опоненти и кој користејќи сознанија од тие разговори, ги нокаутирал опонентите и во политичкиот, и во академскиот, и во медиумскиот, и во бизнис рингот.
Негов „Холифилд“ денес не е само Заев или здружената опозиција. Наспроти него стојат илјадници граѓани кои бараат демократски промени и фер игра. Но, Груевски не е подготвен за фер плеј. Затоа и му пречи посредникот Ванхауте, бидејќи му ѕирка во „трезорот“ и му ги открива недозволените ризници за ниски удари.
Патем, играч како Груевски, и да „победи“, никогаш нема да има аура на победник, а најмалку на шампион, бидејќи никогаш ништо не избоксувал сам. Секогаш имал доволно потрошен кадровски материјал околу себе, кој во разни фази му ги завршувал обврските. Еден му ги избоксувал гласачите од Преспа, друг измените на ГУП-от и ДУП-от, трет му избоксувал контролирани судии, четвртиот му избоксувал послушници во медиумите, петтиот му ги избоксувал пензионерите…
И по многу такви рунди избоксувани од други, Груевски влегува во рингот тогаш кога треба да се земе пехарот.
Тоа е „стратегијата“ на нашиот боксер од „мува категорија“. Неговата „храброст“ оди дотаму, што на други им нарачува да најдат некој што ќе му удри шлаканица на Андреј Жерновски. Инаку, тоа е оној мрзлив градоначалник на Центар, „кој ветил гасификација за училиштето ‘Димитар Миладинов’ каде што учи и ќерката на премиерот, ама немало абер од тоа“.
Да не беше трагично, ќе беше смешно. Ќерката на премиерот учи во училиште кое има греење, струја, базен… Немало уште гасификација. Е нема. Молам некој од Министерството за образование да му избоксува еден точен извештај на премиерот, за да види колку деца по колку километри од рани мугри и доцна навечер пешачат од/до најблиското училиште, колку училишта немаат никакво греење, во колку училишта се среќни ако не падне фаза и колку училници сами се претвораат во базен дури и по послаб дожд.
Не знам дали мрзливиот Жерновски прави нешто за гасификација на училиштето во кое учи и премиерската ќерка, но пред да се даваат какви било оценки можеби треба да се ѕирне и во касата на општина Центар. Да се види дали останал некој денар за таа намена, откако едно чудо пари беа стопени во бронза, мермер и хонорари.
Жално е кога еден премиер, наместо да зборува за потребите на сите деца, зборува за неговите. Да, Груевски повремено мисли и на туѓите деца и на нивните родители, но тоа го прави кога му требаат нивните гласови.
Во меѓувреме, најмалку важен е податокот дека премиерот бил настинат, наспроти фактот дека на ученик во Скопје му била дијагностицирана туберкулоза. Епидемиолозите се загрижени што туберкулозата во 21 век се јавува во урбана средина. Па сега да разјасниме – или не сме урбана средина, или не сме во 21 век. Привидот за урбаност можеби ни го даваат само нечии скапи автомобилски седишта со масажери и монитори за „децата“ да си гледаат филмови додека се возат. Инаку, „децата“ е шифрирано име за високи странски гости кои во Македонија треба да се возат во најскапиот блиндиран мерцедес во Југоисточна Европа.
И на крајот, како што вели премиерот, „да се вратам на аналогијата за борбата на Мохамед Али“. Борец е борец и кога не е на рингот. Некогашниот шампион (73), кој повеќе години е тешко болен од Паркинсоновата болест, деновиве остро ја критикуваше изјавата на контроверзниот претендент за американски претседателски кандидат, Доналд Трамп, дека треба да се забрани влез на муслиманите во САД.
„Вистинските муслимани знаат дека безмилосното насилство на т.н. исламски џихадисти е против нашата религија. Овие безмилосни убијци попречуваат луѓето да го видат она што е вистинско во исламот“, порача Али, покажувајќи дека борбата за достигнатите општествени вредности, демократија и слобода не смее да запре, без оглед кој е на власт или кој се бори за неа.
Еднаш шампион, секогаш шампион. Инаку, како „најостра“ реченица во мекиот речник на Мохамед Али, е запомнета следнава: „Ако можат да направат пеницилин од мувлосан леб, сигурно можат да направат нешто и од тебе“.
Не успеав да дознаам кому му била упатена, но верувам дека била адресирана до некој самобендисан аматер.