Болна изборна дупка

Што научивме од претседателските избори? Како по обичај – ништо!

Нерешениот резултат, исто така како по обичај, ќе се смета и се смета за победа, без оглед за која страна од изборните тимови станува збор, вклучувајќи ги тука и таканаречените бојкотирачи. Со 40-процентна излезност не може баш да се каже дека агресивната кампања по социјалните мрежи за бојкот на изборите успеа.

Со ваквата излезност, додуша, не може да се тврди ниту дека изборите беа успешни, особено ако се знае дека зад тројцата „натпартиски“ кандидати застанаа буквално сите релевантни политички партии во државата.

За волја на вистината, претседателските избори никогаш не биле некој особен предизвик за просечниот македонски гласач, а тенденцијата бројот на гласачите перманентно да паѓа од избори во избори, ете се потврди и во овој изборен циклус. Нема да се приклучам кон тезите дека главна причина за слабиот одѕив е разочараноста од политиките што се водат. Разочараноста е само оправдување за останување дома, тогаш кога треба да бидете дел од решението.

Од друга страна, без оглед на нејзиното значење во некаква симболичка смисла, извршната моќ на претседателската функција е прилично ограничена, што значи дека просторот за манипулирање со клиентелизам, коруптивни зделки и тендери е прилично мал и целосно небитен за обичниот гласач, што самото по себе ја прави небитна и претседателската фигура. Освен, се разбира, ако нешто ептен добро не упропастите, како што беше случајот со (до)сегашниот Претседател на Републиката.

Јас, се разбира, не ги бојкотирав изборите, ниту апстинирав, иако морам да признаам дека токму за овие избори бев најнезаинтересиран и најапатичен досега. Токму толку колку што беше здодевна и апатична предизборната кампања, заедно сосе нејзините главни актери.

Прашањето од милион тендери, значи, гласи: дали ќе има цензус во вториот круг на претседателските избори? Избори каде што најважното прашање е дали ќе се постигне цензус или нема, да бидеме искрени, и не можат да се наречат некакви избори

Речиси ниту едно битно прашање не беше поставено, а уште помалку продискутирано. И ако имаше некакви назнаки на стратешки прашања, тие најчесто добиваа одговори во форма на флоскули и испразнети реченици. Во таа смисла, речиси ми е сеедно кој од кандидатите ќе стане следен претседател. Или, како што веќе некаде напишав, кој било од кандидатите ако стане претседател ќе ги исполни моите очекувања – затоа што не очекувам ништо!

Зошто тогаш излегов на гласање? Затоа што не сакав, не сакам и нема да сакам да се откажам од граѓанското право да учествувам во креирањето на политиките преку избори. Проблемот на овие избори, всушност, е проблем на овдешното „метафизичко“ сфаќање на времето како момент и како мерка на нашите (поединечни) животи, без никаков допир со минатото, а уште помалку со иднината.

Имено, за правото на глас се воделе борби, се гниело во затвори, се умирало… Секако, не за да го искористиме правото да не гласаме. Негласањето, едноставно, не проектира никаква иднина. Доведува до концентрација на власта кај оние што ја имаат и досега, без можност гласачите да имаат директно влијание и со тоа контрола врз одлуките (принципот на претседателски избор во Собранието, на пример). Значи, сегашноста без минато и без иднина е ништо, дупка, празнина… Како што беа и овие избори.

Прашањето од милион тендери, значи, гласи: дали ќе има цензус во вториот круг на претседателските избори? Избори каде што најважното прашање е дали ќе се постигне цензус или нема, да бидеме искрени, и не можат да се наречат некакви избори.

 Ги слушам политичките лидери и кандидатите, сите им честитаат на граѓаните за „европски“, „скандинавски“, односно фер и демократски избори (што е плеоназам самото по себе – ако беа нефер и недемократски, тогаш не беа ни избори), како божем да покажавме којзнае каква политичка зрелост затоа што не се испоклавме на избирачките места. Конечно, можеби и ќе се испоколевме ако излезеше критична маса гласачи.

Со ваквата излезност, додуша, не може да се тврди ниту дека изборите беа успешни, особено ако се знае дека зад тројцата „натпартиски“ кандидати застанаа буквално сите релевантни политички партии во државата

Всушност, не покажавме политичка зрелост, туку токму обратното – демонстриравме политичка инфантилност. Особено организаторот на овој изборен циклус. Имено, ноторен факт е дека вториот круг секогаш има послаб одѕив. И ако притоа го додадеме познатото и апсолвирано искуство дека со овој пренадуен избирачки список, плус со упорно одбивање да се попише резидентното население, тешко се постигнува цензус, ете некој се сетил вториот изборен круг практично да падне на последниот ден од продолжениот велигденски одмор што, во согласност, со погоре изнесената теорија за живеење во моментот, дава сериозни шанси претседателските избори да – не успеат!

Ако ваквиот, инаку мошне реален, развој на работите го гледаме низ клучот на разбирањето на неуспешниот референдум, односно дека на референдумот не беше донесена одлука, па институциите на системот ја зедоа работата во свои раце, тогаш и неуспешните избори можат да се толкуваат како, ете, не е донесена одлука, па институциите ќе ги земат работите во свои раце. И, ете ви избор во Собрание, нови преговори, пазарења, Пржина, олеснувачи, кризи… И како бонус – додатна маргинализација на претседателската функција, која дури тогаш ќе зависи од волјата на собраниското мнозинство.

Значи, што научивме од изборите? Освен она што го знаевме, односно дека Македонија е речиси хируршки поделена на два дела и дека ВМРО-ДПМНЕ, без оглед на сите злосторства во непосредното минато и целата неприлагодливост кон современите текови, не само што не е дефакторизирано, туку со ваквите потези неговата улога изненадувачки добива на значење.

Со други зборови, не научивме ништо!