Каде и да си за Божик, само во Витлеем да не си. Од пред два и кусур милениума од раѓањето Христово, кога над онаа пештера во Витлеем, каде што наводно е роден богочовекот Исус Христос, ангелите пееле песни за мир и љубов во светот, нема поминато ниту една година, еден месец, еден ден, еден час, една минута… а да имало мир и љубов меѓу луѓето, народите, државите…
Иако целата историја е преполна со злосторства и херојски чинови, со „славни“ крвопролевања, со херои кои во суштина се масовни убијци, со освојувања што се толкуваат како ослободувања, со жртви и саможртви, за сегашните генерации, се чини, дека мирот Божји не бил никогаш подалеку од денес.
А, колку што знам, сѐ уште нема ни трага од ветените воскреснувања на мртвите, (освен во холивудските хорор-филмови за вампири и зомбија).
Исусовото родно место, она мало село наречено Витлеем, сега е гратче од околу 30.000 жители, од кои речиси половина се хрисјани по вероисповед. Главно станува збор за Арапи, но и за христијански мисионери од различни цркви, кои решиле тука да воспостават свои храмови и да ја шират својата вера.
Патем речено, речиси по традиција, градоначалникот (често и градоначалничката) на Витлеем е од хрисјанска вероисповед.
Иако целата историја е преполна со злосторства и херојски чинови, со „славни“ крвопролевања, со херои кои во суштина се масовни убијци, со освојувања што се толкуваат како ослободувања, со жртви и саможртви, за сегашните генерации, се чини, дека мирот Божји не бил никогаш подалеку од денес
Витлеем се наоѓа на некои десетина километри јужно од Ерусалим, но според оние што биле таму, практично е споен со овој град. Имено, периферните делови на Ерусалим и Витлеем речиси се допираат. Ги раздвојува оној ѕид во висина од шест до осум метри и онаа бодликава жица што ја дели израелската држава од палестинската самоуправа.
Витлеем, имено, се наоѓа на Западниот брег, територија која им припаѓа на Палестинците.
Градот првенствено живее од туризам, односно од бројните верници што доаѓаат тука на аџилак, токму во времето на божикните празници, без оглед дали тие се слават според Григоријанскиот или Јулијанскиот календар. Во годините пред пандемијата, тука знаеле да дојдат од милион и пол до два милиони туристи. Дури и за време на пандемијата се забележани бројни посети.
Меѓутоа, годинава, во знак на солидарност со Палестинците од Газа, во чест на жртвите на војната меѓу Израел и Хамас, но и од безбедносни причини, сите јавни свечености се откажани. За првпат годинава не е накитено ниту божикното дрво, кое традиционално се кити на плоштадот на Светите јасли. Бројните извештаи и репортажи на новинарите што деновиве се наоѓаат или го посетиле родното место на Исус, сведочат за тажните слики и невообичаената тишина на најрадосниот христијански празник.
Британски „Гардијан“ пишува дека куклата што го претставува Исус како бебе во лутеранската евангелистичка црква во Витлеем годинава изгледа поинаку. Наместо куклата-бебе да биде легната во креветче и обвиткана со сено, таа е поставена врз искршени камени блокови и обвиткана со традиционалната палестинска црно-бела кефија.
„Ова е реалноста на Божик за палестинските деца. Ако се родеше денес, Исус сигурно ќе се родеше под урнатините на Газа“, вели за „Гардијан“ лутеранскиот свештеник Муртен Исак.
Црквата на Христовото раѓање во Витлеем, еден од најстарите верски храмови во светот, врз кого полагаат право повеќе христијански заедници, годинава ги одржа своите миси и литургии, но без верници и љубопитни туристи.
Црквата, која се наоѓа над пештерата во која наводно се родил Исус, ја подига уште царот Константин и неговата мајка Света Елена во четвртиот век од оваа ера. По нејзиното целосно разурнување во една од бројните војни на овие простори во 529 година, веќе во 540 година ја обновува царот Јустинијан.
Но, кавгите меѓу христијанските заедници околу превласта врз црквата траат со векови. Нив ги прекинува ферманот на османлискиот султан од 1853 година, со кој се озаконува постоечката состојба – секоја заедница владее со оној дел од црквата со кој владеела во моментот. Ова правило важи и денес, а како куриозитет го осведочуваат и дрвените склаи, кои веќе два века стојат потпрени на ѕид на „ничија територија“.
Целата приказна за Црквата на Христовото раѓање тука е ставена поради необичниот факт дека во неа Божик се прославува дури трипати. На 25 декември, датумот на кој Божик го слават најголемиот број христијани, на 7 јануари, денот кој го признаваат некои православни цркви, и на 19 јануари, кога Божик го прославува Ерменската патријаршија во Ерусалим (заедно со Богојавление).
Од трите божикни прослави, со одлука на локалните власти на Витлеем, годинава ќе нема ништо. Но, дури локалната самоуправа да не донесеше ваква одлука, израелските власти прилично го отежнаа влегувањето на туристите на Западниот брег (да не кажеме дека станува збор за речиси невозможна мисија), а со оглед на воените околности, тешко може да се тврди дека и најфундаменталните верници би се осмелиле да го посетат светиот храм.
Божик е и време на чуда, ама тие никако да се случат. Затоа можам да си посакам и јас едно чудо – мир Божји и во мир да го видам Витлеем, светиот град на најбројната вера на светот. Барем следниот Божик.
Божикниот поздрав „мир божји“ во сенката на двете крвави војни, руската инвазија на Украина и израелскиот напад на Газа, безмалку изгледа лицемерно.
Светот, помалку или повеќе, гледа на масакрите релативно рамнодушно и фаќа страна во воените судири. Обединетите нации, организација која е создадена да го штити мирот, сосема се маргинализирани и неспособни да ја вршат својата улога.
Ние тука традиционално го прославивме Божик со вечните дилеми дали бадниковите огнови се традиција или пагански обичај, дали треба да се прилагодиме на Григоријанскиот календар и, што е најбитно, дали паричето се дели за Божик или за Василица.
Како и да е, верата во Исус, богочовекот што носи мир на Земјата, се претвори во вера во чудо. Вера во илузија. На крајот на краиштата, освен чудото на безгрешното зачнување, ние, Исус и го помниме како илузионист, некој вид на тогашен Дејвид Коперфилд, како човек што можел да оди по вода, да прави вино од вода, да нахрани не знам колку луѓе со една риба, со еден допир да излекува лепрозни, да ги брка фарисеите и банкарите од светите храмови и што уште не.
Божик е и време на чуда, ама тие никако да се случат. Затоа можам да си посакам и јас едно чудо – мир Божји и во мир да го видам Витлеем, светиот град на најбројната вера на светот. Барем следниот Божик.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија