Летање со умот

Артан Груби ептен го „погоди“ начинот на кој вчера му го честиташе роденденот на Али Ахмети – објави како тој некогаш пеел во просториите на Министерството за политички систем. Судбината сакаше тоа да биде објавено токму на денот кога и други лица од ДУИ со мускули се потрудија да ја убедат јавноста дека во Македонија не постои никаква граница меѓу партијата и државата. И дека се подготвени да го избришат дури и привидот оти некогаш таа граница може да ја има.

Како што се обидоа да ја избришат во М-НАВ и да го приземјат интегритетот на институцијата, подолу од дното. 

Снимката со Ахмети, по многу такви од разни партиски прослави или од играње фудбал во државни простории, беше шлаг на лажниот наратив за проевропско однесување, со кое се фали оваа партија. Нема да најдете членка на НАТО и земја со „европска иднина, поблиску од кога било“ (според тековната владина кампања), каде што во институција задолжена за услуги во воздухопловна навигација, ќе упаѓаат неовластени партиски лица, ќе се закануваат и тепаат во контролната соба, додека од вработените зависи безбедноста на воздухопловите во прелет. 

Кога во контекст на ланското претседавање со ОБСЕ ќе се фалат дека „нашиот глас се слушнал од Владивосток до Ванкувер“, треба да се свесни дека на истата релација и подалеку ќе се слушне и за големиот срам

Нема да најдете земја-членка на НАТО, каде што полицијата дополнително мора да ја чува институцијата давател на услуги во воздухопловната навигација. Нормалните држави не мора да го прават тоа. Ним не им е полн куферот со партиски моќници, како кај нас, кои државните ресурси ги третираат како приватна бавча и уринираат кај ќе стигнат за да си обележат партиски освоена територија.

Поради полн куфер со такви епизоди, младите си ги пакуваат куферите. 

Па, кога во контекст на ланското претседавање со ОБСЕ ќе се фалат дека „нашиот глас се слушнал од Владивосток до Ванкувер“, треба да се свесни дека на истата релација и подалеку ќе се слушне и за големиот срам. 

Не знам дали разбираат дека ова не е шега. Изјавите на претседателот на Управниот одбор на М-НАВ, Фахрудин Хамиди, не оставаат впечаток дека тој ги разбира импликациите од овој случај. Ако Хамиди, упадот на партиска орда насилници во М-НАВ го смета за мало кошкање какво што имало во секоја организација, или дека синдикалецот Тасевски ја урива репутацијата на институцијата, јасно е дека сме соочени со именувани лица, кои сами покажуваат дека, ни морално, ни професионално не се дораснати за тие позиции. 

За илустрација, годинава преку нашето небо имало повеќе од 200.000 прелетувања. Проекциите беа дека до крајот на декември ќе бидат 230.000. Тоа се 230.000 причини во Владата еднаш да си ја чукнат главата, откако по линија на помал отпор молчеа кога синдикатот првично укажа на девијациите. 

За жал, случајот со М-НАВ не е исклучок. Ваква ситуација владее во многу институции каде што волунтаризмот, дилетантизмот и клиентелизмот се издигнати до совршенство, на штета на професионализмот. Предноста во случајот со М-НАВ е што таму има синдикат во вистинската смисла на зборот, па благодарение на тоа, јавноста дозна за два крупни случаи во кои постоеше обид да се заобиколат нужните критериуми при вработување и обука. 

И сѐ додека низ прсти се толерира и ваквиот однос, такви ликови ќе ни раскажуваат прикаски за европски лиценци, нивните партиски ментори претпладне ќе се крстат во ЕУ, попладне ќе прдат во нејзините стандарди

Може да биде и полошо. Колку пати сме рекле дека е пробиено дното, па одново сме се изненадувале од бројот на нови дна што се отвориле под нас. Така ќе биде сѐ додека опортунистичката политичка култура инсистира да нема многу прашања, работите да се завршуваат под маса, да се држат настрана од очите на јавноста, а партизацијата да си остане клучен механизам за најтесните и најприземни интереси на партиите/коалициите. 

На крајот и еден, не помалку важен аспект. Вчера осум насилници непречено влегоа и буквално ја преораа зградата на М-НАВ, а денес директорот ги покани новинарите на прес-конференција „на нога“, надвор во дворот, да се туркаат со камерите и микрофоните. Да не обезбедиш едно сопче за прес-конференција, доволно зборува за односот кон медиумите, односно кон јавноста.

И сѐ додека низ прсти се толерира и ваквиот однос, такви ликови ќе ни раскажуваат прикаски за европски лиценци, нивните партиски ментори претпладне ќе се крстат во ЕУ, попладне ќе прдат во нејзините стандарди, и уште ќе се рекламираат како европски фронт. 

Ама не се секирајте, безбедноста не е загрозена, рече Хамиди. Не прецизираше дали мисли за безбедноста на тие што летаат со умот.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија