Тажно е како некои легенди самите себеси се трансферираат во дегенди, играјќи сиртаки пред олтарот на национализмот, глумејќи дворски шут во дворците на злосторничките здруженија, коцкајќи се со интелектуелен капитал создаван цела една кариера или едноставно правејќи се недоветен во игра на перверзни забуни – носејќи им вода на жедните за крв или пеејќи им арии на увце на луѓе кои од музика најмногу (би) слушале калашникови.
Притоа, внимателниот геометричар на злото правилно ќе забележи дека колку се поголеми габаритот и величината на дадената уметничка фигура, толку потешко таа излегува од чмарот на закоравениот конзервативизам. Заглавени така со главата надолу, со секое преткање со нозете само уште повеќе тонат во цревната флора на режимот на кој доброволно му се предале.
Заглавувањето е со трајни и историски последици по споменот, особено ако персоната ја има несреќата да е долговечна, а неуметничките лукративни пориви да му растат правопропорционално со годините, наталожувајќи цревен материјал врз своите капитални или помалку капитални уметнички дела.
Наместо мртви да ги закопаат меѓу великаните, „односниве“ величини, самите живи се закопуваат во септичката јама на злосторите што ги поддржале.
Спротивно на ликот-космополит, инспирација за неговата музика, на неделните протести во Атина, Теодоракис се искачи на гајбата на национализмот и диригираше со омразата кон земјата во која Зорба ги помина најубавите боемски години
Следните две десетлетија, сè до смртта, Јоргос Зорбас ќе ги помине во Скопје и ќе биде запаметен по саботните пијанки низ месните кафеани, посебно во гостилницата „Маргер“. Сето тоа, а и она што го работел пред доаѓањето во градот на Вардар, ќе останело на скопските гробишта Бутел да не бил Никос Казанѕакис кој неговиот живот и доживувања ги опишал во романот „Доживувањата на Алексис Зорбас“, по кој подоцна ќе се сними и филмот „Гркот Зорба“ што светски ќе го прослави композиторот Микис Теодоракис.
Спротивно на ликот-космополит, инспирација за неговата музика, на неделните протести во Атина, Теодоракис се искачи на гајбата на национализмот и диригираше со омразата кон земјата во која Зорба ги помина најубавите боемски години. Не може раката што пишува да напише такви ноти што раката што граба да не може да ги замачка.
Македонија го „откачи“ отровниот гас на груевизмот на Балканот и прва се проветри од него, па сега може да гледа како смрдеата мутира во судир со молекули од античкиот и вселенскиот национализам на југ и на север, две традиционално далеку поразвиени ксенофобии од македонската.
Бранко Милиќевиќ, попознат меѓу нашите генерации како Бранко Коцкица, не само што успеа да се трансформира од легенда во дегенда, туку успеа да ја вербализира сопствената дегенизација. Коцкица, една од водечките фаци на листата на Вучиќ за Белград, дава изјава: „Децата постојано ме прашуваа кога ќе ја има повторно ‘Коцкица’ и тогаш, благодарејќи на Горан Весиќ (градски менаџер на Белград, М.З.), телевизијата ги репризираше секое утро секој ден. Тогаш си реков – јас ова мора да го поддржам“.
Ма, браво легендо! Е, ова е мотивација за учество на локални избори! Па, уште, ја измачкал и култната „Коцкица“ со своите политички гомнeници.
Но, дури и ако заминете од овој свет како легенда, нема гаранции дека вашето презиме нема да се стане чергиче пред полско веце. Особено ако оставите зад вас амбициозни носители на презимето, подготвени чеизот на уметничката слава да го внесат во нов брак – брак со власта, за некој квадрат со добар поглед на „Београд на вода“, на пример, или просто само за паушал, колку да се има за на фризер и за да не се враќаат со празни раце од „Ушче“. Да, мислам на Капор и Пекиќ, но не на Момо и Борислав, туку на нивните сопруги, двете Лилјани, кои не штедеа убави зборови за власта на добродетелот Вучиќ.
Македонија го „откачи“ отровниот гас на груевизмот на Балканот и прва се проветри од него, па сега може да гледа како смрдеата мутира во судир со молекули од античкиот и вселенскиот национализам на југ и на север, две традиционално далеку поразвиени ксенофобии од македонската
Да биде иронијата поголема, Борислав Пекиќ е еден од основачите на денес опозициската Демократска странка, партијата на Зоран Ѓинѓиќ и на Борис Тадиќ, и е еден од интелектуалците кои цврсто застанаа против режимот на Милошевиќ. А да биде иронијата уште поголема – Пекиќ на првите парламентарни избори по распадот на СФРЈ беше кандидат за пратеник и изгуби токму од менторот на Вучиќ и негов „изумител“, националшовинистичката маскота на Србија, доктор Војислав Шешељ.
(Мала дигресија – најсмешно на српските локални избори ми е како се именувани листите. На пример, таа на владејачката СНС се вика: „Александар Вучиќ – зато што волимо Београд“. А Александар Вучиќ е претседател на државата, што би се рекло, на сите граѓани. Посмешно ќе беше само ако на локалните избори во Македонија, листата на ВМРО-ДПМНЕ се викаше: „Ѓорге Иванов – Хорхе, затоа што си го сакате Скопје“. Но, добро, не се во ДПМНЕ до толку неарни, вака поразот беше катастрофален, така веќе ќе беше катаклизмичен.)
Мислам дека тука, сепак, има една мала разлика меѓу гореспоменативе и нашиве уметнички „величини“. Ниту Теодоракис влезе во грчкиот парлемент кога падна неговата Нова демократија да убива (или, добро, не да убива туку да им носи вода на убијците), ни Коцкица, ни двете Лилјани, помнете ми го зборот, ќе влезат во парламентот да гинат за своите денешни спонзори кога ќе ги навтаса самракот.
Оваа мала разлика секако ќе има реперкусии по квалитетот на нивниот живот по распадот на конзервативниот популизам на кој биле прикачени и паразитирале, но ќе нема никакви по смрдливата трага што ќе ја остават со своите бедни животи.
„Величиниве“ не треба да ги спречат владите да си ја завршат работата и да ги изведат, конечно, сите потребни хируршки зафати за отстранување на малигните бенки по телото на Балканиве. Кога сме кај спорот за името, двоецот Заев-Ципрас е шанса на векот и влева повеќе оптимизам од, на пример, двоецот Мицковски-Мицотакис, кои освен слично презиме, си водат и партии со слични манири – сефот полн со рушвети, провизии и украдени пари да го чува со национализам и змии отровници престорени во легенди. Или легенди во змии-отровници, веќе е сосема сеедно.