Бугарската „игра со историјата“ предизвика невидена штета

Колумна на Ангел Петров

Луѓе шетаат со маски во боите на националното знаме. Носат транспаренти и пеат против Бугарите, нарекувајќи ги „фашисти“ и „Татари“. Се шират обвинувања за вознемирувачка „бугаризација“ на државата.

Вака изгледаше центарот на Скопје, главниот град на Северна Македонија во последните десет дена, додека се протестираше против предлогот на француското претседателство со ЕУ за тргање на бугарското вето за почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската унија.

Бугарското министерство за надворешни работи чекаше осум дена за да испрати протестна нота поради антибугарските демонстрации. За споредба, претходно таквото однесување, дури и од поединци, ќе предизвикаше реaкција за неколку часа.

Парадоксално, веројатно најголемиот бран на антибугарски чувства во Северна Македонија предизвика малку интерес кај бугарските власти.

За подобро да се разбере оваа тишина, треба да се потсетиме што ја доведе Бугарија до тоа да стави вето на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, па потоа да направи целосен пресврт и покрај обвинувањата за предавство од делови од бугарската политичка елита.

Гледано однадвор, се чини дека пристапот на Бугарија кон Северна Македонија е мотивиран од архаични и националистички погледи поврзани со историјата и со бугарските тврдења од 19 век за тоа што била денешната Северна Македонија. Меѓународните аналитичари побрзаа да го искритикуваат овој пристап, гледајќи го како политика во која уште една балканска држава станува жртва на реакционерски агенди.

Но со оглед на тоа дека Бугарија е заглавена во политичка криза, спорот сега многу малку се споменува во Софија.

Жестоката дебата во парламентот на Северна Македонија во врска со францускиот предлог, попречувана со вувузели и со протести, беше меѓу последните прилози на бугарските телевизиски вести, вклучувајќи ги и вестите на јавниот сервис. Дури ни претседателот Румен Радев, кој изразуваше загриженост за повеќе аспекти од францускиот предлог, остана тивок.

Минатиот месец бугарскиот парламент со големо мнозинство, 170 гласа од вкупно 240 пратеници, го поддржа францускиот предлог, многу повеќе од 129-те што го поддржаа долгиот список од историски и јазични барања што Софија ги покрена во 2019 година.

Еден ден пред одобрувањето на францускиот предлог, на владата на Кирил Петков ѝ беше изгласана недоверба во парламентот. Десет дена претходно, Слави Трифонов најави дека неговата партија Има таков народ (ИТН) ќе се повлече од Владата, наводно поради караници за буџетот.

Но францускиот предлог беше креиран додека министерството за надворешни работи на Бугарија го води човек од неговата партија, Теодора Генчовска. И преговорите во врска со тој предлог беа водени под нејзин надзор.

Додека многумина во Северна Македонија го гледаат францускиот договор како многу штетен, за Бугарија тој штиклира многу квадратчиња.

Многу од нејзините барања, што подоцна беа спакувани како кратка листа 5+1, па 4+1, беа договорени билатерално пред францускиот предлог, под водство на Генчовска.

Менувањето на уставот на Северна Македонија за да се вклучат Бугарите во него како државотворна заедница би било голема победа за Бугарија и екстра успех, бидејќи тоа не беше дел од листата на бугарски барања од 2019 година.

Со други зборови, коалицијата на Петков не се распадна поради Северна Македонија. Тој спор беше едно од многуте прашања што ја потпалуваа коалицијата од четири партии за време на нејзиното кратко опстојување, заедно со прашањето за праќање оружје во Украина и буџетските несогласувања, како и пополнувањето на клучните државни позиции како гувернер на Централната банка, бидејќи секоја партија си работеше за да го задоволи сопствениот електорат.

Предомислувањето на Борисов ја смени играта

И покрај дипломатскиот успех на Бугарија, ниту Трифонов ниту другите од ИТН не го поддржаа предлогот. ИТН го цитираше отпорот на ЕУ да се согласи на едно од бугарските барања – да не го користи терминот „македонски јазик“ во ЕУ документи, бидејќи Бугарија тврди дека тој е дијалект на бугарскиот јазик.

За работите да се усложнат, Петков одби да заземе став за предлогот, препуштајќи ја целата дискусија на парламентот. Неговата партија „Продолжуваме со промените“, која беше најголем поборник за решение, која помогна да се решат многу прашања од пакетот 4+1 и обезбеди гаранции од ЕУ, овојпат реши да почека.

Среде оваа безизлезна ситуација, неочекуваниот спасител на францускиот предлог се појави во ликот на поранешниот премиер Бојко Борисов и неговата партија ГЕРБ, која прва ги блокираше пристапните преговори за членство во ЕУ на Северна Македонија, во ноември 2020 година.

Борисов, чија влада го потпиша значајниот договор за пријателство и добрососедство во 2017 година со неговиот тогашен македонски колега Зоран Заев, беше внимателен со своите изјави како што се зголемуваа тензиите во односите меѓу Скопје и Софија.

Неговата влада го споменуваше наводното непридржување на Скопје кон овој билатерален договор како аргумент додека ја составуваше својата листа на барања. Но најактивен во тоа беше министерот за одбрана Красимир Каракачанов, кој не е од ГЕРБ, туку од крајно десничарската партија ВМРО.

И покрај тоа што беше главен поддржувач на ветото, ВМРО остана без место во парламентот на изборите што следуваа. Некои аналитичари го припишуваат падот на ВМРО на вештото маневрирање на Борисов.

Една година откако самиот Борисов ја загуби власта, тој даде изјава дека сите 59 пратеници од ГЕРБ ќе го поддржат францускиот предлог иако барањето за јазикот, едно од главните прашања поради кои беше ставено ветото, не беше прифатено. На парламентарните седници на кои се дебатираше за францускиот предлог, неговите пратеници беа меѓу најгласните поддржувачи.

Минатата година Борисов се понуди да ги „позајми“ своите пратеници за да се осигура владиното мнозинство на другите партии. Според тоа, не е изненадување што членовите на парламентот од неговата партија се наредија да го фалат предлогот минатиот месец.

Да се знае на каде дуваат европските ветришта

Уште од своето основање, ГЕРБ се потпираше на поддршката од Германија и од семејството на централно-десната Европска народна партија (ЕПП), чиј член е и оваа партија. Како снаодливо политичко животно, Борисов намирисал на каде дуваат европските ветришта. Овојпат, исто така, тој не мораше да се справува со Каракачанов како ривал.

Тој исто така сака да ги собере заслугите за решавање на загатката со договор штго е поволен за Бугарија и што има поддршка од Европската унија, за разлика од 2020 година, кога Германија и други земји испратија пораки за поддршка до Северна Македонија.

Во 2020 година ГЕРБ користеше истражување нарачано од нејзин член, според кое 80 отсто од Бугарите го поддржувале ветото, за да ја оправда својата цврста позиција. Година ипол подоцна нема индиции дека овие бројки се смениле, иако критичарите на ветото тврдат дека ставовите на јавноста биле обликувани со спиновите од Владата.

Но неколку недели откако го стави ветото, министрите на Борисов беа зафатени со изнесување причини што не се поврзани со историјата пред нивните европски колеги. На пример, се споменуваше немање соработка од Северна Македонија во различни области, од економијата до културата.

Тогашниот главен ривал на Борисов, претседателот Радев, често играше на картата на историјата, но под радарот неговата привремена влада ја приспособи бугарската позиција, насочувајќи го фокусот на попрактични прашања, како правата на етничките Бугари во Северна Македонија.

Политичките лидери беа внимателни во нивните пораки, но чекореа кон барање решенија за спорот. Бугарската политичка елита, веројатно со исклучок на ВМРО, нема автентични националистички ставови во однос на Северна Македонија, иако работеше напорно да докаже дека „бугарскиот народ“ има такви претензии. Нејзиниот пристап беше повеќе опортунистички и базиран на политички калкулации, и се смени кога лидерите видоа дека е истрошен, што згодно се поклопи со моментот кога европскиот притисок го достигна врвот.

Оваа игра се одвиваше на штета на Скопје. Но ќе бидат потребни години за да се поправат штетите направени врз билатералните односи, и што може да се направат повторно, ако Бугарија процени дека истата „игра“ би и била корисна понатаму во текот на преговорите.

 

Ангел Петров е бугарски новинар и уредник кој работи во Софија.

Изнесените ставови се на авторот и не нужно ги отсликуваат гледиштата на БИРН.