Чарлиеви ангели, Чоколинда и коСЈО сирење

Колумна на Сашо Кокаланов

Веста дека хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ ѝ дала дозвола на компанијата „Подравка“ за производство на чоколада што ќе биде наречена „Чоколинда“, може да биде голема инспирација и за нас овде во Македонија. Не само за приватните компании, туку и за јавните установи.

Во контекст на големиот пресврт што се случи во македонското правосудство, со кој обвинетите станаа жртви, а обвинителите – обвинети, би можело веднаш да се извршат неколку преименувања, но и да се воведат неколку нови производствени линии во приватни компании.

Казнено-поправната установа Шутка, на пример, може уште утре да се преименува во КПУ „Утка“, зашто го промашија сите политичари што требаше да бидат таму. Истовремено, може да се креира нова модна линија есен-зима на компанијата „Орка“, која би се нарекла „ќОРКА“, според местото каде што газдата на фирмата никогаш веќе нема да отиде.

Познатиот козар Миленко може да воведе нов тип козјо сирење, во кој ќе промени само една буква. Сигурен сум дека секој што некогаш се плашел да не го голтне правдата, а и секој што некогаш со гордост носел маица со амблемот на СЈО, сега со сласт ќе ги голта парчињата коСЈО сирење, замезени заедно со познатиот новогодишен деликатес – РускОВСКа салата.

Во тој контекст, зошто компанијата „Стружанка“ да не извади парче долна облека што ќе го нарече „Стресени гаќи“?

Можеме и да си го освежиме јазикот со неколку неологизми. На пример, прашање за лингвистите: ако се гради без усул, како резултат добиваме повеќекатници, но дали по аналогија ако се кради без усул, а во медот рака бркне и тој што треба да ги гони крадците, резултатот можеме да го нарекуваме повеќекатици? Или, пак, покрај општество би вовеле и збор опростештво, со кое многу подобро би се дефинирало нашево општество – како заедница на прости луѓе, кои прелесно им ги опростуваат криминалите на своите највисоки опростештвени дејци.

А и не е саде правосудството „надахнувачко“. Кипе инспирација и во другите сфери на нашето живеење. На пример во културно-спортскиот живот. Еве зошто Македонскиот народен театар да не побара дозвола од водачот на „Шверцерите“, та да се преименува во Македонски народен теАРТАН според најпознатиот театарски вљубеник меѓу навивачите и пратениците Артан Груби?

2.

Фино е да се види дека дури и најзафатените со работа во оп(рос)штествово – обвинителите, имаат доволно слободно време да погледаат по некој филм. Лошо е кога ќе се уфилмаат дека се големи филмски диви, зашто видовме како една таква сега шета по кабаница со полициски марици, но дозволете да си земам за право за мала филмска критика: не, македонската реалност не е и никогаш не наликувала на „Чарлиевите ангели“, од едноставна причина што „Ми нисмо анѓели“, а и никогаш не сме биле.

Многу поточно, свесно или несвесно, филмски нѐ лоцираше како држава лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Тој своето неодамнешно гостување во емисијата „Јади бурек“ го започна со реченицата: „Јас, Јанко, не би ги гледал работите биполарно, работите во животот никогаш не биле црно-бели, секош мора да постои некоја варијанта која е сива.“

Па, да, има ли поточна филмска дефиниција за македонското сивило од „Педесет нијанси сиво“ – меко порно во кое холивудски вешто перверзијата се преточува во приказна гледлива и прифатлива за широката публика. Иако односите граѓани-држава-политички елити одамна ни се тврдо порно со многу перверзни игри и предигри, граѓанинот како е.ена и изневерена стран(к)а, сигурно со задоволство ќе прифати сексот што му се случува со години да се формулира како игра на страсти. Така ќе му е полесно да ги проголта сите перверзии што се случуваат на негов грб.

Впрочем, има ли поперверзно од тоа што следно му се сервира на постела врела: злосторничкото здружение ВМРО (кое никогаш нема да биде осудено како такво) да му оди на изборно рандеву со главна заложба за правда и за нулта корупција…

3.

Кога сме кај филмовите, има и по некоја убава вест. Сѐ уште додуша се само предвесници на вистински убавата вест што ја очекуваме, но благопријатни предвесници во секој случај. Документарецот „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов се најде меѓу најдобрите филмови на годината според весникот „Њујорк тајмс“.

Иако е уште рано, номинациите ќе ги разбереме дури за еден месец од сега – на 13 јануари, сепак сѐ оди во прилог на тоа дека „Медена земја“ ќе биде меѓу номинираните претенденти за годинашните Оскари за филмски остварувања од неанглиско говорно подрачје.

Секако дека се надеваме и на Оскар, но мора да се признае дека некако немаме „среќа“ со конкуренцијата. Исто како што немаше и Милчо Манчевски кога „Пред дождот“ беше номиниран за престижната награда на Американската филмска академија, кога Никита Михалков го имаше филмското ремек-дело „Изгорени од сонцето“, денес еден таков филм е во иста конкуренција со „Медена земја“.

Не треба да се биде јавен обвинител и врвен познавач на филмот за да се претпостави дека таму најжестока конкуренција ќе ни биде јужнокорејскиот филм „Паразит“ на Бонг Јон-хо. Црна комедија со буџет од повеќе од 11 милиони долари (веќе заработи десетпати по толку на благајните во Азија, Америка и во Европа), едно брилијантно филмско остварување, кое годинава веќе се закити со златната палма на Канскиот филмски фестивал.

Нашата публика „Паразит“ го виде на „Синедејс“ минатиот месец. Филмот зборува за архетипската битка на сиромаштијата да стане дел од светот на богатите. Приказната е за едно четиричлено семејство од најсиромашните квартови на Сеул, кое успева со измама и преправање да се вработи во домот на едно супербогато семејство од истиот град. Сѐ оди добро и според планот, но велелепната богаташка куќа има подземје што крие некои валкани нерасчистени работи. Филмот, се разбира, завршува трагично и со големо крвопролевање.

Нејсе, го слушам говорот на Макрон од пресот на самитот на НАТО во Лондон и си велам македонскава европска приказна е токму како спој од „Медена земја“ и од „Паразит“.

Медена земја, за тие што сѐ уште не го гледале, не е приказна за земја во која тече мед и млеко, туку за една земја во која луѓето се толку алчни, што и медот на пчелите во дивината го крадат без усул и без „трошка вина“, не оставајќи ниту онолку колку што е потребно за пчелите да преживеат и в година пак да има мед. Лапај додека има, од денес за денес.

Тоа е приказна за нас. Истовремено, сакаме, такви какви што сме, крадачи без усул, со малку измама и преправање, да влеземе во светот на богатите. Е па „не ќе моќи ове ноќи“. Прво, не сме многу вешти во преправањето. Второ, и таму, во домот на богаташите, има валкани нерасчистени работи.

Така што, и во еднава и во другава приказна, не ни останува ништо друго, туку да не се надеваме. Во филсмката приказна – на Оскар, а во нефилмскава – дека барем ќе изостане крвопролевање. Нека ни е со среќа во двете.