Истражувањa

Одлевање на мозоци: дали последниот лекар на Косово ќе ги исклучи светлата?

БИРН го разоткрива алармантното влијание што емиграцијата го има врз здравствениот систем на Косово

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

На крајот, долгото патување до работа било пресудно за одлуката да замине од Косово.

Бљерим Бериша бил кардиолог, стажант во Универзитетскиот клинички центар на Косово, лоциран во главниот град Приштина, каде со денови правел електрокардиограми и ултразвучни прегледи.

По осумчасовната смена, ќе се качел во својата крнтија и ќе се спуштел по автопатот М9 кон градот Клина, 60 километри западно од Приштина, каде живеел со сопругата, ќерката и синот.

Но, немал многу време за нив. Единствениот начин да закрпи крај со крај бил да работи ноќна смена во затворот оддалечен 30 километри. Потоа, ќе дошол дома набрзина да дремне и повторно ќе се врател во Приштина, за одново да го направи истото од почеток.

„Понекогаш ми се чинеше како никогаш да не спијам“, се сеќава тој. „И дека немам време за моето семејство“.

Деновиве, Бериша (42) вози до своето работно место поминувајќи покрај полудрвените куќи во живописниот град Пегниц, кој се наоѓа во близина на германскиот град Нирнберг, каде работи како кардиолог во главната болница во градот.

Заработува 10 пати повеќе од неговата стара плата и ужива во посетата на историски места за време на викендите заедно со сопругата и децата.

Пет години откако го спакувал својот стетоскоп и се преселил во Германија, Бериша воопшто не жали за одлуката.

„Одлуката да се дојде овде беше најтешка, но мораше да се донесе“, вели тој, пиејќи сок од јаболко во неговиот дом во Нирнберг.

Иако, на Косово најмногу му пречеле измачувачките саати поминати на работа и долгите патувања, врз неговата одлука за заминување, исто така, влијаела неговата дијагноза за болежливиот здравствен систем на Косово.

„Корупцијата, ограниченоста и непотизмот во државните институции ја убиваат иднината на земјата“, вели тој.

Бериша е еден од стотиците косовски лекари кои ја замениле ниската плата и високиот стрес за подобар живот во странство. Повеќето одат во Германија, која ги признава квалификациите на косовските лекари.

Бидејќи патот за мигрирање станува сè полесен за косовските лекари, медицински сестри и другите здравствени работници, БИРН може во целост да го открие степенот на медицински одлив на мозоци од најмладата држава во Европа.

Во земјата со една од најниските стапки на лекари по жител на континентот, по еден лекар емигрира секој втор ден, додека по две медицински сестри заминуваат секој ден, покажуваат бројките од Лекарската комора и Комората на медицински сестри.

Но, иселувањето си има своја цена: на болничките одделенија недостига персонал, пациентите се оставени во неизвесност, институционално знаење пропаѓа. Дополнително, и даночните обврзници ја плаќаат цената, околу 100 000 евра за едукација на секој нов лекар.

„Доаѓа бура“, вели Африм Бљита, професор по невропсихијатрија на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Приштина.

„Можам да кажам дека 95% од студентите учат германски јазик и нивната цел е да одат во Германија. Наскоро, Косово ќе се соочи со акутни недостатоци во здравствениот систем“.

Здравствените експерти сметаат дека кризата е резултат на ниските плати и лошата перспектива за работа на Косово, како и огромната побарувачка за медицински персонал во Германија, затоа што најголемата економија во Европа се справува со процесот на стареење на општеството.

Но, еден друг, помалку познат феномен, исто така, го поттикнува стампедото: растечката приватна индустрија чија единствена цел е да создаде образовани здравствени работници и да ги испрати во Германија.

Од приватни колеџи кои произведуваат кадар како на подвижна лента и гладни ловци на таленти до новата просперитетна трговија со лажни квалификации, БИРН го разоткрива овој, главно нерегулиран, пазар за извоз на медицински кадар.

Критичарите велат како резултат на тоа ќе се исцрпи човековиот капитал во земјата, бидејќи се промовира квантитет наместо квалитет, што ќе има сериозни последици по јавното здравство.

Бљерим Сиља, претседател на Синдикатот на медицински работници, е загрижен за ефектите од медицинскиот одлив на мозоци. Фотографија: Шкумбин Ахметџекај

Лекари без граници

Во Горанце, село вгнездено во планините на јужно Косово, локалното население е навикнато лекарите да се иселуваат во Германија. Последниот заминал пред неколку месеци, а неколкумина веќе ја чекаат неговата замена.

Во медицинскиот центар, медицинската сестра Севиме Шкрета прави сѐ што може да им помогне на болните и повредените. Мери температура и ги менува преврските. Но, честопати мора да ги испраќа пациентите во општинскиот здравствен центар во Генерал Јанковиќ.

Но, тоа не е опција за семејството на 65-годишната Арифе Бериша (која нема никаква поврзаност со Бљерим Бериша). Таа боледува од хипертензија, нејзиниот сопруг има проблеми со срцето, а нејзината свекрва има дијабетес.

„Не можеме да си дозволиме да патуваме во Генерал Јанковиќ затоа што немаме автомобил, а моите синови се невработени“, вели таа додека медицинската сестра Шкрета и го мери крвниот притисок.

Во земјата од 1,8 милиони жители, некогашните преполни медицински центри сега зјаат празни. Дури и регионалните болници во градовите во западно Косово,  Пеќ и Ѓаковица, морале да затворат некои одделенија.

Според Лекарската комора, во државата работат 4100 лекари, што претставува 2,3 лекари на 1000 луѓе, една од најниските стапки меѓу 47-те земји што се членки на Советот на Европа.

Податоците од Светската здравствена организација покажуваат дека единствени нации со уште полоши стапки се: Албанија (1,2), Турција (1,8) и Босна и Херцеговина (2,0). Спротивно на тоа, во Германија има 4,2 лекари на 1000 луѓе, а во Шведска дури 5,4.

Плеврат Сејдиу, претседател на Лекарска комора на Косово, вели дека на земјата и требаат најмалку 5000 лекари за да се исполнат стандардите препорачани од Светската здравствена организација. Во моментов, тоа значи дека недостасуваат 900 лекари.

Во меѓувреме, статистиката покажува алармантно ниво на миграција. На секои 150 нови лекари кои дипломираат секоја година, најмалку 180 лекари ја напуштаат земјата, вели Сејдиу.

„Повеќето од нив планираат да го напуштат Косово, и покрај фактот што ќе треба да поминат низ дополнителна обука и пракса во земјата домаќин“, вели Сејдиу.

Во текот на изминатата година, вкупно 176 лекари поднеле барање за издавање на уверение дека се во добра здравствена состојба, што претставува законски предуслов за да се најде работа во странство.

Сузана Манџука Керлиу, декан на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Приштина, е исто така преплавена со барања за потврди од поранешни и сегашни студенти кои сакаат да заминат.

„Негативниот дел е што нашите мозоци си заминуваат“, вели таа. „Но, добро е што она го нудиме на пазарот позитивно се оценува, иако за нас тоа ќе биде лошо затоа што ќе се соочиме со недостиг на кадар“.

Таа додава дека скоро сите студенти по медицина на Универзитетот во Приштина посетуваат приватни јазични школи за да научат германски, како дел од подготовките за барање работа.

„Не можете да побарате некој да остане заради патриотизам“, вели таа. „Не, доколку не им понудите соодветни услови за работа и учење“.

Не можете да побарате некој да остане заради патриотизам. Не, доколку не им понудите соодветни услови за работа и учење.

Сузана Манџука Керлиу, декан на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Приштина

Иронијата е што и покрај дефицитот на лекари, многу дипломирани студенти по медицина се мачат да најдат работа на Косово.

Лекарската комора соопштила дека Косово има 440 квалификувани лекари кои немаат работа, барем не на домашна почва.

Според експертите тоа се должи на постоењето на непотизам во земјата која, според Министерството за здравство, троши само 220 милиони евра годишно за јавното здравство. Тоа е 122 евра по човек, во споредба со околу 5000 евра по човек во Германија.

„Ако немате врски, тешко е да добиете работа или можност за стажирање“, вели Бљерим Сиља, претседател на Федерацијата на здравствени синдикати на Косово.

Но, дури и оние што имаат договори за работа, размислуваат за напуштање на земјата.

Според едно неодамнешно истражување од страна на Лекарската комора, најголема причина зошто медицинскиот персонал бара подобра иднина се лошите услови за работа, проследено со недостатокот од можности за професионален развој. Дури потоа следуваат ниските плати.

Фљамур Лабјани (34) е типичен претставник на незадоволните.

Надежниот гастроентеролог дипломирал пред пет години и е при крај со стажирање на Универзитетскиот клинички центар во Приштина, каде работи 18-часовни смени, патувајќи од градот Урошевац, кој се наоѓа 40 километри јужно од Приштина.

„За жал, постарите лекари кои треба да нè научат и да го пренесат своето знаење не го прават тоа, со еден исклучок“, вели тој.

Лабјани стравува дека ќе заврши со стажирање без да научи како да ги извршува основните дијагностички процедури, како што се гастроскопија и колоноскопија. Тој смета дека ќе биде принуден да оди во Германија.

„Порано остро се противев на напуштањето на земјата“, вели тој. „Сега гледам дека дури и моите блиски пријатели кои ме молеа да не заминувам, и самите размислуваат за тоа“.

Студенти кои учат за медицински сестри/техничари на час на Универзитетот за бизнис и технологија во Приштина. Многумина од нив сакаат да заминат за Германија. Фотографија: Шкумбин Ахметџекај

Бизнисот цвета

На Германија и се потребни уште 70 000 лекари и медицински сестри, иако веќе има вработено 500 000, велат од германското Министерство за здравство.

Околу една десетина од работната сила доаѓа од странство, привлечени од земјата која троши повеќе на јавното здравство од било која друга земја во Европа. Според агенцијата за статистика на ЕУ, Евростат, Германија потрошила 351,7 милијарди евра во 2016 година.

Само дел од странските лекари во Германија се од Косово. Според германската лекарска комора во земјата има 292 лекари од Косово, иако Лекарската комора на Косово соопштува дека бројката е поголема од 450.

Колку и да се мали тие бројки споредени со населението во Германија од 84 милиони жители, сепак тие претставуваат значителен дел од медицинската работна сила на Косово.

И експертите велат дека вратите на Косово се отворени, особено кога станува збор за медицинските сестри.

Невозможно е соодветно да се обучат над 4000 студенти. Секојдневно ги гледам како шетаат низ ходниците на клиниките, но тие не ја добиваат вистинската пракса.

Плеврат Сејдиу, претседател на Лекарската комора на Косово

Според Комората на медицински сестри, Косово има околу 27000 лиценцирани медицински сестри, иако само 21 000 се вработени во земјата. Веројатно повеќето од останатите 6 000 работат во Германија. Уште поголем број се подготвуваат да заминат.

Во 2016 година, Косово им овозможило на приватните колеџи масовно да започнат со едукација на медицински сестри и акушерки. Засега, тоа се прави на шест колеџи, заедно со двата државни универзитети кои нудат студии по медицина.

Додека приватните колеџи можат да произведуваат дипломирани студенти без никакви ограничувања, државните универзитети се обврзани со квота за запишување на максимум 50 студенти годишно за секоја институција. Оваа квота е утврдена од страна на Косовската агенција за акредитација (КАА), која го следи квалитетот на стандардите во високото образование.

Како резултат на влезот на приватните колеџи на сцената огромен број студенти се запишувале на студиите за медицински сестри и техничари. Многу брзо, оваа дисциплина станала најпопуларен избор на студии во земјата, надминувајќи ги економијата и правото.

Во учебната 2017/18 година, над 5700 студенти биле запишани на студиите за медицински сестри, техничари и акушери, соопштуваат од Министерството за образование.

Првата генерација студенти од приватните колеџи ќе дипломира оваа година, со што ќе има илјадници нови медицински сестри на пазарот на труд.

Критичарите велат дека со зголемување на уписот на медицински сестри се покренуваат многу прашања во врска со контролата на квалитетот (видете рамка: Стандардите под знак прашалник).

„Невозможно е соодветно да се едуцираат над 4000 студенти“, вели Сејдиу од Лекарската комора. „Секојдневно, ги гледам како шетаат низ ходниците на клиниките, но тие не ја добиваат вистинската пракса“.

Емиграциски екосистем

Воопшто не е случајно што се појавил цел екосистем чија цел е да обезбеди здравствени работници за германскиот пазар.

Стотици јазични центри ширум Косово ветуваат дека ќе им помогнат на оние кои посакуваат да емигрираат да ги положат тестовите за германски јазик, потребни за да аплицираат за работна виза.

Повеќето приватни колеџи имаат договори со агенции за вработување, кои се основани за да обезбедат персонал за болниците во Германија.

Мајкл Вајс-Геринг, менаџер на одделот за медицински сестри во јавната болница Хасберг, во баварскиот град Хасфурт, изјави за БИРН дека германските болници обично плаќаат околу 6000 евра на ловците на таленти за секој лекар или медицинска сестра што ќе биде вработен.

Еден од најголемите јазични центри на Косово е „ИнтерПерсонел“ со седиште во Приштина, кој секоја година нуди 18-месечни бесплатни курсеви по германски јазик и пракса за околу 550 студенти со желба да станат медицински сестри и техничари. Сите тие сакаат да заминат за Германија.

Училиштето заработува само од таксите за вработување што ги плаќаат болниците. Студентите мора да потпишат договор во кој се согласуваат дека ќе најдат работа преку „ИнтерПерсонел“, кој работи со германската фирма за вработување „Декра“.

„За 140 слободни места, добиваме околу 3000 апликации“, вели извршниот директор на „ИнтерПерсонел“, Муса Ахмети. „Ние не придонесуваме за празнење на Косово, туку ја намалуваме невработеноста и им нудиме на медицинските сестри можност за подобар живот.“

За 140 слободни места, добиваме околу 3000 апликации. Ние не придонесуваме за празнење на Косово, туку ја намалуваме невработеноста и им нудиме на медицинските сестри можност за подобар живот.

Муса Ахмети, извршен директор на „ИнтерПерсонел“

Насетувајќи ја можноста, низ цела Германија почнале да се отвораат агенции за вработување насочени кон Косово и другите балкански земји.

„Побарувачката од болниците е голема и сѐ повеќе се зголемува“, вели Садик Шкрељи, кој го напуштил Косово во 1991 година и сега води фирма за регрутирање во градот Ландшут, во близина на Минхен. Тој проценува дека годишно преку него се вработуваат 50-60 медицински сестри од Косово, Албанија, Северна Македонија и Србија.

Но, овие агенции наскоро може да се соочат со помала побарувачка за нивните услуги.

Во јануари, Германија ќе ги олесни ограничувањата за професионалците кои доаѓаат од странство и бараат вработување, дозволувајќи им на лекарите и медицинските сестри да влезат во земјата со шестмесечни визи за да можат самите да бараат работа.

На барателите на работа сè уште ќе им биде потребен доказ за познавање на јазикот – значајна пречка за оние кои немаат многу талент за јазици. Но, некои нашле полесен, иако неетички, пат.

БИРН интервјуираше четири косовски емигранти кои тврдат дека им платиле на други лица да ги полагаат јазичните испити место нив.

Еден од нив е 39-годишен медицински техничар од источно Косово, кој одлучил да се пресели во Германија, откако неговата мајка починала од карцином на дојка. Проблемот со набавката на лекови во болницата значело дека тој морал да плати за нејзините лекови, со што речиси банкротирал.

„Замислете како изгледа ако заработувате само 400 евра месечно и мора да купувате лекови што чинат 5000 евра“, вели тој. „Се чувствував напуштено. Јас самиот бев медицинско лице и не можев да и дадам поголема помош на мајка ми“.

За да закаже состанок за виза во амбасадата, му требал сертификат што покажува дека го познава германскиот јазик на ниво Б2. Тој вели дека се согласува со британскиот драмски писател Оскар Вајлд дека „животот е премногу краток за да се научи германски“. За 2000 евра, не морал.

Испитните центри како Австриската јазична диплома (ОСД) и Институтот Гете велат дека прават сé што можат за да ги спречат таквите измами.

„Испитните центри, како ОСД, се сериозно оштетени од опишаните измами поврзани со добивањето дипломи за познавање на јазикот“, напиша во електронска порака Брижит Митерегер, раководител на виенската канцеларија на ОСД.

Наводите за измами ја поттикнале германската амбасада во Приштина да го ограничи списокот со испитни центри чии сертификати се прифатливи, и на списокот се наоѓаат ОСД и Гете центарот во Косово; ОСД во Северна Македонија и Австрија; и Институтот Гете и ТЕЛЦ во Германија.

Мајкл Вајс-Геринг, менаџер на одделот за медицински сестри на клиниката во Хаберг, во германскиот град Хасфурт, знае колку е тешко да се пополнат празните работни места. Фотографија: Шкумбин Ахметџекај

Нови хоризонти

Во февруари, косовскиот парламент го одобри новиот закон за плати што наскоро ќе ги удвои платите на лекарите, иако тој допрва треба да се примени. Лекарите во јавните болници сега заработуваат меѓу 600 и 750 евра месечно.

Медицинските сестри, исто така, ќе добијат зголемување од околу 50% и од сегашните 400 евра месечно ќе заработуваат околу 600 евра месечно.

„Заедно со подобрување на работните услови, младите лекари и медицински сестри треба да размислат двапати пред да заминат“, вели Басри Сејдиу, директор на Универзитетскиот клинички центар на Косово.

Тој додава дека центарот, кој управува со регионалните болници, работи на подобрување на програмите за стажирање низ целата земја, со цел правилно да се распоредуваат работните места.

Министерството за здравство се обидува да го зголеми бројот на студенти по медицина на Универзитетот во Приштина од сегашните 150 на 250.

Во исто време, Газменд Љуботени, раководител на Косовската агенција за контрола на академските стандарди (КАА), вели дека почнувајќи од оваа година планира повторно да воведе квоти за прием на студенти на приватните колеџи.

Ваквите обиди за зачувување на талентите може да бидат поништени, заради договорот потпишан меѓу Косово и Германија во јули оваа година, за отворање регионален центар за обука и акредитирање на медицински сестри од Косово, специјално за германскиот пазар.

Центарот, за кој уште не се знае на која локација на Косово ќе биде отворен, ќе нуди обука финансирана од државата, практично работно искуство и часови по германски јазик за медицинските сестри.

За возврат, Германија ќе му помогне на Косово да го зајакне својот здравствен систем, вклучително и развојот на јавно здравствено осигурување.

Критичарите се плашат дека иницијативата може да стане транспортен центар за оние кои бараат билет во еден правец за заминување од Косово.

Запрашан од БИРН на прес-конференција дали владата се обидува да ја промовира медицинската емиграција, министерот за здравство Уран Исмаили рече: „Нивно право е да одлучат дали сакаат да се вратат или не“.

Во меѓувреме, и другите земји ги отвораат своите врати за косовските здравствени работници, што значи дека нивниот избор се зголемува.

Извршниот директор на „ИнтерПерсонел“, Ахмети, вели дека неговата компанија е во преговори со швајцарскиот Црвен крст, кој ги овластува медицинските сестри, за „отворање нов пазар во Швајцарија“.

„Платите се исклучително добри и тие започнуваат од 8000 швајцарски франци (7200 евра) [месечно]“, вели тој. „Но, ќе треба да имаат најмалку три години работно искуство и да имаат познавање на германскиот јазик на ниво Б2“.

За лекарите како Бљерим Бериша во Пегниц близу Нирнберг, не се работи само за пари.

Запрашан дали нешто може да го намами назад во Косово, тој за момент размислува и одговара.

„Почитување и интегритет“, вели тој.

Shkumbin Ahmetxhekaj е уредник во косовската јавна телевизија и известува за тековните случувања и светските настани. Оваа статија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од Фондацијата ЕРСТЕ во соработка со Балканската мрежа за истражувачко новинарство. Уредник: Тимоти Ларџ.