Регион

БИРН додели грантови за истражување на воени злосторства

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Дел од архивата на Хашкиот трибунал. Фото: ООН

Балканската истражувачка мрежа (БИРН), додели 20 грантови за проекти што се базираат на архивите на Хашкиот трибунал и на локалните судови во земјите од поранешна Југославија.

Добитниците на грантовите имаат задача да ги прегледаат архивите на судовите, да спроведат истражувања и да ја соберат потребната документација.

Вкупно ќе бидат реализирани 18 мали проекти, со  теми поврзани со вистината, правдата, одговорноста и справувањето со минатото.

„Огромната архива на Хашкиот трибунал и на другите меѓународни и локални судови во поранешна Југославија, е можност за сите нас, новинари, уметници, историчари, активисти на граѓанското општество воопшто, да погледнеме подалеку од судските евиденции и да се обидеме да ги откриеме и документираме злоделата, но и да ја објасниме сложеноста на војните од 1990-тите години“, вели Марија Ристиќ, регионален директор на БИРН.

„Ова е единствена иницијатива, што собра луѓе од различни професии кои, од друга страна, имаат иста цел – да ја зајакнат дискусијата за минатото и во време на растечки ревизионизам и негирање, да го признаат страдањето на другите“, додаде таа.

Првично, БИРН планираше да финансира само 10 мали проекти, но поради големиот број квалитетни апликации, реши да го зголеми овој број и да додели 20 грантови.

„Огромниот интерес за овие грантови покажува дека, и покрај негативните трендови, многумина од нас, во голема мера, се заинтересирани за справување со минатото“, истакна Ристиќ.

Проектите вклучуваат креирање на веб-страници, на новинарски текстови, аудио проекти, фотографии, цртежи и едукативни материјали.

Добитниците на грантовите ќе се осврнат на сексуалното насилство, на законите за амнестија, економските злосторства, но и на улогата на музиката, медиумите, елитите и паравоените формации, во насилниот распад на Југославија. Во текот на овој процес, нивни ментори ќе бидат вработените во БИРН.

Некои проекти ќе се занимаваат со специфични инциденти, кои никогаш не биле откриени пред пошироката јавност.

Оваа програма е поддржана од Кралството Холандија и е дел од проектот на БИРН, Балканска транзициска правда, регионална иницијатива насочена кон подобрување на разбирањето на транзициската правда во Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Северна Македонија, Црна Гора, Србија и во Косово.

Добитниците на грантови ќе работат на следниве проекти:

Барбара Матејчиќ ќе направи аудио документарец за случаите на сексуално насилство, користејќи ја архивата на Хашкиот трибунал.

Билјана Волчевска ќе напише академски труд, кој ќе се заснова на архивско истражување на документацијата, поврзана со законите за амнестија на Меѓународниот кривичен суд и на Северна Македонија.

Брaден Бјела ќе ја истражува улогата на музиката во југословенските војни.

Един Омерчиќ ќе го обработи воениот бунт од септември 1993 година во Бања Лука.

Ејуп Гојновци ќе напише текст за убиството на 16 мажи од семејството Мирена, за време на војната во Косово.

Елма Демир ќе ги искористи архивите на Хашкиот трибунал за да ја истражи политичката економија на војната, врз база на економските злосторства.

Емир Суљагиќ ќе се занимава со улогата на Собранието на Република Српска пред и за време на војната во Босна и Херцеговина.

Ива Вукушиќ ќе напише академски труд и ќе создаде едукативна веб-страница за злосторствата извршени од паравоените сили во Босна и Херцеговина.

Ивана Радовиќ ќе ги истражи случаите на сексуално ропство во војните во поранешна Југославија, во контекст на трговијата со луѓе.

Јори Хоршстас и Мартино Ломбеци ќе ја истражуваат секојдневната работа на домашните судови, со цел да покажат како се проценуваат фактите, но и како се воспоставува правдата и се утврдува одговорноста.

Никола Костопулос ќе создаде уметнички мултимедијален проект, за улогата на медиумските наративи за време на војната.

Пол Лу ќе создаде визуелна презентација на Алејата на снајперите, од периодот на опсадата на Сараево, користејќи архивски снимки и други достапни материјали.

Стејси Саливан ќе работи приказна што ја обработувала и пред неколку години – за мајка и нејзиниот син, кого таа го родила откако била силувана, и за нивната потрага по вистината и правдата по војната.

Том Барлоу Браун ќе користи визуелен и истражувачки пристап за да го претстави бомбардирањето на Горажде за време на војната во Босна и Херцеговина.

Твртко Патер ќе ја користи архивата на МКТЈ за развој на образовни содржини, што може да се користат во средните училишта и кои ќе им овозможат и на студентите, и на професорите, да се осврнат на прашања поврзани со воените злосторства.

Велма Шариќ и Мирко Пинцели ќе направат документарен филм за злосторствата во Власеница, Босна и Херцеговина, за важноста на овој случај и влијанието што тој го имал врз работата на МКТЈ.

Владимир Миладиновиќ ќе направи серија од 34 цртежи врз основа на документ од архивата на Хашкиот трибунал

Владимир Петровиќ ќе создаде дигитална колекција на материјали поврзани со Венс-Овеновиот мировен план за Босна и Херцеговина.