Регион

Шестмина обвинети за убиството на Оливер Ивановиќ

Оливер Ивановиќ во Белград, во 2011 година. Фото: Медиа центар

Косовското специјално обвинителство поднесе обвиненија против шест лица, за учество во криминална група или нејзино организирање, за злоупотреба на службената должност, за помагање и поттикнување, за поседување на нелегално оружје, откривање службени тајни и за злоупотреба на доказите поврзани со убиството на Оливер Ивановиќ.

„Обвинетите активно учествувале во криминалните активности на групата, знаејќи дека таквото учество ќе придонесе за спроведување на криминални активности и директно или индиректно стекнување на финансиска или друга материјална корист, со цел проширување на економската и на политичката контрола во северна Митровица“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Осомничените се идентификувани само со иницијали – Н.С, М.Р, С.А, Д.М, З.Ј. и Р.Б.

Тројца од нив се веќе во притвор. Останатите тројца се во бегство и по нив се распишани потерници.

Специјалното обвинителство додаде дека на денот на убиството на Ивановиќ, осомничениот Н.С., им помагал на директните сторители да го сторат делото.

„Обвинетиот Н.С. соработувал тесно со непознати осомничени лица во убиството на Оливер Ивановиќ, така што намерно и свесно им помагал на непознатите осомничени, во извршувањето на делото“, нагласи Обвинителството.

Ивановиќ, лидер на партијата „Слобода, демократија, правда“, беше убиен пред седиштето на неговата партија во Митровица, северно Косово, на 16 јануари 2018 година.

Во ноември 2018, косовските власти уапсија четири лица во врска со овој случај. Двe од нив сѐ уште се во притвор.

Тие, исто така, го именуваа Милан Радоичиќ, потпретседател на политичката партија на Србите од Косово, Српска листа, како осомничено лице.

Радоичиќ, познат бизнисмен, нашироко се смета за вистински носител на моќта  во северно Косово.

Тој, во ноември 2018, го избегна апсењето и замина во Србија. Српските власти соопштија оти е невин, а и самиот Радоичиќ негираше дека е вмешан во убиството.

Ивановиќ, кој претходно се сметаше за тврдокорен националист, стана умерен политичар, кој се залагаше за соживот на српското малцинство и албанското мнозинство во Косово.

Тој стана и гласен критичар на Владата во Белград.

Пред да биде убиен, нему, во обновената постапка, му се судеше по обвинение дека дал наредба за убиство на Албанци во Митровица, за време на војната на Косово во 1999 година. Тој се изјасни дека не е виновен.