Чекајќи го Датумо

Колумна на Сашо Кокаланов

(рандеву-драма, со елементи на дежаву)

Негде. Многу одамна, во некое дамнешно идно несвршено време.

ЗОЧКО: Не може, па не може. Сега почнувам и јас веќе да не верувам дека може. Долго време си зборував себеси: Зочко, биди разумен, уште не си пробал сè. И ја продолжував борбата. И еве, последен обид.

МИЦКО: Мислиш?

ЗОЧКО: Мило ми е што се врати и ти на патов.

МИЦКО: И јас тоа баш си го помислив.

ЗОЧКО: Како да го прославиме ова наше помирување? Ела, да те гушнам.

МИЦКО: Ај попосле.

ЗОЧКО: Не те тепаа малку по уши?

МИЦКО: Да… Ама не многу.

ЗОЧКО: Пак истите?

МИЦКО: Не знам веќе… Де едни, де други…

ЗОЧКО: И сега ќе го чекаме заедно?

МИЦКО: Ќе го чекаме заедно.

ЗОЧКО: Мислиш дека ќе дојде?

МИЦКО: Не знам. Ти?

ЗОЧКО: Не знам. Ми рекоа дека ќе дојде.

МИЦКО: А ако не дојде?

ЗОЧКО: Ќе дојде. Ми ветија.

***

ЗОЧКО: Последни моменти… Долго чекавме на него, ама кога ќе дојде, ќе биде многу пријатен.

МИЦКО: Викаш?

ЗОЧКО: Некогаш помислувам дека веќе дошол. И тогаш се чувствувам чудно. Како да ти кажам? Некако олеснето, а истовремено… Ужаснато. Да, ужаснато. Нема врска.

***

МИЦКО: Што е?

ЗОЧКО: Ништо.

МИЦКО: Успеа да ја внесеш?

ЗОЧКО: Не.

МИЦКО: Пробај пак да ја внесеш?

ЗОЧКО: Чекај, да земам душа прво.

МИЦКО: Еве какви сме ние, се лутиме на другите, а вистински виновници сме си самите. Ова почнува да ме загрижува, брат.

ЗОЧКО: Еден злосторник спасивме. И тоа е нешто. Добар процент. А, Мицко?

МИЦКО: Што?

ЗОЧКО: А што викаш друже да се покаеме?

МИЦКО: За што?

ЗОЧКО: Па… ај да не ти давам детали сега.

МИЦКО: Да се покаеме за тоа што сме се родиле, брат.

ЗОЧКО: (се смее кисело) Не може човек веќе ни да се насмее на своја сметка.

МИЦКО: Каква гадна штета!

ЗОЧКО: Што?

МИЦКО: Што сме се родиле.

ЗОЧКО: Слушај, можеби сепак ќе дојде, а?

МИЦКО: Викаш?

ЗОЧКО: Па што знам, никогаш не се знае.

***

ЗОЧКО: Се јави Спасителката.

МИЦКО: И? Што вика?

ЗОЧКО: Вика ќе дојде.

МИЦКО: Е?

ЗОЧКО: Така вика.

***

ЗОЧКО: Друже, се надевам тебе не ти е ова здодевно.

МИЦКО: Не, не те ни слушам. Кој чека – ќе дочека.

ЗОЧКО: Како тоа од четворицата евангелисти, само еден е против. Па другиве се повеќе.

МИЦКО: Тоа е.

ЗОЧКО: Еден од четворица. Од останативе тројца, двајца не го ни спомнуваат, а третиов не вика дека е против.

МИЦКО: Ништо не разбирам. Против кого е тој едниот?

ЗОЧКО: Против Спасителката!

МИЦКО: Зошто?

ЗОЧКО: Затоа што не сакаат таа да нè спаси.

***

МИЦКО: Абе види што е убаво надвор! Види колку е весело! Ај да си бегаме одовде, а…

ЗОЧКО: Не можеме.

МИЦКО: Зошто?

ЗОЧКО: Го чекаме.

МИЦКО: За тоа, прав си, го чекаме. Ама, сигурен си дека го чекаме на вистинското место?

ЗОЧКО: На прав пат сме.

МИЦКО: Сигурен си?

ЗОЧКО: Што?

МИЦКО: Дека ова е тој пат?

ЗОЧКО: Па тука ми рекоа. Гледаш уште некој пат?

МИЦКО: Е каков е тој пат?

ЗОЧКО: Трнлив.

МИЦКО: Па гледаш негде трње?

ЗОЧКО: Сигурно се исушило.

МИЦКО: А може е до годишното доба. Да не чекаме во погрешно годишно доба?

ЗОЧКО: Или во погрешна година?

***

МИЦКО: Требаше до сега веќе да дојде.

ЗОЧКО: Абе не кажа одлучно дека ќе дојде.

МИЦКО: А ако не дојде?

ЗОЧКО: Ако не дојде, и утре пак ќе дојдеме овде да чекаме.

МИЦКО: Па и задутре можеби…

ЗОЧКО: Ако треба, и задутре.

МИЦКО: И така до бескрај…

ЗОКО: Додека еден ден не дојде.

МИЦКО: Ако некогаш воопшто дојде.

ЗОЧКО: Не биди немилосрден.

МИЦКО: Па и вчера чекавме овде.

ЗОЧКО: А не, тоа грешиш. Вчера бевме поназад.

МИЦКО: Како не, поназад. Е па што правевме вчера?

ЗОЧКО: Што правевме вчера?

МИЦКО: Да?

ЗОЧКО: Е баш си… мајстор да го збуниш човека.

МИЦКО: А бе јас мислам дека на истово ова место бевме. И чекавме?

ЗОЧКО: Тебе познато ти е местово?

МИЦКО: Не викам дека ми е познато, ама..

ЗОЧКО: Ама знаеш дека не беше баш ова. Бевме многу, многу поназад.

МИЦКО: А бе, пат ко пат, напред-назад тоа ти е. (пауза) И сега за денеска рекоа?

ЗОЧКО: Ми рекоа: ако не денеска, утре.

МИЦКО: А, ако не утре?

ЗОЧКО: Ако не утре, тогаш четврток.

МИЦКО: Е па, утре е четврток.

ЗОЧКО: Да, ама не кажаа кој четврток.

***

ЗОЧКО: Абе за операција да чекавме до сега, ќе дојдевме на ред.

МИЦКО: Пеесче еврича за кафе и ете сме под нож.

ЗОЧКО: Ама не е операција.

МИЦКО: Или сепак е, а?

ЗОШКО: Е, ама тешка.

МИЦКО: Тешка, брат.

ЗОЧКО: Многу тешка, друже.

МИЦКО: Опасна по живот, брат.

ЗОЧКО: Опасна по два милиона животи, друже.