Чекалницата Македонија

Чекав и очекував. Извесно време. И подолго. Барем 40-ина денови. Чекав, на пример, некој да забележи дека, отприлика истовремено со тајмингот кога Зоран Заев наводно ја прифатил таканаречената Тиранска платформа, споменикот на Скендербег е изместен од својата положба – сега Скендербег не гледа кон неговото родно место, Кроја, како што оригинално беше поставен туку е свртен кон – Струмица. А Воинот на коњ практично гледа во задникот на Скендербег.

Очекував дека имењакот на Ѓерѓ Кастриот, претседателот на државата Ѓорге Иванов, луцидно и во негов стил ќе забележи дека тоа е резултат на директно мешање на една странска држава во уставниот поредок на Македонија и дека веднаш потоа Дурловски и Дамовски ќе образложат дека овој подол трик за воведување двојазичност преку задникот на Скендербег нема да помине.

Народот, ако треба, ќе направи жив ѕид околу коњот на Скендербег и нема да дозволи тој да одјава во нашите источни краишта. И народот, наместо пред зградата на Владата и пред Собранието, ќе протестираше пред споменикот од онаа страна на Вардар, не признавајќи го неговото нагло свртување кон Струмица. Бујрум, ако сака Скендербег да се насочи кон Струмица, нека излезе на нови избори, па да видиме што ќе каже народот.

Да, можеше да се очекува и реакција лично од Никола Груевски, кој, импровизирам, ќе речеше дека ВМРО-ДПМНЕ остро и соодветно ќе одговори на оваа провокација, на ова насилно вртење на споменикот на Кастриот. Можеби уште ќе додадеше дека едно мавтање на опашот на коњот на Скендербег во Скопје е доволно да го запали целиот Балкан, кој на таков начин ќе се ослободи од раштрканите коњски болви.

И не само тоа, она граѓанско здружение што проповеда насилство врз други граѓани, значи „Македонскиот национален фронт“, наместо во Велес, ќе одржеше прес конференција пред споменикот на Скендербег, односно во срцето на Скопје. И ќе побараше „клетиот Шиптар“ (кој, по потреба, одвреме навреме добива чудни навики да поприма ту македонско, ту влашко, ту албанско потекло) да ги прибере копитата на споменичниот коњ, бидејќи во спротивно тие ќе ги покажат своите копита.

Добро, што се однесува до мене, ова тврдокорно здружение можеше да одржи прес и во Тетово, на пример. Чисто онака, како демонстрација на заедничка Македонија. И тоа заедно со Владиката Петар. Уште еден благослов на светата земја никогаш не е на одмет. И тоа со некоја патриотска песна.

Но, да се вратиме на главниот проблем. Мислите дека е случајност свртувањето на Скендербег кон Струмица? Не би рекол. Тоа е првото материјално остварување на Тиранската платформа, каде што децидно стои запишано „едно евро за Црквата, едно за Вицето“, инаку позната максима уште од законите на Лек Дукаѓини. Со други зборови, свртувањето на Кастриот кон Струмица е симболично и материјално отелотворување на спојувањето на двете платформи, онаа Тиранската и онаа Струмичката. Оваа платформска унија јасно покажува дека идејата е – разединување! Добро, можеби и не е толку јасно, ама како и да се земе – така е.

Значи, постоеја шанси да се превенира работава, институциите да си ги вршеа надлежностите, народот да ги земеше нештата во свои раце, Богдан Илиевски наместо како Фидел Кастро да се облечеше како Бетмен… Постоеја шанси, само некој да забележеше дека пред носот му се одвива разнебитување преку превртувањето на споменикот на перспективата на Скендербег од запад кон исток. Ама никој не забележа.

Што да се прави. Едноставно сме такви. Можеби поинаку ќе течеа работите и можеби никогаш немаше да имаме криза, ако, на пример, забележевме дека ДУИ (во соработка со Сорос) е главниот носител на негативните тенденции во општеството. Дека таа е главниот иницијатор на сотонската Тиранска платформа.

Па, така протестирачите за заедничка Македонија, наместо што погрешно го губат времето пред Владата, Собранието, а понекогаш и пред седиштето на СДСМ, ќе се упатеа во вистинскиот правец – пред седиштето на ДУИ во Мала Речица. Или барем пред Амбасадата на Република Албанија, бидејќи, нели, Рама е идејниот творец на Платформата. Но, ете, пусти, не забележаа (можеби има некоја симболика во фактот дека Борис Дамовски е главниот автор на „Еднооки“).

Тоа истото да го забележеше, на пример, претседателот Ѓорге Иванов веројатно досега ќе испратеше протестна нота до Еди Рама, ќе ги алармираше Обединетите нации и НАТО-пактот, каде што Албанија е членка, а богами и ќе иницираше сериозни кривични пријави против „злосторничкото здружение“ наречено ДУИ. Ама, ете, пустиот, не забележа.

Истово да го забележеа Никола Груевски и целото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, веројатно досега ќе ја раскинеа „техничката“ коалиција со ДУИ и ќе ги истераа од извршните места во Владата. Или барем самите ќе се повлечеа. Не бива да се дели власт со оној што ти ја разбива државата. И тоа речиси една деценија. Но, ете, и тие пустите, не забележаа.

Сите беа зафатени со Зоран Заев. И со спас на сопствените задници. Гледајќи во задникот на коњот на Скендербег, кој, ете, ѝ се навртел на Струмица.

А во меѓувреме: и официјално е потврдено дека две третини од младите во Македонија се функционално неписмени. И, да, се одржа и годинашниот Саем на книгата. Сосе штандовите на Ниче Македон и на некои чудни издавачи. И сосе посетата на Никола Груевски со мајка му. Но, сепак, мал зрак дека постои и нешто нормално во оваа држава.

И јас останав да чекам. И да очекувам. Извесно време и подолго. Во чекалницата наречена Македонија. А старите велат дека од многу чекање чекани се прават. А тие удираат по глава!