Чуму образование?

Бев слаб по англиски јазик. И во осмолетка, и во гимназија, и на факултет. А и сега сум слаб. Ме уби оној плусквам перфект или како веќе се викаат тие граматички времиња. Тогаш, се разбира, не знаев дека граматиката е небитна работа за знаење на еден јазик. Како што, во стилот на современата лингвистика, би рекла министерката за образование, Весна Јаневска: „Именките и заменките не се важни, важно е децата да се разберат“.

Да не бидам лажно скромен, и јас се разбирам со мојот „џангл инглиш“ (иако малку ми е срам кога ќе морам да зборувам со некого и кога ќе почнам да редам именки без глагол или со глагол на сосема погрешно место и, соодветно на тоа, во сосема погрешно време). За волја на вистината, во мое време немаше ниту интернет, ниту, пак, телевизиски канали, а со самото тоа имаше малку англиски серии, така што не можев баш да се усовршам во стилот на македонското реформирано образование.

Жал што не се родив едно половина век подоцна, па да брилирам на часовите каде што, наместо лекции, ќе раскажуваме телевизиски серии

Тогаш имаше само наставници и наставнички што безмилосно нѐ испрашуваа граматика и синтакса, и плус нѐ тераа да пишуваме некакви писмени состави. Од тој аспект ми е жал што не се родив едно половина век подоцна, па да брилирам на часовите каде што, наместо лекции, ќе раскажуваме телевизиски серии.

Ќе си одберев некоја хорор-серија, па кога ќе почнев да објаснувам како човекот со маска на кловн сече девојка со електрична пила, па како се лее крв на сите страни, па како летаат екстремитети низ кадарот, па како девојката вреска…

И, секако, ќе станев експерт по англиски јазик на ниво на пишување филозофски трактати и останати видови научни трудови. А, не каков што сум денес – практично функционално неписмен.

Без учебници, без часови

Кога ќе размислам подобро, телевизиските серии не мора ни да се раскажуваат. Во отсуство на учебници, се чини дека е доволно на часовите по странски јазици да се емитуваат („стримуваат“ што би се рекло на македонски) телевизиски серии. Така, едукативните содржини од акциските и криминалистичките серии ќе бидат под, што би се рекло, просветна контрола.

А може да се оди и чекор натаму. Зошто не? Часови по странски јазици не мора ниту да има. Денес на интернет постои нешто што се вика „гугл транслејт“, алатка што масовно се користи во овдешните медиуми, а колку што знам и во пишување учебници. Кому и зошто тогаш му е потребно учење странски јазици. Денес „паметните“ телефони имаат говорни програми што автоматски го преведуваат јазикот на кој зборува странецот, така што учењето странски јазици навистина е непотребно. Доволно е, што би рекла министерката, да го знаете мајчиниот.

Часови по странски јазици не мора ниту да има. Денес на интернет постои нешто што се вика „гугл транслејт“, алатка што масовно се користи во овдешните медиуми

На овој начин би се постигнала и значителна заштеда во форма на работни места, трошоци за авторски хонорари и печатење учебници, а би се намалил и притисокот врз и онака преоптоварените ученици.

Но, зошто да се застане тука? Оваа реформска образовна метода може да се примени и врз другите предмети. Математика, физика, хемија, биологија… кому му е потребно тоа? Ако некого баш го интересира, и онака сѐ има на интернет. А ако добро ги изанализирате програмите на кабелските телевизии, сигурно ќе пронајдете телевизиски серии што едукативно ги третираат материите од овие предмети.

Дури тогаш какви заштеди ќе се направат. Нема потреба од наставници, училиштата не мора да се реновираат, не мора ни да се греат, учебници не мора да се пишуваат и печатат. А децата? Па, тие и онака се навикнати на телевизиски и интернетски содржини.

Образован просјак

Секако, некаква такса, некој вид школарина ќе мора да се плати. Ако училиштата нема да имаат кадри, тогаш секако ќе имаат директори. Па, некаде мора да се вработат и оние вредни партиски кадри. Плус разно-разни бироа за унапредување на образованието, агенции и слични органи, задолжени за доследно спроведување на образовната реформа. И на крајот, но најбитно, тука е и министерката за образование.

Па, мора и тие луѓе од нешто да живеат, плус да ги искажат своите иновантни способности во образовниот процес. Таа такса, конечно, ќе биде клучниот момент некој ученик или некој студент да добие некаква диплома. Голем број од огромниот број македонски универзитети веќе имаат солидна пракса во тој поглед, така што, верувам, ќе нема никакви проблеми оваа солуција да се спроведе во пракса.

Значи, ја прочитав изјавата на министерката за образование преку телевизиски серии. Го прочитав и нејзиното извинување дека погрешно била протолкувана. И, да бидам, искрен, не разбрав ништо. Ниту од изјавата, ниту од извинувањето. Моите когнитивни способности, едноставно, не се баждерени на тој тип логика.

Ми недостасува соодветен одговор на просветните работници, на учителите, секако на една од најважните професии во секое општество

Она што јас со сигурност го знам е дека без образование може да се живее. А ако имате партиска и патриотска среќа, без образование можете и релативно среќно да живеете. Да купувате станови, автомобили, џипови, фирми, дипломи…

Да, без образование може да се живее, ама не може рационално да се живее. Старогрчкиот филозоф Аристип вели дека е подобро да бидеш просјак отколку необразован. Ако не знаете кој е Сократовиот ученик Аристип, нема проблем. Има на интернет. И не го спомнувам тука случајно. Аристип е основач на хедонистичката филозофија. Првиот учител (или барем еден од првите) што ги наплаќа своите подуки.

Хедонизмот, како што точно ќе претпоставите, е филозофија на уживањето во животните задоволства. Но, Аристип не го третира задоволството поради задоволството, туку напротив. Човекот не смее да биде роб на световните задоволства. Тој мора да господари со нив. Што значи тоа? Треба да знае. Да знае да ужива. Да знае во што може да ужива. И да знае кога и како да ужива. Со еден збор, да биде образован.

Не знам, некако ми недостасува соодветен одговор на просветните работници, на учителите, секако на една од најважните професии во секое општество. Јас, навистина, ги разбирам кога штрајкуваат за некое неисплатено процентче од колективниот договор, ама ми недостасува тој штрајк, тој бунт, за достоинството на образовниот процес. Зашто мерката на вредноста на едно општество е човекот што во него е обликуван.

А, ПИСА тестирањата? Па, кому му е уште за тоа грижа.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија