Има така некои моменти во животот на човекот кога општеството, барем на кратко, одеднаш ќе се разголи пред неговите очи и кристално јасно ќе ја покаже целата своја суштина. Во тие моменти, копрената од вишок зборови, традиционални тврдења и вербални недоразбирања нагло ќе исчезне и сѐ што сакавме да знаеме за нашето општество, станува целосно видливо. За жал или за среќа, во мојот живот имаше премногу такви моменти. За жал или за среќа, во седмицата што е зад нас имаше премногу такви моменти.
По закон и пропис
Таков, на пример, е моментот на објавата на граѓанската иницијатива „Сапорт Кочани“ дека при втората распределба на хуманитарните средства на најзагрозените семејства од кочанската трагедија, државата си го наплатила персоналниот данок во вредност од над еден милион денари. Во транспарентната објава на „Сапорт Кочани“ е наведено дека се собрани 10.944,793 денари и од нив во државниот буџет се уплатени фамозните десет проценти. Остатокот е распределен на 137 лица по 71.900 денари.
Засега нема никакво известување од Управата за јавни приходи или од кој било друг орган за оваа институционализирана ригидност во прибирањето буџетски средства.
Верувам дека ќе излезат со објаснување, во смисла дека сѐ е направено според законските прописи. И, претпоставувам, дека ќе објаснат дека „Сапорт Кочани“ е неформална иницијатива, односно дека не е регистрирана како фондација или организација за прибирање и распределба на хуманитарна помош и затоа прибраните средства автоматски подлегнуваат на оданочување. Или ќе најдат некое друго формално образложение. На пример, Иницијативата не потпишала јасни транспарентни договори со донаторите за целта и намената на донираните средства. Или дека тие договори не ги потпишало овластено лице. Или дека немаат печат. За административно-бирократски манипулации и онака секогаш сме биле врвни мајстори.
Јас навистина не знам дали „Сапорт Кочани“ е формално-правно регистрирана и, искрено, не ме ни интересира. Знам само дека за да регистрираш какво било здружение на граѓани, потребен ви е основачки влог од 10.000 евра, адвокатски трошоци, трошоци на проценител (ако влогот е во материјални средства), адреса на седиштето, задолжително плаќање сметководител итн. Без оглед дали се работи за еднократни иницијативи, иницијативи создадени за еден конкретен случај, чие времетраење е ограничено или, пак, станува збор за хуманитарни организации, чиј опсег на траење е подолгорочен и нивниот домен на дејствување е поширок.
Но, законот така вели и тука не треба да се трошат премногу зборови. И без многу објаснувања и убедувања, преку овој случај ја гледаме целата беда на системот, целиот тој слом што се крши преку грбот на најранливите, целата ментална сиромаштија на заробените умови што го раководат.
Во држава во која секоја сезона се легализираат импозантни дивоградби во заштитени и незаштитени зони, каде што наизменично сезонски се палат депонии и шуми, каде што со најчувствителните институции раководат партиски послушници со лажни сертификати и сомнителни дипломи, каде што секоја институционална корупција се покрива со таканаречените „лекс специјалиси“, каде што тешки, па и најтешки злосторства се амнестираат преку „автентични толкувања“ и менувања на закони по потреба – девизата „законот е еднаков за сите“ е резервирана само за најнемоќните.
Во случајов, за страдалниците од Кочани.
Верувајте, немаше да постои иницијативата „Сапорт Кочани“ ако државата умееше или, поточно, ако сакаше да пружи соодветна помош на настраданите семејства, како што немаше да постојат бројни иницијативи за лекување несреќни деца или други болни. Ама, веќе ако не помага или ако не помага соодветно, тогаш зошто да не ја искористи можноста малку да си го „здебели“ буџетот. За немоќните нема „автентични толкувања“ и „лекс специјалиси.“ За нив е сѐ „по закон и пропис.“
Ментална и градска хигиена
Хуманитарната помош, па и хуманоста воопшто, не е политичко прашање. Таа не е ни административно-техничко прашање. Не е ниту прашање на легалитет, па со тоа не може да биде ограничена со никакви закони. Таа е прашање на совеста и добрата волја. Со каков закон се регулира совеста? Моралот? Етиката? Добрата волја?
На пример, ако јас имам, можам и сакам да им помогнам на несреќниците во Кочани и имам доверба во „Сапорт Кочани“, тогаш, бидете убедени, секако не сакам моите веќе оданочени пари да завршат во државната каса. А зошто би сакал?
Деновиве бевме сведоци на „големото спремање“ на Скопје, она фамозно „чистење во 72 часа.“ На „свеченото отворање“ на „генералката“ беше присутен премиерот и речиси сите новоустоличени и уште неустоличени градоначалници. Беа донесени комунални возила (со ротациски светла) од целата земја. Веројатно ги имаше и од Кочани. Имаше и хигиеничари од цела Македонија. Веројатно ги имаше и од Кочани.
Не е прашањето со кои пари се финансира оваа парада на популизам и пропаганда. Прашањето е со чии? Па, еве ви го одговорот. Меѓу другото, и со парите од оданочените хуманитарни средства. Со оние пари што ќе им помогнеа на луѓето во најголемата мака. Со парите што требаше да покажат дека ова општество уште не го изгубило чувството за солидарност и социјална правда.
Да беа тие пари искористени, на пример, за создавање ефикасен здравствен или безбедносен систем што би ги елиминирал потребите од граѓански иницијативи за прибирање хуманитарна помош, ајде некако. Еве, јас би им простил да ги искористеа тие пари за системско решавање на проблемот со хигиената во Скопје, ама вака… Вака, новиот градоначалник ќе мора секои два месеца да ја вика цела републичка хигиеничарска моторизирана бригада за да ја одржува чистотата. Или барем пред секои избори.
Во меѓувреме, постои голема веројатност да се случат уште некои трагедии, да се разболат уште некои несреќници од болести што нашето здравство не може да ги менаџира, па ќе се создадат пак некои хуманитарни иницијативи и фондови и – ете буџетски пари.
Што значи тоа? Тоа само значи дека државата ги дестимулира оние што евентуално можат да помогнат онаму каде што таа не може или не сака да помогне. Тоа значи легална кражба на туѓата мака. Што би се рекло: ако веќе не ми помагаш, тогаш барем не ме брани.
Не сакам да ги банализирам работите. Тие конкретни милион денари не се некакви големи средства што посериозно би можеле да ги придвижат работите, но затоа принципот е голем. Тој може да донесе промени. Има, велам, некои моменти во животот на човекот кога целото општество ќе се разголи пред тебе. За мене тоа беше овој момент. Моментот кога општеството покажа во колкава хипокризија, во колку длабока духовна мизерија и слободен морален пад, всушност, живееме.
За луѓето од Кочани, тој момент ќе биде до крајот на нивните животи.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија












