Демократија на респиратор

Корона вирусот го стави во искушение целото човештво, но Македонија, се разбира, и во овој случај треба да биде посебна. Кај нас, имено, освен дилемите за јавното здравје се поставува и апсурдната дилема дали правната држава е над демократијата и дали законите можат да ги ограничуваат демократските процеси?

Еве веќе речиси цела недела се очекува спикерот Талат Џафери да одговори на иницијативата на група пратеници дека нема да го свика Собранието. Во меѓувреме, во државата беа донесени мерки без преседан во ограничувањето на човековите права, а без притоа да има каква било дискусија или барем формална согласност од претставниците на гласачкото тело.

Во ред, на почетокот изгледаше дека постои широк општествен консензус целата држава да се суспендира во име на јавното здравје, односно правото на „живот за сите“, што би рекол Зоран Заев. Ваквите мерки, како што покажуваат некои истражувања, наидоа на одобрување и од повеќето граѓани, што е веројатно и логично, затоа што кога се борите со еден невидлив и целосно непознат непријател, каков што е овој вирус, нормално е дека ќе ги слушате тие што ја презеле одговорноста да ја водат државата.

Од друга страна, повеќето држави во регионот, како и во Европската Унија, не го суспендираа целиот живот во име на животот и не се потпреа безусловно на ад хок формираните кризни штабови, туку оставија одреден минимум институционални и демократски права на граѓаните. Ова се однесува дури и на најпогодените земји, како што се Италија, Шпанија, Франција…, а тоа се совпаѓа и со Советот на Европа, кој во својот документ од почетокот на април, им порачува на земјите-членки, наспроти сѐ, да поведат сметка и за загарантираните човекови и други права.

Но, ако и се чинеше дека постои некаков консензус околу мерките, сега, со нивното олабавување, а особено со „драмолетката“ околу свикувањето на распуштеното Собрание или со „случајот“ на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, веќе почнуваат да се слушаат разнолики гласови и низа дилеми околу начинот и ефектите на функционирањето на „вонредната“ влада.

Имено, македонската влада ги спроведе веројатно најрадикалните и најдрастичните мерки во цела Европа, а, сепак, споредбените статистики, иако не се најлоши, не се ни најдобри. Ниту во регионот, а богами ниту во Европа, па токму оттука се поставува прашањето на нивното олабавување.

Ако наспроти ваквите радикални мерки не успеавме да направиме радикален резултат, тогаш многумина веќе се прашуваат дали умно тие да се олабават, па и овој резултат да го ставиме под знак прашање. Особено што се ближи 1 Мај, а потоа и Бајрам. Останатите, пак, се прашуваат дали воопшто имаше потреба од толку строги мерки или ќе можевме да се справиме со вирусот и без толку драстични санкции. А дебата за овие прашања, барем онаа институционална – нема.

Во овој вонреден период во земјите од Европа, освен во Македонија, парламентите не работат само во Албанија, Романија и во Србија. Во Унгарија, на пример, голем дел од овластувањата Собранието ги префрли на Владата (поточно на премиерот Виктор Орбан), но, сепак, продолжи со работа. Србија, пак, по низата критики на европските медиуми, а делумно и на некои европски функционери, деновиве најавува рестартирање на нивното собрание.

Од сите европски земји, освен во Македонија, парламентите не работат уште само во Србија, Албанија и Романија, при што Србија го најави реактивирањето на нејзиното Собрание

Да се разбереме, Собранието на Република Северна Македонија и не е некој реален столб во македонската демократија (повеќе функционира како филијала на застапените партии), ама факт е дека според Уставот (за кого деновиве сите се очешуваат) има мошне битна улога, па затоа можеби и нема да биде лошо барем за дел од одлуките во епидемиолошкото  време да се добие собраниска потврда. На пример, за воведување вонредна состојба!

Тешко е да се помисли дека некој сега ќе се обиде да ја запира борбата против ковид-19 или ќе спречи пренасочување на буџетските средства во јавното здравство или за другите неодложни потреби, произлезени од кризата. Дури и во САД, каде што поделеноста меѓу демократите и републиканците е поголема од кога било, Конгресот релативно бргу ја потврди одлуката на претседателот Доналд Трамп за доделување ужасно висока финансиска помош на оние на кои таа им е најпотребна.

Слично работат и земјите во регионот: во Словенија, Косово, Хрватска и во Бугарија, парламентите работат онака и на начин колку што е тоа можно, при што треба да се каже дека Словенија во овој период бираше нова влада, а Косово се наоѓа во парламентарна криза. На крајот на краиштата, треба да се потсетиме и дека Шпанија одржа седница на својот парламент преку видеолинк, само за да го ратификува влезот на Македонија во НАТО.

Една од најрадикалните мерки во овие услови секако е полицискиот час. Особено оној преку викенд. Вакви тврди забрани на движење постојат само во Србија, Косово, Албанија, Романија и делумно во БиХ и во Црна Гора. Во другите земји постојат забрани за движење, но со исклучоци, па кога ќе ги видите тие исклучоци, тогаш ви станува јасно дека забраната е повеќе формална, отколку временски ограничена како кај нас.

Време е полека и постепено да ја тргнеме демократијата од апаратите за вештачко дишење и борбата против епидемијата да ја извлечеме од политичките канџи

Во таа смисла може да се констатира дека овие држави имаат доверба во своите граѓани, а граѓаните, пак, имаат доверба во своите држави и во мерките што ги преземаат. Имено, има бројни причини поради кои, во вакви ситуации, се спроведува полициски час. Првата е токму заемната доверба меѓу државата и граѓаните. Се разбира, првенствено ова се однесува на довербата на граѓаните кон институциите на системот и нивното функционирање.

Со оглед на бројните кршења на полицискиот час (велигденски ора, протести и поединечни ексцеси), се чини дека оваа доверба не е на некое завидно ниво, особено не во времето кога поголемиот дел од институционалниот живот е суспендиран. Втората причина е свеста на државата дека здравствениот систем, кој, постапно и систематски, во последниве три децении,   е буквално руиниран, не може да издржи поголем наплив на пациенти.

За наша среќа, на Македонија, па ни на земјите од регионот, не ѝ се случи Италија, па ако ги споредуваме статистиките со најзагрозените земји, тогаш можеме да бидеме задоволни и да кажеме дека ова што ни се случува и не е „толку страшно“. Оваа ситуација е дури една од ретките за која не можеме да тврдиме дека „таму е многу подобро“. Она што не е подобро е токму недостигот од демократскиот капацитет за справување со кризата.

Во таа смисла, долгото отсуство на работата на најважниот орган на парламентарната демократија – парламентот може да има прилично негативни последици за животот по короната. Апсолутната моќ што во моментов ја има извршната власт лесно поминува во навика, а сите знаеме како изгледа кога авторитаризмот се шминка со демократска маска.

Време е, значи, полека и постепено да ја тргнеме демократијата од апаратите за вештачко дишење и борбата против епидемијата да ја извлечеме од политичките канџи.