Весниците и телевизиите не се изложени на цензура туку тие секојдневно изложуваат цензура. „Слободата“ и „независноста“, да бидеме реални, не се загрозени. Не затоа што никој не сака да ги загрози туку затоа што нема што да се загрози.
Се разбира дека не сум изненаден оти Ликовниот салон од Велес одби да изложи дел од делата од проектот „Актерија“ од младата ликовна група „Ад акта“, наводно затоа што покажуваат експлицитни и контроверзни еротски сцени, а со оглед на фактот дека во рамките на Салонот се наоѓа и сала за венчавање (што самото по себе е експлицитно и контроверзно перверзно), таму доаѓаат и деца, па треба да се заштитат од „вулгарната уметност“.
Чувари на лажниот морал има секаде, од највисокиот политички врв (што може експлицитно да се слушне во контроверзните „бомби“ на Заев), па сѐ до непостојни (не)владини организации, поради кои, своевремено експресно беа покриени експлицитните и контроверзни органи на статуата на Прометеј. Во секој случај, младина над која бдеат ликови како директорката на Ликовниот салон, Елица Николова, не мора да се грижи за својата иднина. Може мирно да си го продолжи својот крепостен живот, неизложена на девијантните влијанија на разголената уметност, молејќи се во Единственото толкување на вистината и моралот.
Не ме изненадува ниту „запнувањето од петни жили“ на членовите на ликовниот колектив „Ад акта“ да го амнестираат политичкиот фактор од одговорноста за овој цензорски акт и целата вина да ја префрлат врз „застарените сфаќања“ на еден човек (поточно, на директорката). Не затоа што станува збор за млади уметници, на кои им е совршено јасно дека за какво било јавно прикажување на делата треба да си „добар со државата“ ,односно со политичката врхушка, и не затоа што изложбата требаше да се одржи во рамките на манифестацијата „Велес – град на културата“, што значи дека во себе ги носи сите државни прерогативи туку затоа што младите уметници се во право – во Македонија навистина не постои еден инокосен орган што (ќе) решава што е морално подобно, а што не е, односно ќе се занимава со цензурирање на неподобните (експлицитните и контроверзни, како што би се рекло денес) содржини.
Едноставно, целото општество е – цензор. Поточно секој оној што може да цензурира – цензурира. Оние што не можат, се цензурираат себеси!
Она што во целата приказна ме изненадува, поточно би требало да ме изненади, е релативно слабата реакција на јавноста – малубројни новински написи, ништо од стручната јавност, ништо од слободните мислители, никаква реакција на интелектуалците, уметниците, невладините организации.
Не дека Македонија не е навикната на цензура во уметноста, ја имало во последниве години и во ликовната уметност, и во театарот, па и во филмот, но рамнодушноста кон легализирањето на едноумието и интелектуалната мрзливост (или комоција) се феномени што заслужуваат секакво внимание.
Цензурата денес воопшто не е бенигна болест, каква што беше, парадоксално, во времињата кога демократијата не живееше тука. Во времето кога таа се наметнуваше преку политички пресуди, речиси редовно предизвикуваше премолчена, но и гласна напнатост.
Денес, во согласност со воведената „демократија“ („народот избра“), нема конкретен судија, односно има, ама тој е омасовен, „демократизиран“ и навидум ослободен од директната политичка волја.
Дури и жртвите на овие пресуди, ги релативизираат и ги поднесуваат санкциите како дел од вообичаената работа и, што би се рекло, конструктивно мазохистички и самите стануваат дел на обвинителниот тим . „Се работи за застарени луѓе кои што сѐ уште немаат сенс за уметноста, сѐ уште се на маргините, сѐ уште се затворени“, вели еден од уметниците од „Ад акта“, не сфаќајќи ја или не сакајќи да ја сфати општествено-политичката детерминираност на „застарените“ луѓе.
Она што сакам да го кажам, секако најубаво се гледа преку состојбата во водечките медиуми. Во нив цензурата е структурален факт, нивна непризнаена суштина. Весниците и телевизиите не се изложени на цензура туку тие секојдневно изложуваат цензура.
Веројатно би изгледало прилично забегано, тука да се спомнат анахроните термини „слобода“ и „независност“, бидејќи, да бидеме реални, тие не се ни загрозени. Не затоа што никој не сака да ги загрози туку затоа што нема што да се загрози.
Затоа тие опстојуваат само како испразнети форми, без содржина, без важност и без никакво значење. Основното новинарско правило (а како што гледаме и сликарско) што во моментов е на сила е дека секој може да пишува (да слика) што сака, под услов да го пишува (слика) она што се очекува од него.
Ако не го пишува тоа, тогаш се знае што следи, но тоа е резултат на неговата слободна волја. Со други зборови, новинарот може слободно да го избере она што и онака однапред му е наметнато.
Значи, слободен сум да тврдам дека не постои никаков политички притисок врз главните уредници и директорите во водечките медиуми, барем не како во времето на политбироата и идеолошките комитети, што значи дека во тој дел се согласувам со луѓето од „Ад акта“ и нивната проценка дека цензурата на нивната изложба не е резултат на директен политички притисок.
А политички притисок не постои, затоа што нема кој да се притисне. Имено, местата на директори и главни уредници ги заземаат луѓе чиј контингент на лојалност и покорност е неспорен, а некогаш дури и поголем од очекуваното.
Во таа смисла, на погрешна трага е и митската важност што им се дава на ликови како Илија Димовски или Мартин Протуѓер. Тие постојат само затоа што им се потребни на медиумските колаборационисти, а не обратно. Вистинскиот проблем, како и секогаш, лежи во ревносните поданици, а не во нивните господари.
Уште во 1966 година, Пазолини има кажано: „Реалноста не е дека во Италија не постојат затвори за Синијавски и Даниели туку дека во Италија не постои ниту Синијавски, ниту Даниел“ (се мисли на славното судење од 1965 година на советските дисиденти, писателите Андреј Синијавски и Јулиј Даниел, кога се осудени на повеќегодишни затворски казни). Ете, тука некаде се крие и причината за молкот за цензурата на изложбата „Актерија“.