ЕУ има суверено право да не ја коментира извршната наредба на американскиот претседател, ниту да ја следи одлуката за санкции против тие што ја загрозуваат стабилноста и безбедноста на Западен Балкан. Ама заради стабилноста и безбедноста на европската куќа, дворот и предворјето, на крајот ЕУ пак ќе биде принудена да бара лек за истите нешта за кои сега реагира Вашингтон.
Како илустрација ќе го посочам случајот со Бугарија, земја-членка на ЕУ и НАТО. Таа подолг период се соочува со критики за недостиг од ефикасна битка со криминалот и корупција и со големи забелешки за владеењето на правото. Во јануари годинава, европратеници од мониторинг групата на ЕП го затрупаа со прашања бугарскиот државен обвинител и сите почнуваа исто: „до каде е истрагата?“ Дел од нив се однесуваа за „Барселонагејт“ и за снимката од шкафче полно со евра и златни прачки во спалната соба на премиерот. И двата случаи се однесуваа на „златното момче“ на Брисел, Бојко Борисов.
За која било санкција да е оправдана, потребно е да се пробие во суштината под формалната етикета на нештата
По многу забошотени и неодговорени прашања, минатонеделните санкции на САД за шест лица од Бугарија, заличија на странично стегање на обрачот. Засега Борисов не е директно засегнат, ама со оглед дека дел од санкционираните се раководители номинирани од ГЕРБ и коалицијата, само за една недела санкциите го стопија рејтингот на партијата на Борисов за два отсто.
Правосудството се размрда, фрчат разни ветувања што сѐ ќе стори Софија за да ги врати битката со криминалот и владеењето на правото на вистинскиот колосек.
ЕУ може да вели дека нема да ги следи санкциите на САД, ама Европскиот парламент наесен ќе мора повторно да испрати мониторинг група во Софија, а Европската комисија вчера веќе отвори пет постапки против Бугарија – за постапки спротивни на директивите, а се однесуваат на сферата на даноците, животната средина, борбата со тероризмот и други „дребулии“… Ако ги разгледате забелешките, евидентно е дека под површината на ледениот брег „нема што нема“.
Тоа што ЕУ врти бавни кругови, што е потромава во постапките, не значи дека нема јасен фокус на работите, туку дека непотребно губи драгоцено време. Кога ЕУ губи време, другите губат доверба. Кога губат доверба, расте евроскептицизмот.
Дел од оние што се во клубот се прават дека заборавиле како е да си предолго во дворот или во предворјето (чекалната). Тоа е исто како да заборавиле некого во заклучено возило на 40 степени, со надеж дека нема да се задуши.
Ние сме во таков фургон 16 години. Овој услов, оној услов, знаме, име, Охридски договор, Преспански договор… И по сѐ, уште сме во дворот, а многу од оние со златни прачки во политичкото и морално си-ви ни држат лекции за европски вредности.
Преспанскиот договор, од посочуван модел за решавање на проблемите во регионот, стана топка за шутирање од претставници со сет интереси, кои по ниедна точка не се совпаѓаат со македонскиот еу-интеграциски приоритет, а најмалку со македонското членство во НАТО.
Кога Преспанскиот договор не се ефектуира со почеток на преговори со ЕУ, Брисел ги охрабрува сите други што имаат билатерални проблеми да се откажат од нивното решавање, бидејќи тој напор и жртви стануваат залудно положени пред олтарот на Унијата. Српскиот претседател Вучиќ од тоа ги влече аргументите за неговите политики („Не сакам да завршам како Заев со Преспанскиот договор…“)
И кога миц по миц гравитациската сила на национализмот ќе се закотви во европските темели, ќе биде многу доцна ЕУ да прашува зошто ескалирала политиката што води кон општа дестабилизација на регионот и опкружувањето, како се намножиле толку тројански коњи и нон-пејпери, зошто е оставен простор за подметнување кукавичини јајца во европското гнездо, и зошто некои договори се соочени со опасноста да пукаат по принципот „тоа што денот го плете, ноќта го расплетува“.
САД се обидуваат токму тоа да го спречат. Воведуваат опсежни, но прецизно насочени санкции по принципот – каде што е болката, таму е и лекот. Не се работи само за националните и безбедносни интереси на САД, туку и на нејзините партнери.
Санкциите се јасно признание дека проблемите на Западен Балкан не се решени. Но, и дека нема да се решат со мижење, тактизирање, надмудрување, толерирање планови на салфетки, кондициски тренинзи за големи идеи, националистички фантазмагории, поткопувања договори и сѐ што води кон зомбификација на регионот и нему доделуваната улога на интегративен мртовец, кој одвреме навреме ќе биде нашминкан со ветувања.
Регионот има потенцијал, но, за жал, тој долго време е придушуван од тешки рестлови на историјата, минатото, предрасудите, но и од шизофрени претполитички уверувања, хазардни игри на илиберални политичари, кои ја држат едната рака со стиснат „шипак“ за вредностите на ЕУ, а со другата љубезно се ракуваат во очекување на средства од нејзините фондови, мислејќи колкав дел да насочат за приватен, а тоа што ќе остане – за проекти од јавен интерес.
Такви седат и на масата на ЕУ и мува не ги лази што се под мониторинг, кој бавно води кон санкции, а со тоа уште повеќе ги куражи да си ги затскријат нечесните намери за создавање проблеми и роварења таму каде што е тенко и најлесно се кине – во Западен Балкан.
Таа игра еднаш мора да престане. Санкциите по правило се последен, но нужен механизам кога нештата не се придвижуваат по сила на свест и совест за важноста на стабилноста. Притоа некои нешта мора да бидат јасни. Поткопувањето на безбедноста преку поткопување на кој било договор (Охридски, Преспански, Дејтонски) не е потешко дело од поткопување на стабилноста преку систем на корупција.
Ако на локален план постои јасна слика на која страна од политичкиот спектар се распоредени противниците на тие договори, во однос на корупцијата не постои таква реска граница. Неподносливата леснотија со која „повисоките цели“ може да станат параван за реализација на ниски криминални страсти, е речиси урамнотежено распоредена на целата отсечка на политичкиот спектар.
Разликата е само во можностите за пристап до ресурсите, но и таа се нивелира со секоја смена на власта.
Санкциите по правило се последен, но нужен механизам, кога нештата не се придвижуваат по сила на свест и совест за важноста на стабилноста
Токму затоа санкциите ќе мора да имаат предвид дека нештата не се еднодимензионални. Може да имаме примери на максимална политичка широкоградост кон двата договора, а од друга страна и широк филтер на пропустливост за корупциско однесување. Или, да имаме тешки противници на договорите кои тоа противење ќе го претворат во идентификациска картичка, партиска програма и понтонски мост кон други „пристаништа“, исто така во очекување награда што се обидуваат кормилото на бродот да го свртат во геостратегиска насока различна од таа што е државен приоритет.
За стабилност и ЕУ-интеграција, најважна и најнеопходна е системската дезинтеграција од криминалот. Во спротивно, како апостоли на стабилноста може да се протнат и лица со корупциски портфолија, само затоа што на реверите носеле значки на НАТО и ЕУ.
За која било санкција да е оправдана, потребно е да се пробие во суштината под формалната етикета на нештата. Тоа е нешто како фракциона дестилација, што во балкански околности е ѓаволски тешка работа, но еднаш мора да почне.