Децениски моментум

Изјавата на премиерот Ковачевски дадена во присуство на заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, ја расчисти дилемата – дали е можно излезот од ќор-сокакот со уставните измени, сепак, да се побара преку предвремени избори. Испратена е порака дека таа опција е отпишана.

Ковачевски се повика на „сериозна поддршка и дома, и надвор (посебно од САД) за продолжување на европските интеграции“, дека „процесот ќе се дебатира, ќе се води и ќе заврши успешно“. Образложението е повеќепати повторено – преговарачката рамка не може да се менува и не е можен нов договор. Во превод – евентуални идни такви обиди (на ВМРО-ДПМНЕ) би биле јалови и не треба да се губи време за да не се пропушти моментумот на актуелната поддршка за процесот, со оглед дека идната година има ќе избори и кај нас, и во ЕУ и во САД. 

Секој чекор мора да биде добро изанализиран и обмислен, за да не се доведеме во ситуација еден пожар да се угасне, ама сто други да се распламтат

Да, во таква ситуација навистина никој нема да биде преокупиран со интеграциските амбиции на Македонија, ама не само заради тој моментум, бидејќи во нашиот случај, моментумот трае со години. Впрочем, токму Ковачевски беше во Атина со колегите од Западен Балкан на одбележувањето на 20-годишнината од Солунската декларација. И наместо да праша до кога ќе се одбележуваат годишнини на умрените ветувања за проширување на ЕУ, тој се истакнал на друга тема, што очигледно му направила голем ќеф на Вучиќ, па јавно го пофали за острата лекција кон Курти. Сѐ што разбравме за средбата во Атина беше тоа.

Дваесет години по „солунската агенда“, период во кој од земјите на Западен Балкан единствено Хрватска стана членка на ЕУ, европското тактизирање (со моментуми, прозорци на можности, методологии и нови отстапки) веќе не е ексклузивна пракса само на клубот кон кој се стремиме. Дриблањето е претворено и во домашен спорт, само за да се ќари некој поен на таблата во Брисел.

Кога Ковачевски вели дека нов договор/нова рамка не е можна, добро е да објасни како тоа ѝ успеа на владата лани. Верувам дека нема граѓанин што не се сеќава на драматичниот момент, кога Ковачевски на 23 јуни 2022 година во Брисел изјави: „Францускиот предлог, ваков каков што е во моментот, е неприфатлив за мене, за претседателот на државата, за владата, за коалициските партнери и за граѓаните“.

Иако тој предлог веќе беше прифатен од бугарскиот парламент, неколку дена подоцна, премиерот се пофали дека владата успеала да издејствува нов, кој ги инкорпорира македонските забелешки.

„Владата има план и стратегија, која даде резултат. Забелешките за претходниот предлог, кој не беше прифатлив за нас, сега се прифатени и се содржани во новиот предлог“, рече премиерот.

И додека нашата јавност се чудеше за молкот на Софија по таквиот пресврт, тогашната бугарска министерка за надворешни работи, Теодора Генчовска, спокојно ѝ порача на бугарската јавност да не се тревожи: нема нов предлог, тој е ист со претходниот.

Стар, нов или „с’што като исто“ што би рекле комшиите, сега не е ни битно. Ама кога се аргументира нешто, добро е владата да нема кратка меморија, бидејќи настаните се од лани, а не од пред еден век.

Иако денес премиерот се опиша себеси како рационален оптимист во однос на исходот со уставните измени, според проценката што ја даде, тој е и повеќе од мегаоптимист.

Дваесет години по „солунската агенда“,  европското тактизирање (со моментуми, прозорци на можности, методологии и нови отстапки) веќе не е ексклузивна пракса само на клубот кон кој се стремиме

„По зачленувањето во НАТО, Северна Македонија ќе биде следната членка нова на ЕУ“. Со оваа храбра прогноза, на која ѝ претходеше најавата „ќе направиме сѐ државата да ни оди напред“, премиерот топката целосно и безусловно ја префрли на теренот на ВМРО-ДПМНЕ. Исто како што Бугарија потенцира дека сега сега сѐ е во рацете на Македонија, а тие може само да набљудуваат и да чекаат.

Ескобар не ни мораше да објаснува оти не е дојден да врши тортура врз опозицијата. Секако дека САД такво нешто не би си дозволиле, кога можат јавно да испратат порака, а таа порака гласи – „САД ги гледа како природни партнери оние кои се посветени на европската интеграција, на НАТО и на борбата против корупцијата“.

Кај нас тоа е најлизгавиот терен за избор на природни партнери, бидејќи тие што со години мижат пред корупцијата и/или се инволвирани во неа, научија дека најдобра заштита пред стратешките партнери ќе ја најдат ако јавно се крстат во интеграцијата, иако мандатно ништо не прават таа да се случи на суштински начин. Токму такви елити од сите партии ни потрошија во празно три децении. Прашањето е дали сакаме да зборуваме за форма или за суштина.

Дури и без никаков проблем да бидат усвоени уставните измени, во атмосфера на непроменливост на вкоренетиот коруптивен менталитет, со ваква пародија од правосудството, образованието и распад на здравството, тие нема да ја однесат Македонија подалеку од одржаната Втора меѓувладина конференција. А целта е членство во ЕУ.

Изјавата на Ескобар дека „му е мило што почнал процесот за уставни измени и се надева дека ќе продолжи“, јасно ги исцртува очекувањата на САД. Ама ако праша кој реформски проект стои на државната маса, тешко дека некој ќе му одговори на тоа прашање. Интеграцијата од приоритетен процес се сведе на приоритетен параван за затскривање на безделништвото и на сѐ што е спротивно од она кон што се стремиме. 

И, сега, дали расчистувањето со фактот дека нема да има предвремени избори ќе ја релаксира ситуацијата на внатрешен план? Не. Со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ останува на истите позиции, извесно е дека земјата ќе влезе во период на уште поголеми и лажни поделби на проевропски и антиевропски фронтови. Не е исклучено дека може да се повторат и индивидуални аранжмани, како во случајот со обезбедувањето поддршка за претходните уставни измени, кои и минатиот пат беа објаснети со „целта ги оправдува средствата“.

Можеби тоа е полесниот или најлесниот, ама не и правилниот начин. Секој чекор мора да биде добро изанализиран и обмислен, за да не се доведеме во ситуација еден пожар да се угасне, ама сто други да се распламтат. Особено во регион што и натаму врие.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија