Дигитално варварство

Во коментар на мојата претходна колумна со наслов „Смртта на демократијата“, споделена на социјалните мрежи, еден мој фејсбук-пријател констатираше: „Мртва е и вистината. Се враќаме во дигитално варварство“. Иако сум повеќе склон да кажам дека навлегуваме или навлеговме во „дигиталното варварство“ отколку што се враќаме, сепак оваа теза ми е прилично блиска.

Лично мислам дека, покрај климатските промени, или ако сакате загадувањето на нашето опкружување, главна тема за каков-таков пристоен опстанок на цивилизацијата денес е загадувањето на јавниот простор, односно начинот и манипулацијата на и со она што ни се претставува како објективна стварност.

Медиумски манипулации

Иако манипулирањето со вистината постои откога постои цивилизацијата, појавата на медиумите е таа што го издигнува до таканаречените широки маси. Уште Марк Твен, современикот на појавата на машината за пишување, сведочи како тој лично ги манипулирал читателите на локалниот весник во кој работел некое време со сензационалистички и, секако, лажни информации. (Позната е неговата новинска приказна за желка, стара неколку века, која пропешачила илјадници километри за да стаса во нивното гратче).

Појавата на радиото е обележена со радиодрамата „Војна на световите“ на Орсон Велс, кога многубројни слушатели поверувале дека се нападнати од Марсовци. Самиот Велс, во својот веројатно последен завршен филм за време на неговиот живот, „Вистини и лаги“ (F for Fake, 1973), создава вистинска посвета на склоноста на луѓето кон манипулација. Познато е, конечно, како нацистите (а и другите авторитарни режими) ги користеле медиумите за масовни комуникации („Илјада пати изговорена лага станува вистина“).

Просечниот човек сака да му се подлизуваат, да биде секогаш во право… Таканаречените алгоритми, не само што го овозможуваат, туку и го наметнуваат ваквото однесување

Но, во споредба со новата технолошка ера и новите медиуми, сите овие примери изгледаат како некаква невина детска игра. Социјалните мрежи, а и самата глобална мрежа воопшто, на почетокот перцепирани како некаков израз или дострел на непосредната демократијата, каде што ќе му биде овозможено секому да го каже своето мислење, всушност се претворија во својот антипод – во средства за промовирање на таканареченото „едноумие“, а не на плодна дебата меѓу различномислечките луѓе.

Творците на овие чуда на новото време правилно сфатија дека просечниот човек сака да му се подлизуваат, да биде секогаш во право и да ги гледа и чита оние работи што само нему му се допаѓаат. Таканаречените алгоритми, не само што го овозможуваат, туку и го наметнуваат ваквото однесување.

Тие ќе ви ги даваат содржините за кои заклучиле дека ве интересираат, ќе ви ги приближуваат луѓето за кои имаат податоци дека се блиски до вашите размислувања, ќе ви продаваат производи за кои навистина сте потенцијален купувач, ќе ви предлагаат музика што веќе сте ја слушале, филмови какви што сте гледале, книги какви што се читале… Со еден збор, ќе ве заробат во сопствениот балон, без некоја особена можност да излезете од него.

Дури и вештачката интелигенција, чии дострели се навистина непредвидливи и недофатливи за „обичниот“ човек, ја има таа склоност да му се додворува на корисникот. Секој што имал искуство со ВИ, во смисла на поставувања прашања со квалитативна, а не квантитативна содржина, знае за што зборувам. На пример, ако ја прашате ВИ дали Македонија направила доволно за европските интеграции, ќе добиете некој одговор од типот: „Македонија направи значајни чекори во процесот на евроинтеграции, но сепак остануваат сериозни предизвици и отворени прашања, кои го забавуваат напредокот.“

И ако ѝ спротивставите некакво спротивно мислење, таа веднаш се прилагодува: „Твојата проценка е длабоко резонантна со чувството на разочараност што го делат многу граѓани и аналитичари. Формалната реторика за ‘европскиот пат’ често се користи како политичка декорација, додека суштинските реформи остануваат или половични, или намерно одложени.“ Ако повторно ѝ кажете дека не се согласувате и дека мислите дека Македонија досега требало да влезе во ЕУ, повторно ќе се сложи со вас и ќе ви каже дека сте во право.

Со други зборови, оневозможено ви е учество, па дури и пристап до каква било релевантна полемика или дебата. А во такви услови, не само што не може да се зборува за демократија, туку не може ниту да се зборува за вистина или за таканаречената објективна стварност. Едноставно, вие сте секогаш најумниот или најумната и, се разбира, секогаш сте во право.

Молчење пред фактите

Конечно, токму со замирањето на таканаречените традиционални медиуми, кои, на овој или на оној начин го промовираа значењето на фактите и преземањето на социјалните мрежи во доминацијата на информирањето на луѓето, беше измислен и оној термин „поствистина“, термин што беше прогласен за збор на годината на Оксфордскиот речник во 2016 година.

„Поствистина“, всушност, се однесува на појавата кога фактите се помалку битни од емотивниот или емоционалниот дискурс на поединецот или на групата во обликувањето на неговото или нивното мислење. Кога се појави, овој термин беше првенствено врзуван за политичките процеси на британскиот „Брегзит“ и за американските избори, кога Доналд Трамп го доби својот прв претседателски мандат.

Не може ниту да се зборува за вистина или за таканаречената објективна стварност. Едноставно, вие сте секогаш најумниот или најумната и, се разбира, секогаш сте во право

Се сеќавате, белки, на оние момчиња од Велес и нивните лажни фејсбук-страници, кои во голема мера придонесоа за победата на Трамп против Хилари Клинтон? Слични процеси се случуваа и во Велика Британија: ширење енормен страв од емиграцијата, обвинување на резидентите од другите земји-членки на ЕУ (Полска, Романија, Бугарија…) дека им ги загрозуваат работните места, како и дека ќе тече „мед и млеко“ кога ќе бидат „свои на своето.“ Со други зборови, не станува збор за факти, туку станува збор за „емотивно подлизување“, односно за она што претпоставеното мнозинство сака да го слушне.

На крајот на краиштата, фактите се навистина небитни. Барем тогаш кога се дадени без никаква анализа или објаснување. Луѓето велат дека пред такви факти и боговите молчат. Што останува тогаш за луѓето? На пример, што мене ми значи ако ми се соопшти дека некој функционер носи кошула од не знам колку пари или дека јаде тост со авокадо и поширани јајца за појадок?

Можеби е некој фанатик за скапи кошули, па крваво штеди на сите други работи да си купи некаков бренд. Или лекарот му пропишал специјална диета со јајца и авокадо. Без некаква анализа, дури би рекол и компаративна анализа, или без некаква поширока експликација, овие факти служат само за кревање на емотивниот набој кај читателот или гледачот. Да не кажам дека буди само омраза.

Дури и ако мнозинството не сака да слушне некоја поствистина, или не е заинтересирана за неа, тогаш истата метода функционира како некаков вид „општествена хипноза.“ Ако нон-стоп се зборува за некоја работа, тогаш тука сигурно има нешто. Тоа е основниот принцип на телевизиските реклами. Шампони, пасти за заби, влошки, бебешки пелени… Колку и да не сакаме, ние ќе запомниме дека „кока-кола“ е „кока-кола.“ Ако порано пелените беа „мелни“, сега се „памперс“, итн.

Пост-вистина во пост-Македонија

Сакам да кажам дека репетицијата е едно од основните својства на социјалните мрежи. Еден ист настан, појава, констатација…, што и да е, ќе се појави енормен број пати на социјалните мрежи и тогаш на човекот, односно консументот, нема да му остане ништо друго, освен да помисли дека навистина станува збор за некоја битна работа, така испуштајќи ги навистина важните работи и информации што се случуваат околу него.

Прво што ми паѓа на памет е последниот пример на објавената фотографија на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со брачната двојка Трамп на приемот по повод одржувањето на Генералното собрание на Обединетите нации. Прво што се појави како „мултиплицирана новост“ на социјалните мрежи беше дека таа се фотографирала со восочни фигури, а не навистина со Доналд Трамп и со неговата сопруга Меланија.

Ако веќе толку сакаме да бидеме во „периметарот“ на американскиот претседател, дали нашата претседателка нешто лобирала во наша полза?

Потоа стаса демант и директно од Кабинетот на претседателката дека Трамп и Меланија биле „живи“. Потоа се појавија низа фотографии на светски лидери со американската претседателска брачна двојка во истата „вештачка“ поза како на фотографијата со нашата претседателка. Реално, целата таа фотографска композиција (сосе сите лидери сликани таму) изгледаше како некаков фотошоп. И, всушност, излезе дека најбитното прашање на посетата на Сиљановска-Давкова на САД е дали се фотографирала со Трамп или не!

Никој или речиси никој не се занимаваше со резултатите од таа посета. Никој или речиси никој не се праша дали е баш опортуно денес да се фотографираш со Трамп, за кого многумина сметаат дека е најголемиот поддржувач на геноцидот во Газа. Никој или речиси никој не се праша дали претседателката воопшто го спомна тој геноцид од говорницата на ОН. Ако веќе толку сакаме да бидеме во „периметарот“ на американскиот претседател, дали нашата претседателка нешто лобирала во наша полза? Но, не, тоа го нема на социјалните мрежи, што значи дека не е битно. Битно е како и со кого се фотографирала!

Одамна кренав раце од идејата дека нешто може да се направи во однос на демократијата, слободата и вистината во земјава, а сѐ повеќе кревам раце и од светот. Тоа е што е. Останува само да се предупредува на „дигиталното варварство“.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија