Би било лековито, ако новинарите понекогаш и самите се запрашаат за сопствената функција во медиумите, односно дали се тука за да произведуваат журналистички продукти или соодветно општествено да се социјализираат, токму по мерка на оние што ги изготвуваат нацртите на нивните животи.
Немате поим колку трудот, како темелна репресија, убива во поим. Од друга страна, тешко дека луѓето убиени во поим, можат да направат нешто навистина вредно.
Се присетив на оваа констатација на Виктор Иванчиќ при еден неодамнешен разговор со еден колега, кој ми го објаснуваше системот на работа во медиумот каде што е вработен: картички за впишување кога се доаѓа и кога се заминува од работа, нервоза во работниот ден со низа понижувања од шефовите, инсистирање на тишина и совршена дисциплина итн.
Не дека не го знаев ова. Впрочем, и не е ништо ново, само што никогаш немав потреба поподробно да се распрашувам за новите принципи на работа во медиумите. Конечно, по некој среќен или несреќен склоп на околности, од 2011 година немам постојан ангажман во медиумите, што на извесен начин ме чини слободен, дури и среќен човек.
За волја на вистината, редакциите во кои имав професионален ангажман: културната рубрика на „Нова Македонија“, неделникот „Пулс“, „Утрински весник“, неделникот „Глобус“,.. барем во времето кога јас бев таму, немаа навика да тренираат некоја особена строгост. А и ако имаше некои обиди, тие бргу доживуваа неуспех. Од тоа време ја помнам и реченица на доајенот на македонското пишано новинарство, Верољуб Андоновски, кој имаше обичај да каже: „Кој не знае да уредува весници, уредува луѓе“.
Да се разбереме, за да се создаде еден медиумски производ, неопходно е одредено ниво на дисциплина, но за да се создаде еден квалитетен медиумски производ, потребно е и одредено ниво на непослушност. Редакциите се устроени строго хиерархиски и тука нема демократија. Но, само тогаш кога постои сериозно несогласување во ставовите, точно се знае кој ги пресекува работите. И тоа само по сериозно, а често и жестоко презентирање на аргументите и контрааргументите. На крајот од краиштата, старо правило е дека не постои добар медиумски производ ако нема кренат адреналин.
Впечатокот што сега го носам е токму тој: воведувањето строга дисциплина во медиумите не е во функција на создавање поквалитетен медиумски производ (да беше така ќе имавме квалитетни телевизии, весници и портали). Поточно, дисциплината е и најмалку битна. Идејата е создавање послушни извршители кои беспоговорно ќе ги исполнуваат задолженијата дадени од авторитетот. Конечно, и реченицата на почитуваниот Андоновски добива вистинска смисла: уредниците не се тука затоа што знаат да уредуваат медиуми, туку затоа што знаат да уредуваат луѓе.
Верувам дека би било лековито, ако новинарите понекогаш и самите се запрашаат за сопствената функција во медиумите, односно дали се тука за да произведуваат журналистички продукти или соодветно општествено да се социјализираат, токму по мерка на оние што ги изготвуваат нацртите на нивните животи. Затоа што уредување луѓе и не е ништо друго туку уредување на животите на луѓето: од тоа кога ќе дојдат на работа, како ќе се однесуваат на работното место, кога ќе ручаат, кога ќе спијат, па сѐ до тоа што ќе мислат. Ако постарите колеги имаа обичај да кажат дека новинарството не е професија туку живот, тогаш денес би можело да се каже дека новинарството не е професија туку преживување.
Зад завесата на работната етика не се крие ништо друго туку систем за припитомување, при што екскомуникацијата на непослушните се извршува механички, како претпоставка на здравото водење на бизнисот, особено во професиите каде што резултатот е веднаш видлив и јавен, при што самата работа во себе го вклучува ризикот од можна субверзија, како што е случајот со новинарството. Значи дека непослушноста не е варијабила на која се смета, ниту е системски поднослива.
Или, како што се наведува во „Медиумските архиви“ на холандската фондација Билвет (Bilwet – Фондација за напредок на илегалното знаење): „Мора да се создаде чувство на итност, чувство дека сите мораме да работиме заедно за да го спречиме падот на општеството во декаденција, злосторство и ентропија. Убаво е ветувањето дека масите повторно ќе имаат што да работат. И така ќе се држат во трло .“
Кога новинарството ќе го сведете на обичен капиталистички (неолиберален) продукт, тогаш манипулацијата е неминовна. Според Фреди Перлман, инаку белградски студент, капиталот е производ на секојдневната продажба на животот за пари. Кога луѓето ќе ги усвојат парите како замена за животот, продажбата на животните активности станува услов на нивниот физички и општествен опстанок, а животот се заменува со преживување. „Штом луѓето ги прифатат условите на ваквиот облик на размена, нивната секојдневна активност добива облик на општа проституција.“
Преведено во македонската медиумска практика, оваа проституција се огледа како во огледало во низата квази-медиуми, кои само личат на медиуми, а во суштината се средства за протурање лаги и шиканирање неистомисленици. Затоа, да нема забуни: зад цврстата рака на уредниците и газдите не стојат никакви етики, па дури ни бизнис интереси. Единствената цел е припитомување на новинарите, токму онака како што се припитомуваат диви ѕверки. А откога тоа ќе се направи, како што е случајот со македонското новинарство, припитомувањето на јавноста е само прашање на техника.
Затоа не е на одмет понекогаш да се сетиме дека може да се пишува за да се живее, но исто така, може да се живее за да се пишува.