Во 2020 година интригантно прашаа „Псе јо?“ (Зошто да не?). Прашањето како светлечка реклама најпрво осамна на ѕидините на скопското Кале, за постепено пораката да се спушта меѓу љубопитните граѓани, сѐ до денот кога обелоденија дека „зошто да не“ се однесувало на заложбата на ДУИ дека е време за прв премиер Албанец.
Следната, 2021 година, од ДУИ исфрлија нова загатка. На билборди објавуваа зелена заднина, на која немаше ништо друго, освен три точки како најава дека нешто ќе следи, и на крајот знакот прашалник. Честа да ја открие тајната му припадна на Али Ахмети, на 19-от роденден на ДУИ. Објави дека партијата ја прифаќа зелената агенда, како дел од Европскиот зелен договор и ја додава на нејзините програмски столбови како еден од приоритетите.
Уште не ја изгустираа таа играчка, во оптек пуштија нов ребус: „Да! Тој доаѓа“. Тензијата расте. Кој, кој? Ова е толку „интересно“, што ако си дете, ниту ќе ти треба, ниту ќе молиш чичко или вујко да ти купи плејстејшн. Дур си рекол „плеј…“, ете го вујче на врата со полна торба новости.
Грижата за зелената агенда беше толку висок приоритет на ДУИ, што при реконструкција на владата, партијата се збогуваше токму со нивниот министер за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини
„Внучко, батали плејстејшн, чичко Али ја објави новата игра – ‘тој доаѓа’“.
Во времето кога растеше мојата генерација, синоним за бомбастично најавување на „Тој/таа доаѓа“, главно беа две личности: или Баба Рога или ѓубреџијата. И двајцата беа претставувани како лица со неограничена „надлежност“ и моќ да се справат со непослушните деца.
Можеби затоа денес со деформирана перцепција го дочекувам „доаѓањето“ на едикојси, а тоа сигурно би требало да е нешто добро, позитивно, авангардно, далеку од баба роги и од други глупости. А можеби „тој“ и не е личност, туку процес, на пример, ветинг или список за американски санкции за домашни актери.
Додека да откријат кој доаѓа, не е лошо да се потсетиме како протече претходната игра со зелената агенда. Ќе почнам од последното. Грижата за зелената агенда беше толку висок приоритет на ДУИ, што при реконструкција на владата, партијата се збогуваше токму со нивниот министер за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.
Сѐ уште нема информации дали тие не биле задоволни од него, или нему му дошло преку глава од партиското зеленашење.
Но, и без Нуредини, ДУИ, една деценија неприкосновено владееше со ресорот животна средина. Од 2008 година до денес, тој ресор го водеа исклучиво кадри на ДУИ: Неџати Јакупи (2008-2011), Абдулаким Адеми (2011-2014), Нурхан Изаири (2014-2016), Башким Амети (2016-2017), Садула Дураку (2017-2019) и Насер Нуредини (од 2019 до февруари 2023).
Набројав шест министри на ДУИ, ама не можам да се сетам на ниеден проект достоен за зелената агенда, освен дека Шар Планина е прогласена за заштитено подрачје, и согласно со тоа формирана Јавната установа Национален парк Шар Планина. Ама тоа не ја запре бесправната сеча на дрвја. Шара е соголена. Последниот случај беше пријавен пред три недели.
Македонија е во врвот на светската листа на земји со загаден воздух. Преспанско се исуши, се соочува со најголем пад на езерскиот водостој досега
И не е само тоа. Македонија е во врвот на светската листа на земји со загаден воздух. Преспанско се исуши, се соочува со најголем пад на езерскиот водостој досега. За кадарот на ДУИ, Рамиз Мерко, градоначалник на Струга во четврти мандат, неприфатливи се правилата на УНЕСКО со кои се забранува градење и се бара уривање на сѐ што е бесправно изградено во заштитените зони на охридското крајбрежје.
И не се во прашање само струшките платформи и дивоградби. И некои од „огнените“ се прославија со диви платформи на Матка, на кои до ден денешен никој ништо не им може. Се гори трска, се сечат дрвја заради профити и градежни зафати. Диви депонии насекаде растат. Ама не побрзо од успехот на партиските татковци и синови, со фирми за трговија со струја и новоотворени бизниси со соларна енергија. Толку се „зелени“, што дури промовираат антистрес рекреација во државните канцеларии, а не во природа, на отворен простор.
Накусо, така стојат работите со зелената агенда. Како цреша на шлагот дојде изјавата на новата министерка за животна средина, Каја Шукова, дека во буџетот на Министерството недостигале 645 илјади евра, бидејќи дел од компаниите што аплицирале за интегрирани А дозволи, не ги извршиле плаќањата. Што се тие пари за богата држава како Македонија? Ништо. Мачкина кашлица.
Ама затоа Крешник Бектеши се зафати со едно многу тешко прашање: да провери дали минималната синдикална кошничка навистина изнесувала 50.000 денари, како што тврди ССМ, или не е повеќе од 43.000 денари, како што утврдиле неговите соработници. Решението на оваа дилема би било успех од колосални димензии. Само напред.
Додека не дојде тој, шумарот, вечна персонификација на нашите надежи дека еден ден ќе се појави некој што ќе ги разбрка аздисаните.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија