Брзо помина една година. На местото на злосторството одамна се исчистени трагите од крв, заменети се искршените врати, камери, столчиња, маси, системи за гласање… Во ходниците низ кои тогаш јуришаа луѓе со мрачни фантомки, наместо со чисти мисли во умот, денес поминуваат високи странски гости, уверени дека Македонија го избегнала најлошото.
Но, тоа не е најважно. Помалку е важен дури и судскиот епилог за насилствата од 27 април. Најважно е сознанието дали учесниците во тој чин, нивните налогодавци и организатори навистина стекнале свест каде ќе ја одведеа Македонија во тоа организирано лудило, дали се свесни за грешката и дали жалат за тоа. Тоа треба да го слушнеме.
Во овој момент навистина не е важно колку гости се пристигнати за самитот Брдо – Бриони, колку црвени килими сме послале или колку високи државници сме дочекале во „пост 27-моаприлска Македонија“. Она што како граѓани ни треба јасно да го видиме, е сеопшта осуда на тој чин, свест дека на таков начин ниту се брани, ниту се гради држава.
Таква порака особено треба да стигне од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Да, на нејзино чело повеќе не е лицето што ги повикуваше и мобилизираше граѓаните „да не седат дома во влечки“. Партијата сега има ново раководство кое гради поинакви политики и односи во комуникацијата. Но, се чини дека не е доволен ставот на раководството „дека сѐ што било погрешно ќе биде прекинато, а сѐ што е добро ќе продолжи да се практикува“.
Отсуството на јасна осуда на насилството не оди во прилог на прокламираните цели. Особено, кога ќе се каже дека партијата не поддржува насилство (како општ став), а веднаш потоа се ламентира по лицата кои биле притворени и против кои се подигнати обвиненија за 27 април
Овој настан, едноставно, не трпи калкулации од таков тип. Кому би сакала ВМРО-ДПМНЕ да му се допадне со полуосуда и полумолк? Ако сака да им се допадне на кругови што поддржуваат насилство, тогаш партијата ќе остане заробена во истата матрица што неа ја доведе до морален пад во очите на домашните граѓани, пред демократската јавност во Европа и партнерите од европската десница. Дисконтинуитетот со таа атмосфера и со луѓе со деструктивни намери, мора да биде соопштен со јасна изјава дека се осудува насилството и сите кои учествувале во него, загрозувајќи го уставниот поредок и животите на пратениците од мнозинството.
Сѐ што нема да се каже на таков јасен начин, остава опасен простор да се негуваат илузии дека деструкцијата не е баш „забранета“, односно дека останува составен дел од алатките врз кои партијата ги гради своите политики, само што овој пат би се потрудиле подискретно да ја рециклираат и јавно да не говорат против седењето во влечки.
Такво нешто особено не му прилега на Христијан Мицкоски, кој последниов период покажа некои квалитативни исчекори што прават значајна разлика меѓу него и претходникот, и го промовираат како човек кој може да ја врати партијата на вистинскиот колосек. Молк не му доликува ни на Влатко Ѓорчев, кој во целата таа тажна и срамна 27- моаприлска епизода беше најсветлата ѕвезда на ВМРО-ДПМНЕ, и на парламентот генерално. Тој беше олицетворение на разум, достоинственост, морал, солидарност, свест… А најтрагично е, што и до ден денес, куп хушкачи неговата одбрана на пратениците ја прогласуваат за предавство и врвна слабост. Тоа се тие остатоци на груевизмот, сфатен во полнотата на една автократска клептократија, потпрена врз лостовите на заплашување и деструкција, која во финалниот производ рефлектира слика на раскошна илиберална „стабилократијa“, но со промоција на мускули во интерес на партијата.
Поуката за 27 април ќе биде комплетно научена, и кога сите учесници во насилството ќе сфатат дека биле длабоко изманипулирани од „големиот“ лидер, кој редовно како на шаховска табла ги разместуваше, за него, неважните фигури, за да му ги завршуваат работите со кои тој лично не сака да си ги валка рацете.
Поуката за 27 април ќе биде комплетно научена, и кога сите учесници во насилството ќе сфатат дека биле длабоко изманипулирани од „големиот“ лидер, кој редовно како на шаховска табла ги разместуваше, за него, неважните фигури, за да му ги завршуваат работите со кои тој лично не сака да си ги валка рацете. И во сите клучни моменти, секогаш кога во земјата се случуваа чувствителни процеси, тој беше во некое странство, на соодветна дистанца, за да има оправдување – јас не бев таму, не знаев, се обидов, подоцна слушнав.., и ред други приказни за мали луѓе со големи фантомки.
Кога тоа ќе се случи, кога искрено ќе се соочат со грешките и ќе побараат простување за нив, тогаш навистина ќе бидеме сигурни дека е променет менталитетот во Македонија, како што денес изјави претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
Тој навистина во голема мера е променет, но не целосно. Ќе биде кога и во опозицискиот кампус ќе престане премолченото кокетирање или јавното неспротивставување со некои нови повици: „Требаше на 27 април дефинитивно да расчистиме со нив“.
Не смее да постои „нив“, и да постои „нас“ во контекст на насилство и поделби. Во демократска и европска Македонија битката мора да се води врз цврстината на аргументите, а не со шипките и сталаците за камери. Ако луѓето имаат чесни намери, нема потреба да се кријат зад маски, да чекаат во заседи, да упаѓаат, да напаѓаат…
Затоа настанот не смее да се релативизира. Релативизмот им дава нов живот на грешките, а само соочувањето со нив е вистинскиот начин тие никогаш повеќе да не се повторат.
Затоа е многу битно, овој тажен ден да се искористи за нова општествена порака. Да им се оддаде јавно признание на сите што помогнаа насилството да не ескалира. Еден од нив е Влатко Ѓорчев. Но, сигурно имало и други, чии дела во тој метеж останале непознати за пошироката јавност, но не и за оние кои биле во парламентот. Само со потенцирање на доброто може да се спречи ширење на злото. На Македонија не ѝ треба нов круг на пеколот и нова фаза на шизофренија. Ѝ требаат нови кругови на пријатели, нови успеси на патот кон ЕУ, нови индекси на развој и напредок. Тие треба да достигнат респектабилни димензии, а деструкцијата да биде осудена на тотален пораз, еднаш засекогаш.