Добрите собраниски блокади

Понекогаш, само понекогаш, собраниските блокади се добри. Се разбира, мислам на неизгласувањето на измените на Изборниот законик во Собранието на Република Северна Македонија. Штета што вакви, би рекол технички блокади, не се користеа кога пратениците го гласаа своето енормно зголемување на платите или барем кога ги прават оние фамозни правилници за патни трошоци.

Но, во тие случаи, меѓупартискиот и меѓуетничкиот консензус, се чини, многу лесно се обезбедува. Сѐ според прописите и законите, што би се рекло.

Изместени процедури

Значи, што беше спорно во овие измени? Всушност, вистинското прашање би требало да гласи: што не беше спорно? Признавам, не сум вешт во изборните математики (поточно, не сум вешт во каква било математика), ама тоа секако нема да ме спречи да се обидам, онака логички и можеби интуитивно, да потенцирам некои „зачудни“ моменти што го следеа овој процес.

За почеток – процедурата. Ете, го видовме и тој момент. Пратениците го прекинаа својот годишен одмор само за да ги донесат овие измени. Дури се собраа и во сабота да ги изгласаат, за што, веројатно, ќе добијат празнична дневница.

Самите измени, токму од процедурални причини, дури и да беа донесени, ќе беа сосема легитимни. Измените се носат по скратена постапка, што е надвор од која било практика на земјите што претендираат да се нарекуваат демократски.

И, згора на тоа, тие се носат откога изборите се веќе распишани.

Изборите се највисокиот чин на непосредната демократија, и во таа смисла Изборниот законик е фундаменталниот документ што ги одредува правилата на таа врвна демократска процедура. Затоа сите измени во него се прават многу внимателно, по широка јавна расправа. И, секако, многу пред распишувањето на изборите.

Тоа, жаргонски речено, ја обезбедува правната сигурност на изборниот процес, односно јасно и чисто ги одредува правилата на игра. Во нашиот случај, создадената конфузија и правниот вакуум, овие правила можат да се дефинираат само како „лов во матно.“ Со други зборови, со ваквата (скратена) постапка, главниот актер на изборниот процес, значи избирачкото тело, се претвора во обичен, и тоа пасивен набљудувач.

Во Германија, на пример, секаква измена во Изборниот закон мора да се направи најмалку шест месеци пред распишување на какви било избори. Франција е позната по своите квантитативни и квалитативно опсежни и широки дебати, кога на дневен ред ќе дојдат овие прашања. Кај нас, пак, Изборниот законик, дал Господ, попрецизно: дало Собранието, се менува почесто отколку што паѓа дожд (тука Господ не е баш широкоград).

И она што е најинтересно, се чини дека блокадата од страна на ДУИ и нејзините партнери со користењето на таканареченото „Бадентерово мнозинство“ воопшто не беше мотивирана од нивните стремежи за „унапредување на демократските процеси“ или за обезбедување „инклузивност на етничките заедници во процесот“, за што, всушност, и служи „Бадентеровото мнозинство“, ниту, пак, се однесуваше за која било измена на овој закон.

Станува збор за класични политички барања, да не кажам за политичка уцена, во случајов за укинување на одредбата на владата со која се намалува бројот на советници во, ако не се лажам, 14 општини. Но, како што велат, на подарениот коњ во заби не му се гледа.

Законска шарада

За да го поткрепам моето тврдење дека оваа собраниска блокада е чист бенефит за демократијата, ќе мора да наведам и малку хронологија.

Всушност, целата „законска изборна шарада“ почнува уште во март 2024 година, кога Собранието усвојува измени на Изборниот закон по препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Иако еден куп други забелешки на оваа мисија не се разгледувани, усвоени се измени токму за бројот на потписи што треба да ги соберат независните кандидати за советници, пратеници или градоначалници.

Имено, ОБСЕ/ОДИХР забележуваат дека во тогашните законски решенија, бројот на потребните потписи варира од општина до општина, во размер од 0,5 до пет проценти од избирачкото тело. Нивната препорака е пропорционално да се одреди бројот на потписи за сите општини и тој да изнесува максимум еден процент од вкупното избирачко тело.

Собранието, иако ја има можноста овој процент да го утврди од 0,1 до еден процент, сепак се решава за максималниот препорачан процент. „Не е јасно зошто“, стои во одлуката на Уставниот суд, но, всушност, совршено е јасно. Со овој процент, независните листи се ставени во незавидна положба и, на пример, за кандидирање во Скопје, наместо тогашните илјада потписи, ќе треба да соберат барем четири и пол пати повеќе, односно преку четири и пол илјади потписи.

Ова законско решение пред Уставниот суд го оспоруваат група граѓани, повеќето претставници на независните иницијативи. И на 20 мај годинава, Уставниот суд им дава за право и ги укинува спорните законски решенија. Во обемното образложение на нивната одлука, една од круцијалните точки е токму нерамноправноста на кандидатите при нивното кандидирање. Имено, политичките партии и/или коалициите се овластени да кандидираат изборни листи, додека група избирачи не се, односно треба во кус временски рок да соберат значителен број потписи.

Токму од овој ракурс изгледа како чисто поигрување со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а уште повеќе со одлуката на Уставниот суд, предложеното решение со новите измени, со кое наместо еден процент од избирачкото тело, независните листи требаше да соберат 0,95 проценти. Да не кажам истиот број потписи поради кои и интервенираше Уставниот суд.

Што нѐ очекува

По одлуката на Уставниот суд со која се создаде своевиден правен вакуум, независните иницијативи, се чини со право, предвидеа дека и новото законско решение ќе оди на нивна штета, па, барем во Скопје, решија да се групираат и формираат политички партии за да можат да бидат овластени предлагачи на изборните листи.

Имено, за регистрација на политичка партија се потребни илјада потписи, односно значително помалку отколку што се потребни во која било скопска општина за поднесување кандидатски листи.

Како што сега стојат работите и со оглед на роковите, се чини дека за овие локални избори на независните листи воопшто нема да им бидат потребни потписи (иако повеќето од нив веќе ги собираат). Последниот рок за предавање на листите е 13 септември, така што овие законски измени се веќе ставени ад акта.

Но, сепак, правниот вакуум постоеше барем дури се пишуваше овој текст (недела, во попладневните часови), затоа што Државната изборна комисија до тој момент уште го немаше објавено Правилникот за начинот на кој ќе се пријавуваат изборните листи. Уште претходно, Борис Кондарко, претседателот на Комисијата, најави дека пријавувањето на кандидатите ќе го прават група избирачи, но остана нејасно што се подразбира под група.

Моите предвидувања беа дека под избирачка група што ќе може да предлага кандидати во Скопје и скопските општини ќе се подразбираат меѓу сто и 300 членови, односно потписи. Се разбира, во зависност од општина до општина.

На тој начин, од една страна ќе се обезбедеше легитимноста на изборниот процес, односно ќе им беше дозволено на независните листи да се кандидираат, ќе се обезбедеше зајакнување на демократските капацитети со поголем избор опции, а од друга страна ќе се елиминираат „авантуристите“ што би се пријавиле на изборите без јасна визија за решавањето на комуналните проблеми.

Но, последната вест е дека ДИК ме демантираше, усвојувајќи Правилник за кандидирање, каде што „група избирачи“ се само двајца граѓани со право на глас, односно дека кандидат за советник или градоначалник на овие избори може да биде буквално секој. Не знам кои други документи и уверенија се потребни за кандидирање, но тоа претпоставувам дека нема да спречи огромен број луѓе да се амбицираат и на ова поле.

Јас, искрено, не знам како поинаку да го толкувам овој апсурден потег на ДИК, туку како уште еден маневар против независните кандидати. Нема избирачите што избрале партии за гласање да се збунат од преобемните избирачки ливчиња (всушност, листови). Ќе се збунат оние што се одредиле за независни листи и независни кандидати. Тие се во јавноста невидливи и недоволно препознаени.

Мислам дека овие и вакви екстремни осцилации во бројот на потребни потписи за кандидирање, дефинитивно ги нарушува легитимитетот и правната сигурност на изборите што се пред нас.

Страв

Она што за мене е ирационално, но не и неразбирливо или нелогично, е неоснованиот страв на нашите „големи“ партии од соочување со „малите“ независни листи. Поинаку и не можам да ги протолкувам предложените решенија, освен како – страв. Ирационален е тој страв затоа што реално нивните капацитети, во споредба со „независните“, се во Голијатски размери и тешко може да се замисли дека нивната доминација ќе биде загрозена…

Илустрација за тој страв е поранешната антикорупционерка, а сега кандидатка на Независни заедно за градоначалничка на Општина Центар. Не говорам тука само за кривичната пријава што ѝ пристигна практично истиот ден кога ја објави својата кандидатура, и тоа во време на судските ферии, туку повеќе мислам на реакциите на социјалните мрежи, а богами и во некои „експертски“ текстови, кои веднаш ја пуштија оваа кандидатура низ призмата на нашиот дуопартизам.

Те, дали била играч на ВМРО-ДПМНЕ или била пион на СДСМ, те кому повеќе ќе му одземе гласови и сѐ во таа смисла. Како да немаме капацитет дека некој можеби има и други идеи од преовладувачката дихотомија. И како да немаме и самите капацитет да излеземе од зададената рамка.

Ете, затоа на почетокот на овој текст ја поздравив блокадата на изборните измени. Тоа беше шанса барем малку да се поместат работите од место, поточно кон сфаќањето дека демократијата е наша, а не партиска работа. По одлуката на ДИК, повеќе не сум сигурен во тоа.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија