До завчера „везеа“ дека оставката е личен чин, дека одговорноста мора да биде индивидуална, а не колективна, за вчера да се огласат токму со колективно соопштение на Судскиот совет. Во него изразија „загриженост од изјавите на носителите на највисоките функции на државната власт.“
Демек, тие изјави се одразувале на интегритетот на членовите на Судскиот совет и на судиите и директно влијаеле врз перцепцијата и довербата на граѓаните за работата на Судскиот совет и судството.
Овие луѓе како ништо да не разбрале. Изјавите на носителите на највисоките функции не се причина за загриженост во Судскиот совет, туку се последица на незагриженоста на Судскиот совет и неговиот придонес за тоа што имаме судство во слободен пад.
Да имавме навистина некакви „супермени“ во Судскиот совет, професионалци на кои не можеш да им најдеш никакава мана во работењето, луѓе што претставуваат модел на непристрасност и професионалност, граѓаните гласно ќе го исвиркаа премиерот, претседателката и кој било друг што ќе се дрзнеше да повика на оставки во тоа тело.
Притоа, не заборавајте – оставка од членовите на Судскиот совет уште пред две години побара Коалицијата сите за правично судење и уште дваесетина граѓански организации, кои беа дел од Платформата за борба против корупцијата и Блупринт групата за реформи во правосудството.
Епархија или судско тело
Кога игнорираат таков повик, самите откриваат дека се сензибилизирани (да не речам дресирани) да реагираат само на политичкото. И сега, што направија „индивидуалците со интегритет“ од Судскиот совет, огласувајќи се со колективно соопштение? Ништо паметно, освен што колективно ги легитимираа сите скандали во тоа тело, вклучително и периодот кога тоа тело беше нелегитимно.
Па, владата ли незаконски ја смени Весна Дамева, или нејзин колега ѝ направи пуч? Владата ли незаконски избра нов претседател на Судскиот совет или интегритетните индивидуалци во него?
Мицкоски ли им го избра Сашко Георгиев, кој првото нешто што го изјави по незаконскиот избор за претседател беше „јас сум верник, верувам во Господ, верувам во себе, верувам во сите вас, верувам дека ќе имаме правец на движење во позитивна насока.“
Ниеднаш не спомна ниту Устав, ниту закони, небаре го избрале за митрополит на епархија, а не за претседател на Судски совет. И тој со сиот „интегритет“ тврдеше дека изборот е законски. Па, се потврди дека е незаконски. Кому му фали влакно од главата? Никому.
И сега, како тазе отрезнети по две чаши расолница, од Судскиот совет држат лекција дека „секој обид за поткопување на независноста на судската власт преку притисок од каков било вид и од кого било против членовите на Судскиот совет и судиите претставува директна закана за независноста и демократијата на државата и владеење на правото.“
Прашањето е – каде ги лоцираат обидите за такво нешто – во изјави на функционери или во серија причини и последици што довеле до состојба тие изјави да добијат оправданост и релевантност.
Непринципиелна кооперативност
Каде беа од Судскиот совет истово ова да го кажат, кога претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, беше ставена на сослушување кај нив, божем поради неприсуство на седници, а практично поради жесток притисок да ги оживее аболициите на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, со цел враќање на Никола Груевски преку запирање на судските постапки против него и за ослабнување на позицијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Со ова соопштение морално ја легитимираа и таа епизода – обидот на Миљазим Мустафа за разрешување на Беса Адеми. Таа иницијатива, за среќа, не помина, ама видливо беше разочарувањето кај некои членови – дека други членови ретерирале во дискусиите, бидејќи едно се говорело на работни колегиуми, а друго пред јавноста.
Верувам дека е така – едно си планирале, ама кога седниците ќе станат јавни и ќе се вклучат камерите, малку потешко е да се протуркаат нарачките.
Тој притисок врз Адеми, не беше ли притисок? Зар не им беше барем малку непријатно што најмалку две амбасади од земји со неколкуцифрени инвестиции за правосудните реформи мораа да реагираат на тоа, а едниот отиде и директно во Мала Речица за да му каже два збора на Ахмети.
И да е лакрдијата уште поголема, потенцираат дека „членовите на Судскиот совет и судиите мора да бидат ослободени од каква било форма на притисок и влијание, за тие да одлучуваат самостојно и независно.“
Па, секако дака треба да бидат слободни, но како ќе се ослободат кога самите прифаќаат да им биде ставен оглавник? Кој да ги ослободи од оглавникот ако го прифатиле како супститут за немоќта и на друг начин да влезат во тоа тело, освен ставајќи ја нивната кооперативност на услуга на тој што ги номинирал?
Анализа – на што?
Првите изјави на членови на Советот беа „прво ќе ја анализирам интерпелацијата“, а не кажаа ни збор за анализа на грешките – лични и колективни. Тоа зборува дека воопшто не постои свест оти членовите одамна се „разрешени“ во очите на најголемиот дел од јавноста и дека повеќе не постојат никакви очекувања од нив додека тие сe занимаваат со „анализој, дискутој.“
Нивно право е да не дадат оставки, да си останат глуви и слепи за реалноста, да си живеат во некој имагинарен замок од слонова коска, каде што ќе си создаваат слика за лажни успеси и ќе ламентираат дека не се сфатени нивните напори.
Притоа ќе му потрошат време на општеството, без да разберат дека оние со „политичките изјави“ им дале шанса за излезна варијанта од Авгиевата штала.
Еве нека кажат еден (1), барем еден пример кога членови на Судскиот совет направиле нешто за да бидат сфатени како авторитети? Во полуреченици ќе спомнеа за притисоци од таму-ваму, од „судско-бизнис елити“, ама никогаш јавно не ги соопштија имињата на тие што вршеле притисок. Немаа „balls“, што би рекол Димитар Ковачевски.
На крајот, тие сами ја исцртуваат главната линија на разграничување – дали суштински ја разбирале обврската и позицијата што ја имаат или ја доживуваат само како синекура – доброплатена должност што не бара особен труд. Одговорот е и повеќе од јасен.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија