Никој со сигурност не може да предвиди како ќе се развива ситуацијата во Украина, но досегашните „знаци покрај патот“ укажуваат на неколку факти. Путин повторува дека е решен да оди до крај. Зошто би покренал толкава воена машинерија, ако треба да запре на половина пат.
Ако не го освои Киев и не инсталира проруска власт, нема да го изгуби само Киев, туку ќе ја изгуби и Москва. Но, Москва може да ја изгуби и ако го добие Киев зашто на долг рок, со сегашните санкции, неговата власт не би можела да ја одржува таквата „победа“. Како ќе ја „администрира“, кога и неговата, во моментов најизолирана земја во светот, веќе е на пат бргу да остане без супстанца за нормален живот зашто резервите бргу се трошат, особено во војна.
Сегашната пандемиска осуда на руската агресија и санкциите навистина се декларирање енергичен став против војната, но тие не само што не се доволни да го вразумат агресорот (да имало разум, не ќе имало војна), туку и дополнително го разјаруваат
Затоа Путин брза. Економските санкции од Западот не му оставаат многу простор за маневар. Како што Русите ќе се соочуваат со последиците од санкциите, така секој ден сѐ повеќе ќе ја губи пoддршката дури и на јавноста, која досега му била наклонета. Бизнис-елитите, кои се најдиректно засегнати и оштетени од санкциите, ќе почнат да се вртат против него (некои веќе го направија тоа), а гневот дополнително ќе расте со секој загинат руски војник на украинскиот фронт.
Протестите против војната ќе стануваат сѐ побројни, а безбедносните сили нема да успеваат да ја замолкнат опозицијата толку ефикасно како досега. Во моментов, поддршката на Путин се крепи на силна пропаганда низ сите државни руски медиуми, кои објавуваат дека Русија „е во операција за ослободување на Украина“.
Веќе им е ставен клуч и на единствените независни медиуми, кои објавуваа дека Русија врши агресија, откако претходно не ги прифатија предупредувањата како „точно“ треба да известуваат. Во руските државни медиуми нема слики за украинските бегалци што ја напуштаат земјата пред руската агресија, ниту за страдања на цивилите, ниту за уривање домови или детски градинки.
Ваквиот паралелен „филм“ што се врти во Русија, не може вечно да се одржува, бидејќи руските граѓани и на друг начин можат да дојдат до пристап до иформации, поинакви од државно наложените. На Путин му се брза да направи пробив пред да му пукне тој пропаганден балон дома.
Иако во моментов продолжувањето на војната е поголема закана за неговата власт, отколку нејзиниот прекин, проблемот е што второво тој би го доживеал како понижување, наспроти митот што со години го гради за себе: нескршлив, истраен, непоколеблив… Но, тој голем мит истовремено го содржи и најголемиот дефект: ем не создава излезна варијанта за Путин, ем носи опасна влезна фактура за целиот свет. Угоре високо, удолу длабоко.
Токму стравувањето дека секој негов чекор назад би се третирал како негова слабост, го води Путин кон сѐ поопасни авантури, каква што се случи и на деветтиот ден од руската агресија – руска граната врз најголемата украинска нуклеарна електрана во Запорожје. Зар Русија не била свесна каков можел да биде исходот од тоа?
Свесна е. Исто како и во 2015 година, кога истата електрана мораше да запре со работа поради проблеми за кои се утврди дека биле резултат на саботажа. Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија сега вели дека не е откриена промена во радиоактивноста, но, сепак, ќе бара на нивните службеници да им биде овозможен пристап за да направат инспекција.
Не е слабост да се повлече чекор кон итен дијалог, слабост е да не се повлече. Секој ден без разумна акција е залудно потрошен ден, со многу жртви
Зеленски предупреди дека рускиот напад можел да предизвика уништување, кое може да се спореди со шест „Чернобили“ и дека зад Украина е ноќ што можела да го запре текот на историјата. И тоа на сите им е јасно. Но, мора да биде појасно – зошто Путин си игра со таков оган? Бидејќи нема излезна варијанта, се обидува самиот да ја изнуди со сѐ поопасни провокации, кои наликуваат на „одење до крај“. Целта е тој да не се повлече, туку прв да биде повикан/замолен на маса за дијалог. Пред сѐ, од САД.
И сега, кога проценките се дека „најлошото допрва доаѓа“ (Макрон) или дека „ако чувствува дека ставањето во игра на нуклеарниот арсенал му дава предност, Путин ќе го стори и тоа“ (Ричард Ширеф поранешен втор човек на НАТО во Европа), дали Западот ќе чека да види до каде е навистина подготвен да оди Путин, според Ширеф, „тој тешко вооружен, изолиран, ирационален, бесен, стар човек“?
Или, по цена на својата мудрост (а не слабост), Западот, сепак, ќе се обиде да најде дипломатски начини да го запре неговото лудило. Во време кога се губат стотици и стотици животи, најбитно е да се спречи можноста војната да ескалира и да се избегне опасноста Алијансата да биде испровоцирана и инволвирана во неа.
Обединетоста на светот во осудата на руската агресија и санкциите кон неа не се доволни, токму поради ирационалноста на Путин. Обединетоста на светот мора да се покаже, пред сѐ, и во решеноста низ дијалог да се најде решение за прекин на војната. Јасно е дека тоа е сѐ потешко, кога воените дејства се во ек, но во тоа е и умешноста на дипломатијата.
Сегашната пандемиска осуда на руската агресија и санкциите навистина се декларирање енергичен став против војната, но тие не само што не се доволни да го вразумат агресорот (да имало разум, не ќе имало војна), туку и дополнително го разјаруваат.
„Не постои нешто такво, како што е ‘неизбежна војна’. Aко дојде до војна, тоа е затоа што затаилa човечката мудрост“, рекол некогашниот британски премиер Ендрју Бонар Лоу. Па, по што ќе се разликува демократскиот свет од недемократскиот, ако сега не покаже мудрост?
Не е слабост да се повлече чекор кон итен дијалог, слабост е да не се повлече. Секој ден без разумна акција е залудно потрошен ден, со многу жртви. Оставајќи го дијалогот „за понатаму“, може да стане доцна за сѐ. Предоцна за целиот свет.