Доктор Дабиќ и неговиот асистент

„Почнав да живеам сам, излегував доцна навечер за да шетам и да купувам храна. Кога полицијата почна да трага по станови во кои наводно не живее никој, решив да се покажам пред соседите, за да видат дека тука живее некој обичен чичко.“ Вака раскажуваше Радован Караџиќ, кој со години беше бегалец од правдата, создавајќи си нов идентитет: „психолог, доктор Драган Дабиќ“.

Трансформацијата на ликот ја постигна со долга и густа брада, сламена шапка, 30 килограми помалку и сосема поинаков стил на облекување – ролки и широки маици и панталони. Со брзи курсеви за здрава исхрана и парапсихологија стигнал дури да држи предавања и да работи како консултант на две приватни лекарски ординации во Белград.

Летувал во Чиово крај Сплит, час глумејќи турист, час некаков локален „барба Дује“, посетувал фестивали, јавни настани… Сѐ додека не беше уапсен на 18 јули 2008 година, во градскиот автобус 73 на пат кон блокот 45 во Нов Белград, каде што живеел со новиот идентитет. Призна дека таквата „слобода“ му била најголем затвор: морал да излегува кога другите спијат, да го трансформира гласот, да проверува кој оди зад него, да носи мини ретровизорче за да ја надгледува позадината додека пие кафе на јавен простор, да го менува засолништето кога нешто ќе му се причини сомнително, да живее во постојан грч и страв… 

Горан Грујевски и неговиот колега избраа сличен пат. Дали Македонија ги доби своите „доктор Дабиќ и неговиот асистент“? Не верувам дека долгата брада со која Грујевски се појави на едно од рочиштата била некаква генерална проба за планираната трансформација, бидејќи тоа би било однапред видена и потрошена карта.

Оние кои се упатени во оваа проблематика, велат дека за човек кој толку години поминал на раководна позиција во УБК, не е проблем да обезбеди „колекција“ од патни исправи со туѓ идентитет, со кои ќе може да замине каде било и со каков имиџ сака

Освен ако не се употреби во друг камелеонски контекст – во комбинација со монашка мантија и темна ќелија каде што присутните се заветени на молк: одлично алиби за да се скрие гласот, а со мантијата и стасот. Можностите за тоа се широки од овде преку монашки ќелии во Србија до Република Српска, можеби и Русија…

Но, оние кои се упатени во оваа проблематика, велат дека за човек кој толку години поминал на раководна позиција во УБК, не е проблем да обезбеди „колекција“ од патни исправи со туѓ идентитет, со кои ќе може да замине каде било и со каков имиџ сака. Но, она што е многу важно – е дали Грујевски и Бошковски тоа го прават на своја рака и овде, или надвор, и со чија помош – домашна или странска, од криминални, бизнис, безбедносни или политички кругови?

Тоа не се мали туку важни разлики. Со оглед на нивниот професионален бекраунд тие можат да ѝ нанесат штети за земјата, без разлика дали имаат покровител за бегството или самите набрзо ќе станат посакуван „трофеј“ на некоја служба? Во крајна линија, сите варијанти ги влечат двајцата кон уште подлабоко дно. Со еден збор, за Грујевски и неговиот колега е најсигурно да бидат дома, дури и кога тоа „дома“ е притворско одделение, каде за разлика од нив, досега без основа престојуваа многу невини граѓани, и тоа не со денови и месеци туку со години.

Со бегството, покрај индиректното признавање на основаноста на решенијата за притвор и обвиненијата со кои ги товари СЈО, Грујевски и Бошковски најсилно ја акцентираа потребата од нужни реформи во правосудството. Во моментов нивното поведение ќе биде најдлабоката „екстерна експертиза“ за групата на Прибе, што ќе ги диктира реформите и ќе ги пополнува дупките кои создаваат правни преседани и неправди.

Целиот тој оперативен и психолошки комплот на бегството, останува голема провокација за безбедносните служби. И не само за нив. На пример, славниот Пауло Коелјо имал желба да напише роман за Радован Караџиќ и таков предлог испратил до Хашкиот трибунал. Бил подготвен две недели да престојува во затворот за да ги слушне сите приказни, дилеми и внатрешни кризи, скриени под маската на доктор Дабиќ. Но, тоа наводно не било прифатено од докторот.

За волја на вистината, до Дабиќ побрзо од Коелјо стигна нашата Соња Тарчуловска. Според нејзино лично признание („Караџиќ ме лекуваше во Хаг“, Вест, 2.10.2009), докторот го запознала при една посета на нејзиниот сопруг Јохан, во затворот во Хаг. Тој помогнал да ѝ поминат силната забоболка и главоболка, што ги добила како последица на тазе ставените заби, кои ѝ биле осмомартовски подарок од Јохан.

Со бегството, покрај индиректното признавање на основаноста на решенијата за притвор и обвиненијата со кои ги товари СЈО, Грујевски и Бошковски најсилно ја акцентираа потребата од нужни реформи во правосудството

„Ја стави неговата рака на местото каде што ме болеше и ја држеше пет минути. Не е шега. Навистина за пет минути ми исчезна целата болка. Стражарот му дозволи да биде со нас само пет минути, и затоа ми рече дека доколку пак ми се повтори, сама да си ја ставам мојата рака, а тој со испраќање на неговата енергија и со верба во Бога ќе ми помогне да ја смирам болката“, раскажуваше Тарчуловска.

Нашиве Дабиќи, тешко дека ќе можат да ги лечат овдешните болести со допир на раката. Напротив, раката на правдата е во потрага по нив, без оглед што некој ги поттикнува да не се предаваат, храбрејќи ги дека „долга е раката на ВМРО-ДПМНЕ“. Всушност, сите проблеми настанаа, затоа што премногу често ја ставале долгата рака врз комуникациите, врз судството…

Затоа оваа општествена „забоболка“ нашиве Дабиќи не ќе можат да ја лечат со истата рака. Таа ќе може да се излечи само со брза екстракција на расипаните заби, лоцирани во правосудството, безбедносниот систем и неговата контрола…

И верувам дека бегалците брзо ќе се соочат со реалноста – дека е подобро еднаш да ја преминат капијата на Истражниот затвор, отколку секој ден да „живеат“ скриени во глувчешки дупки, без разлика дали се тоа луксузни апартмани или овчарски колиби. Нема поголем притвор од таквата „слобода“.