Не се сомневам во добрите намери на шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, но за крајно несоодветен го сметам начинот на кој ја илустрираше динамиката за очекуваните реформи и оценките за нив. Ги спореди со видео-игра, во која кога ќе се постигне одредено ниво се добиваат поени, па се продолжува кон следното ниво, па кон уште потешкото итн. Споредбата очигледно фатила корен, бидејќи и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, уште еднаш со сласт ја прераскажа, небаре споделува некакво генијално откритие.
Во суштина, принципот на валоризација на остварените критериуми на патот до ЕУ, навистина е таков – напредување и наградување. Но, неговото илустрирање со ваков пример, набере наменет за деца кои единствено го разбираат јазикот на видео-игрите, води кон вистинско банализирање на огромните обврски што стојат пред Владата, но, за жал, не по вообичениот период туку по една цела деценија на максимална девастација на земјата.
Зошто велам дека примерот не е соодветен, дека е под очекуваното ниво на ЕУ, и под вистинската проценка за тежната на „македонцките работи“?
Македонија од ЕК навистина добиваше реални поени: и кога здравството тонеше, и кога на видео-спотови ни го претставуваа како ќе изгледа „Скопје 2014“, и кога полицијата ги полнеше ударните термини со политички монтирани апсења, и кога се гасеа критичките медиуми, и кога демократијата беше уништувана од волјата на мала група луѓе.
Затоа што потсетува на неподносливата леснотија на неодговорноста со која во некои изминати години на Македонија ѝ беа давани лесни „поени“. Токму во клучните години кога се калеше заробената држава, Македонија добиваше оценки дека остварила ваков или онаков напредок, нешто што навистина можело да биде отелотворено само во лавиринтите на видео-игра, но никако и валозирано од ЕК како реална општествена практика.
Ете, и во такви времиња, Македонија добиваше преодни оценки, докази дека отишла на повисоко ниво… Сѐ додека ѓаволот на ја однесе шегата, па аудио снимките открија колку била забегана режимската машина, и колку слепа диоптријата на ЕК.
Се покажа дека во име на некаква стабилност (обезбедена на авторитарен начин), Брисел подзамижуваше пред газењето на демократијата, правната држава, слободата на медиумите… Не ги проблематизираше соодветно тие драматични назадувања туку млако ги акцентираше, на ниво на некакви индиции, изолирани појави, а не како растечки и загрижувачки трендови.
Така со години течеше видео-играта во која режимот добиваше поени и благи критики (во однос на горчливиот учинок) и си преминуваше кон следното ниво. Тоа што следното се покажа како детронизирачко за власта, не беше резултат на скенот од страна на ЕК туку на опозициските „бомби“.
Бриселските функционери не треба да му прогледуваат низ прсти на Западен Балкан, ниту да го интегрираат поради страв од неговите воинствени пориви, бидејќи и самата помисла на војна води кон дезинтеграција.
Тие покажаа каков е реалниот извештај за Македонија, за разлика од ЕК која до 2015 година не успеа во меѓунивоата на „реформите“ да идентификува антиреформска и девијантна врхушка, за која вреди да го вклучи алармот. Тоа што сега се отворени „четири очи“, не го надоместува времето кога се мижело на двете.
Могерини, очигледно, сака метафори („Следното ниво од видео-играта е спроведување на реформите“, „Време е да почнеме да трчаме заедно“). Преку метафори разговареле и со Иванов. Не дознавме какви.
Но, знам дека често сме ги слушале, и дека сме пречекувале и европски министри кои ни го покажувале времето на нивниот часовник.
Не знам зошто европските функционери мислат дека живееме во илузии. Ние точно знаеме колку сме назад и колку треба да сработиме за да фатиме чекор. Дали, и кога ќе се изедначиме со развиениот свет, ќе раскажуваат генерациите по нас. Но, се чини дека еден метафоричка шлаканица на шансата што се создава пред Македонија, удри и претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер. Во желба да ја покаже важноста од интегрирањето на земјите од Западен Балкан, тој изјави: „Ако не се отвориме за државите од тој многу сложен и трагичен регион, и ако не им дадеме европска перспектива, ќе видиме војна во регионот, како што видовме во 90-тите години“.
Па, каков напредок регистрирала ЕК, ако нејзиниот претседател стравува од нова војна? И дали сите земји од Западен Балкан (повеќе стеротипна, отколку географска одредница за земјите од овој дел на Европа) можат да се стават во ист кош?
Македонија гради добри односи со соседите, со што од своја страна максимално инвестира во регионалниот мир, безбедност и соработка, па ваквите изјави не се мотивирачки кон преминување на следно ниво на „видео-играта“ туку крајно фрустрирачки. Ваквата генерализација, како и поделбатата на стара Европа, нова Европа и „остатокот“, односно маргините на Европа, се одраз на висока арганција на европската администрација.
За почеток Брисел треба да покаже малку повеќе разбирање за граѓаните кои во многу потешки домашни и меѓународни услови го трасираат својот пат.
Јункер во шега може да му се обрати на Орбан со „диктаторе“, но поинаку ќе се однесува кон она што стои од другата страна на шегата. Бидејќи таа диктатура е внатре. Сосема различен е односот кон оние однадвор. Ако има искрење на одредени балкански релации, секако, причините за проблемот треба да се решаваат таму. Но, не е без вина ни Брисел, кој секогаш си негува по некое балканско миленче кое го препорачува и фали сѐ додека не се разочара во него. Потоа бара „друго дете“.
Сегашниот притисок од геополитиката, во комбинација со стравот од нерешените балкански проблеми, не смее срамно да се претвора во клучна „препорака“ за прибирање на овие земји под закрилата на ЕУ пред да им зовријат „традиционалните“ баканско-воени страсти.
Со ваква „репутација“, се убива мотивацијата за нивно трчање до следното ниво на играта, бидејќи собираат поени за доближување до санитарното претсобје-карантин каде што балканската класа Европејци првин треба да се исчистат од барутните честички.
Ако некои од балканските земји имале криминални или авторитарни водства во еден период, тоа не значи дека кај нивните граѓани не постои свест и желба за европски стандарди. Напротив, потребата кај „Балканците“ е многу поразвиена отколку кај генерациите Европејци родени во зрели демократии, кои сметаат дека тие стандарди природно им следат со раѓањето и со матичниот број, и кои никогаш не морале да се борат за нив.
Во тоа е разликата. Бриселските функционери не треба да му прогледуваат низ прсти на Западен Балкан, ниту да го интегрираат поради страв од неговите воинствени пориви, бидејќи и самата помисла на војна води кон дезинтеграција. За почеток, доволно ќе биде да покажат малку повеќе разбирање за граѓаните кои во многу потешки домашни и меѓународни услови го трасираат својот пат. Критериумите можеби се исти за сите, ама напорите на овие земји се двојно и тројно поголеми, бидејќи стартните позиции им почнуваат со драматични „минуси“.
Матафорички кажано, знаат дека е далеку сонцето, но не сакаат некој да им прави сенка на патот до него.