Регион

Опозицијата во Србија бара да се забрани митингот на Шешељ во Хртковци

Филип Рудиќ, Белград

Шешељ со пратениците на СРП во Собранието на Србија. Фото: Теодора Ќириќ/Бета

Демократската партија и Лигата на социјалдемократи на Војводина, ја повикаа Владата на Србија, да го забрани митингот кој на 6 мај Шешељ планира да го одржи во Хртковци, на годишнината од неговиот запалив антихрватски говор одржан во ова исто село во 1992 година, поради што Хашкиот суд го осуди за воени злосторства.
 
Пратеникот на Демократската партија, Балша Божовиќ, соопшти дека партијата ќе биде принудени да ги „заштити“ луѓето, на кои Шешељ, со одржувањето на овој настан во Хртковци, во српската покраина Војводина, „повторно им се заканува со протерување и со насилство“.
 
„Неговата најава за нов митинг во Хртковци … е токму последица на повеќедневното игнорирање на неговото однесување, иако во повеќе случаи, државните органи беа должни да реагираат“, вели Божовиќ во своето соопштение.
 
Инцидентите во кои учествуваат радикалите станаа сѐ почести откако невладини организации и политичари на опозицијата укажаа дека пресудата со која неодамна Шешељ беше осуден за воени злосторства, законски подразбира одземање на неговиот пратенички мандат.
 
Во средата, парламентарна делегација од Хрватска, предводена од претседателот на Собранието, Гордан Јандроковиќ, ја прекина својата посета на Белград, бидејќи Шешељ ги навредуваше членовите на делегацијата и го згази хрватското знаме.
 
Лигата на социјалдемократи на Војводина (ЛСВ), смета дека планираниот митинг во Хртковци, е докази дека Шешељ и неговата партија „имаат намера да продолжат со прогонот и заплашување на граѓаните од несрпска националност и на политичките противници“.
 
„Ако институциите случајно продолжат да го игнорираат Шешељ и неговите соучесници, ЛСВ, која што пред 26 години од овие исти радикали со своите тела ги чуваше соседите, е подготвена да го направи тоа повторно“, се вели во соопштението на претседателот на ЛСВ, Ненад Чанак.
 
Од друга страна, Шешељ, во српскиот парламент, на новинарите им изјави дека полицијата нема основа да го забрани митингот во Хртковци и дека тој ќе се одржи.
 
„Собирот беше уредно пријавен, ќе имаме редарска служба и тоа ќе биде мирен политички собир … Како што беше мирен и собирот во 1992 година, ниту тогаш немаше инциденти“, изјавил Шешељ, пренесува Бета.
 
Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) во Хаг, на 11 април, во отсуство, го осуди Шешељ на десет години затвор за поттикнување на злосторства со националистички говори, кои за време на војната во 1992 година, ги држел во Војводина.
 
По одржувањето на неговите говори, во кои тој повика на протерување на Хрватите од Хртковци, следеа насилни акти врз хрватските цивили.